Данок на личен доход

Што е данок на личен доход?

Данок на личен доход е данокот кој секој даночен резидент го плаќа на остварениот личен доход, односно заработка.

Стапката на овој данок е 10% од хонорарот. Не е важно дали хонорарот е исплатен од македонски или странски клиент и во која валута е исплатен. Не е важно ни дали е редовен или повремен, не е важна ни сумата. Не е важно ни дали парите го добивате на сметка во домашна или странска банка. Нема хонорар кој не подлежи на данок на личен доход.

За разлика од фриленсерите, редовно вработените плаќаат 10% на износот кој останува откако од бруто платата ќе се исплатат придонесите за социјално осигурување.

За да сфатите кој и што треба да плати, треба прво да дефинираме:

  • што е даночен резидент и

  • што е личен доход.

Што е даночен резидент?

Даночен резидент е тој што треба да плати данок. Даночен резидент во Македонија е секое физичко лице кое во Македонија има постојано живеалиште или престојувалиште.

Живеалиште е местото во кое имате намера да живеете постојано. Тоа место ви е заведено како адреса во личната карта и пасошот. Ако имате живеалиште во Македонија, овде плаќате данок, освен ако немате регулиран престој во странство на период подолг од 183 дена.

Престојувалиште е место каде што престојувате привремено надвор од местото кое е ваше живеалиште.

Во Законот за данок на личен доход пишува дека даночниот резидент има престојувалиште во Македонија ако престојувал на територијата на државата најмалку 183 дена. Тоа не значи дека можете само да ја поминете границата, да не се вратите 183 дена и да не должите данок во Македонија. Поопширно за тоа прочитајте на Митот за 183 дена престој (хинт: и понатаму треба да платите 10% данок во Македонија).

Што е личен доход?

Личен доход (односно заработка) е секој од следните видови на доход остварен во земјата или во странство:

  1. доход од работа;

  2. доход од самостојна дејност;

  3. доход од авторски и сродни права;

  4. доход од продажба на сопствени земјоделски производи;

  5. доход од права од индустриска сопственост;

  6. доход од закуп и подзакуп;

  7. доход од капитал;

  8. капитални добивки;

  9. добивки од игри на среќа;

  10. доход од осигурување и

  11. друг доход.

Последното, друг доход, покрива се што не е наведено овде. Тоа значи дека не постои вид на личен доход кој не е опфатен со овој закон и кој не се даночи.

Исто така, се даночи и приходот остварен од странски клиенти, вклучително и парите кои ви се исплатени на Payoneer сметката.

Законот прецизира и дека се даночат сите приходи, без разлика дали се остварени во пари, хартии од вредност, во натура, или во некој друг вид.

Ова значи дека ако клиентот ви плати во пари, плаќате 10% данок на тоа што ви платил.

Ако клиентот ве компензирал за работата во криптовалути, хартии од вредност, натура (недвижнини, жито, кокошки), ќе платите данок на пазарната вредност на компензацијата.

Како се плаќа персонален данок на доход?

Персонален данок на доход се пријавува и плаќа секој месец. Се плаќа до десеттиот ден од месец за претходниот месец. За приход остварен во април, се пријавува најдоцна до 10 мај, а се плаќа најдоцна до 15 мај. За приход остварен во мај, се пријавува најдоцна до 10 јуни, а се плаќа до 15 мај.

Ако не го пријавите на време, прочитајте повеќе овде.

Ако задоцните со плаќањето, станувате должник на УЈП и по некое време ќе добиете опомена и рок за плаќање пред да ви иницираат извршна постапка. За тоа повеќе овде.

За да платите данок потребно е да имате кориснички профил на УЈП. Откако ќе го креирате, можете да пристапите до платформата за плаќање даноци на e-pdd.ujp.gov.mk.

  1. Логирајте се на вашиот профил. Ако немате кориснички профил на УЈП, тогаш креирајте нов.

2. Кликнете на Е-ПДД. Овде се пријавува данокот на личен доход.

3. Потоа кликнете на Сними податоци за подносител.

4. Потоа кликнете на Нова ставка.

5. Следно што ќе го видите е овој прозорец, кој ви овозможува да го одберете видот на доходот кој се пријавува.

6. Кај вид на доход одберете доход од работа. Кај вид на поддоход можете да одберете консултантски услуги, интелектуални услуги или други провремени или привремени услуги.

Внесете го и бруто приходот.

Ако сте пропуштиле да пријавите данок за некој претходен месец, можете лесно да го смените датумот каде што е заокружено со црвено и да го пријавите и тој доход.

7. Внесете го пин кодот кој ќе го добиете на мејл. Кодот понекогаш стигнува во спам фолдерот. Откако ќе го внесете, чекајте пресметка од страна на УЈП.

ДАЈТЕ МИСЛЕЊЕ ЗА СОДРЖИНАТА

Last updated