# FreelanceFrom.MK

Добродојдовте на Freelance from MK.

Ова е база на одговори на повеќето правни прашања со кои фриленсер кој живее и работи во Македонија може да се соочи во својата кариера.

Овде има информации за примањето исплати од странство, плаќањето даноци и придонеси, основање фирма во Македонија и во странство, договори и фактури, како и правните аспекти на поседувањето на сопствен веб сајт.

Ако читате на десктоп, лево има мени за навигација.

Ако читате на телефон, лево горе има мени од каде што може да изберете што сакате да читате.

Неколку линкови до побитната содржина:

[Данок на личен доход](https://www.freelancefrom.mk/danoci/danok-na-lichen-dokhod)

[Што ако до сега не сум плаќал данок?](https://www.freelancefrom.mk/danoci/shto-ako-do-sega-ne-sum-plakjal-danok)

[Примање пари во македонска банка](https://www.freelancefrom.mk/primanje-pari/banka-vo-makedonija)

[Примање пари во странска банка](https://www.freelancefrom.mk/primanje-pari/banka-vo-stranstvo)

[Примање пари преку финтек компании (како Payoneer и Wise)](https://www.freelancefrom.mk/primanje-pari/fintek)

[Здравствено осигурување](https://www.freelancefrom.mk/socijalno-osiguruvanje/zdravstveno-osiguruvanje)

[Пензиско осигурување](https://www.freelancefrom.mk/socijalno-osiguruvanje/penzisko-osiguruvanje)

[Основање на фирма во Македонија](https://www.freelancefrom.mk/firma/osnovanje-i-vodenje-firma-vo-makedonija)

[Основање на фирма во странство](https://www.freelancefrom.mk/firma/osnovanje-i-vodenje-firma-vo-stranstvo)

[Основање на фирма во Америка](https://www.freelancefrom.mk/firma/osnovanje-i-vodenje-na-firma-vo-amerika) (можете со [Neubase](https://neubase.co/))

[Како е регулирана фриленс работата во Македонија](https://www.freelancefrom.mk/pozicija-na-frilenserite-vo-makedonija/frilenser-spored-makedonskite-zakoni)

**TL;DR:** Најголем проблем е како да се донесат парите во Македонија со што е можно помали трошоци пред државата да си ги побара своите 10%. Има повеќе начини да ги добиете вашите пари во Македонија. За нив се плаќа 10% данок (нема легален начин да го избегнете данокот). Не мора да плаќате други давачки, но ако сакате можете да си плаќате здравствено и пензиско осигурување. Можете да се осигурате самостојно, преку агенција, преку ваша фирма во Македонија или странство. Основање на фирма во странство може да елиминира голем дел од овие проблеми. Имате избор.

Проблеми постојат, но решливи се. Содржината на веб страницата ќе ви разјасни кои се можните решенија или како да ги побарате.

На крајот се дадени и можни сценарија во врска со тоа како ќе го уредите својот фриленсерски статус. Секое сценарио дава преглед на трошоците, правата кои ги стекнувате со тие трошоци и колку пари ви остануваат за трошење на крајот.

За да одите веднаш до сценаријата, кликнете на некој од следните линкови:

[Сценарио 1](https://www.freelancefrom.mk/mozhni-scenarija/scenario-1) - плаќате само данок без да се осигурате

[Сценарио 2](https://www.freelancefrom.mk/mozhni-scenarija/scenario-2) - основате фирма во Македонија

[Сценарио 3](https://www.freelancefrom.mk/mozhni-scenarija/scenario-3) - го регулирате статусот преку агенција или фирма на познаник

[Сценарио 4](https://www.freelancefrom.mk/mozhni-scenarija/scenario-4) - плаќате данок и се осигурувате

[Сценарио 5](https://www.freelancefrom.mk/mozhni-scenarija/scenario-5) - основате фирма во странство

[Сценарио 6](https://www.freelancefrom.mk/mozhni-scenarija/scenario-6) - не плаќате ништо

За опширно да се информирате за сите правни прашања од областа на фриленсингот во Македонија, изберете некоја од опциите во лентата за навигација од лево.

Ако имате прашања кои не се одговорени овде, контактирајте ме на <petar@pragmaticlab.io> и ќе го додадеме одговорот овде.


# За FreelanceFrom.MK

Здраво, јас сум Петар.

Правник сум, а во последните 4+ години (покрај други работи) работам фриленс.

Ко-основач сум на [Neubase](https://neubase.co/), компанија која овозможува да отворите своја фирма во САД со цел да се ослободите од бирократијата дома. Го изодев тој пат и стојам на располагање за други фриленсери и претприемачи кои работат глобално.

Во моментов во дел од времето исто така работам со [Secure Privacy](https://secureprivacy.ai/). Компанијата прави софтвер кој им овозможува на корисниците да го усогласат работењето со законите за заштита на личните податоци (GDPR, CCPA, LGPD, PIPEDA и други).

Таму работам се што е некако поврзано со правото - на развој на продукти, на вградување на законите во софтверските решенија, креирање содржини за едукација на корисниците и за блогот, на договори, работам со маркетинг тимот, итн.

Во останатиот дел од времето работам и со други клиенти на усогласување на нивната работа со законите за заштита на личните податоци и на други работи каде што се спојуваат правото и информатичките технологии.

Заговорник сум за [користење на едноставен речник во правото](https://www.plainlanguage.gov/guidelines/) и на користење на информатички технологии секаде каде што е тоа можно со цел да се подобри корисничкото искуство во давањето на правни услуги. Посебно обожавам продуктизација и автоматизација на процесите затоа што сметам дека правниците треба самите себе да се направат излишни во работите (како што тоа го прават програмерите со no code алатките).

Во изминативе неколку години поминав низ повеќето проблеми низ кои поминува секој фриленсер кој работи од Македонија.

Според прашањата кои постојано се повторуваат во Фејсбук групите на македонските фриленсери ([Сојузен комитет на фриленсери на Македонија](https://www.facebook.com/groups/MacedoniaFreelancers), [Freelancedonia - Унија на македонски фриленсери](https://www.facebook.com/groups/243264063728071) и [Upwork Huddle - Skopje](https://www.facebook.com/groups/1143241312471259)), многумина ги немаат решено истите тие проблеми.

Затоа го направив овој вебсајт - за да ги соберам сите одговори на битните прашања на едно место. Немаше таков кога јас се снаоѓав. Читав закони, се консултирав со луѓе по институции и со сметководители, тестирав разни алатки, но не мора секој поединечно да го прави тоа. Ни треба база на одговори на сите прашања и, кога не ја прават институциите, ќе си ја направиме сами.

Овде ги собрав одговорите на прашањата од групите кои го споменав погоре, но ако имате какви било други прашања, критики или совети во врска со Freelance from MK, слободно пишете ми на <petar@neubase.co> или поврзете се на [LinkedIn](https://www.linkedin.com/in/petartodorovski/).


# Упатство за користење

Содржината на freelancefrom.mk не претставува правен или финансиски совет, туку има само едукативна и информативна природа.

Информациите се однесуваат на тоа како стојат работите, а не зошто се такви. Содржината е политички неутрална и не навлегува во тоа дали државните политики се добри или не.&#x20;

Информациите се однесуваат само на тоа какви се правилата, а не како да не ве фатат додека ги кршите законите. Знам дека може да ве интересира како да не платите данок или како да добиете финтек услуги кои не се достапни во Македонија, но тука нема да најдете информации за тоа.

Информациите се групирани според темата. Имаат за цел да ги објаснат правилата по кои вие веќе работите.

Информациите немаат специфичен редослед. Можете да почнете од крајот и да завршите на почетокот или обратно. Пожелно е прво да го прочитате делот за позицијата на фриленсерите во Македонија за после да ви биде појасно зошто работите се такви какви што се.

Информациите се општи. Можете да ги примените на вашата конкретна ситуација и сами да добиете одговор на вашето прашање. Доколку не сте сигурни како да ги примените, консултирајте се со некого кој ги познава законите (адвокат, консултант, сметководител).

Ако имате правни прашања кои не се одговорени овде, а не се однесуваат на ваша конкретна ситуација, пополнете го прашалникот на [овој линк](https://tally.so/r/wbQ9E3).

Ако сте правник, може да најдете мани на текстот затоа што не е како во книгите на правен факултет (на пример, дефинирањето на данокот или на социјалното осигурување). Целта на веб сајтот не е да биде академски труд, туку на едноставен и разбирлив јазик да ги објасни работите на луѓето на кои правничкиот дијалект им е неразбирлив. Затоа на сајтот нема ниту една дефиниција како од книга.

Информациите се однесуваат само на фриленс работа. Не се однесуваат на онлајн трговија, affiliate маркетинг и други начини на работа кои се извршуваат онлајн. Исклучиво фриленс работа.


# Правила за користење

Ова се правилата за користење на freelancefrom.mk (Freelance from MK). Штом пристигнете на оваа веб страна, овие правила важат за вас. Имате две опции:

* да останете на веб страната и да ја користите соигласно овие правила, или
* да ја напуштите веб страната.

### Што е Freelance from MK

Freelance from MK e веб страница која содржи информации поврзани со правните проблеми и препреки со кои се соочуваат фриленсерите кои работат од Македонија.&#x20;

Информациите содржани на страницата:

* Имаат за цел да едуцираат и информираат.&#x20;
* Не се правен совет и не формираат однос помеѓу клиент и адвокат, консултант или сметководител
* Не се финансиски совет и не формираат однос помеѓу клиент и финансиски советник

Со користење на Freelance from MK прифаќате дека:

* Информациите на страницата може да не се ажурирани во даден момент. Може да се сменат законите, подзаконските акти, или праксата во институциите и компаниите.
* Информациите може да се разликуваат од тоа што во пракса во даден момент го практикува одредна институција, вработен во институција, компанија или вработен во компанија (информациите дадени овде се резултат на искуство, толкување на закони и консултации со сметководител и служебници од институции, но никој не може да гарантира дека некоја институција или комапнија спомената овде ќе ја смени својата пракса).

### Одговорност

Имајќи предвид дека информациите на Freelance from MK се од едукативна и информативна природа, како и дека се општи, прифаќате дека:

* вашето лаичко толкување може да не биде доволно за да ги примените на вашата конкретна ситуација и
* можно е да ви биде потребна дополнителна консултација со консултант, сметководител, адвокат или финансиски советник за да можете да одберете на кој начин ќе го уредите вашиот статус како фриленсер во Македонија.

Истовремено прифаќате дека само вие сте одговорни за какви било негативни последици кои може да настанат заради вашето толкување на содржините.

### Интелектуална сопственост

Содржината од freelancefrom.mk не смеете да ја копирате или да ја постирате на друга веб страна.

Смеете да преземете само делови од содржината, но при тоа задолжително е да поставите линк до целосната содржина на freelancefrom.mk.

### Контакт

За какви било прашања во врска со страницата, контактирајте ме на <petar@neubase.co>.


# Политика за приватност

Ова е политиката за приватност на freelancefrom.mk.

Контролор на личните податоци е Петар Тодоровски, со емаил адреса <petar@pragmaticlab.io>.

Freelance from MK не собира лични податоци.&#x20;

Страната користи Google Analytics за мерење на бројот на посетите на веб страницата во целина и на поединечни страници, но IP адресите се анонимизирани по дифолт, така што нема начин да бидете препознаени.

Сепак, Законот за заштита на личните податоци ви дава право на:

* Пристап до своите лични податоци
* Исправка на вашите лични податоци
* Бришење на вашите лични податоци („право да се биде заборавен“)
* Ограничување на обработката на вашите лични податоци&#x20;
* Пренесување на вашите лични податоци кај друг контролор&#x20;
* Повлекување на согласноста за обработка на личните податоци, доколку претходно сте дале таква согласност.

Барање за остварување на правата можете да го испратите на <petar@pragmaticlab.io>.

Одговорот (кој можете да претпоставите каков ќе биде) ќе го добиете во рок од еден месец од денот на поднесување на барањето.


# Фриленсер според македонските закони

**Заблуда:** Фриленс работата не е регулирана. Фриленсерите немаат никакви права.

**Вистина:** Регулирана е, само не со Законот за работни односи (каде што е регулирано вработувањето), туку со Законот за облигациони односи (каде што се регулирани договорите).&#x20;

Фриленсерите немаат работнички права затоа што не се вработени. Но, ги немаат ни обврските. А имаат право на избор дали и колку придонеси за социјално осигурување ќе плаќаат и со тоа да заработат и да заштедат повеќе за себе.

Фриленс работата е регулирана во македонското законодавство. Не можете да се регистрирате како фриленсер, како што може во некои други држави, но тоа не значи дека ништо не е регулирано.

Македонските закони не го гледаат фриленсингот како вработување, туку како слободно давање услуги. Регулирано е преку регулативата поврзана со давањето услуги (договорите), а не со онаа за работните односи.

Тоа е така затоа што фриленсерот не работи на конкретно работно место, туку на конкретен проект. Не работи врз основа на договор за вработување (кое би го врзало со работно место), туку слободно се договара со клиентот за условите под кое ќе ја испорача услугата.

Оттука, позицијата на фриленсерите согласно македонското законодавство овозможува слободно да одберат дали својата работа ќе ја организираат како да се вработени или својата работа ќе ја третираат како бизнис.

Ако сакате да бидете вработен, постојат механизми за тоа. Ако сакате да работите како посебен бизнис, има механизми и за тоа. Ако сакате слободно да давате услуги, имате слобода на тоа.

За да можете да донесете одлука што е најдобро за вас, прочитајте ја внимателно содржината на Freelance from MK, научете што добивате, а што губите со различните избори и потоа направете ја одлуката. Ако не сте сигурни што е најдобро за вас, консултирајте се со сметководител, адвокат, финансиски советник или некој друг што ги познава работите кои може да ви помогнат.

Вашата фриленс работа можете да ја организирате на три начини:

* како вработен, со користење на некој од механизмите за да се пријавите како вработен, да бидете социјално осигуран и (можеби) кредитоспособен
* како независен давател на услуги (independent contractor), со тоа што ќе ја искористите можноста да не плаќате придонеси во државниот пензиски фонд и да плаќате паушално во државниот фонд за здравствено осигурување
* како бизнис, имајќи предвид дека можете да основате компанија преку која ќе давате фриленс услуги на меѓународниот пазар (при што ефективната даночна стапка за фирмата може лесно да дојде на 0% ако фирмата ја основате надвор од Македонија и сами одлучувате дали и колку ќе плаќате социјални придонеси во државните фондови).

Ова не е стриктна поделба затоа што трите начини на работа се испреплетуваат во пракса. На пример, можете да си сновате фирма и да се вработите во фирмата. Можете и да бидете независен давател на услуги без да основате фирма, но де факто да функционирате како бизнис.

[**ДАЈТЕ МИСЛЕЊЕ ЗА СОДРЖИНАТА**](https://tally.so/r/nPZk03)


# Фриленсер - вработен

Можете вашата фриленс кариера да ја водите како да сте вработен доколку се пријавите како вработен преку:

* Еmployer of record сервис за фриленсери или агенција за привремени вработувања
* фирма на ваш познаник кој ќе ве пријави како да работите за него (а вие некако ќе му ги враќате трошоците за плата и придонеси за вас)
* ваша фирма, каде што ќе се пријавите како вработен и ќе се плаќате придонеси на сума која сами ќе ја определите

Во сите три случаи, можете сами да определите сума на која ќе се осигурате. Тоа може да биде минимална плата или на целиот хонорар кој ви го исплаќа клиентот.

При тоа, мора да плаќате придонеси за социјално осигурување во државните фондови. Ако сакате, можете дополнително да се осигурате и во приватни фондови.

Повеќе за тоа во делот за здравствено осигурување и пензиско осигурување.

Можете вашиот статус да го уредите согласно [сценарио 2](https://www.freelancefrom.mk/mozhni-scenarija/scenario-2) или [сценарио 3](https://www.freelancefrom.mk/mozhni-scenarija/scenario-3).

[**ДАЈТЕ МИСЛЕЊЕ ЗА СОДРЖИНАТА**](https://tally.so/r/3x5r9w)


# Фриленсер - давател на услуги

Вака функционираат најголем дел од фриленсерите во Македонија.

Немате никакви обврски кон државата, со исклучок на данок на личен доход во висина од 10% од приходите.

Можете да купите приватно здравствено осигурување (ако прво стекнете статус на осигуреник во ФЗО како невработен или со плаќање сам/а) и да уплаќате исклучиво во приватен пензиски фонд. Имате целосна слобода да си го уредите статусот.

Вашиот статус вака можете да го уредите согласно [сценарио 1](https://www.freelancefrom.mk/mozhni-scenarija/scenario-1) и [сценарио 4](https://www.freelancefrom.mk/mozhni-scenarija/scenario-4).

[**ДАЈТЕ МИСЛЕЊЕ ЗА СОДРЖИНАТА**](https://tally.so/r/meWMow)


# Фриленсер - бизнис

Фриленсерите најчесто се решаваат да основаат компанија поради две причини:

* да покажат поголема професионалност пред клиентите, да вработат луѓе и да аутосирсираат дел од обврските и
* социјално да се осигураат.

Основачот на компанијата не мора да биде и вработен во компанијата. Може да избира помеѓу:

* да се вработи во компанијата на минимална плата (или на која сака плата), да плаќа придонеси на сумата на која е осигуран и остатокот да го зема како бонус или хонорар (подлежи само на 10% данок)
* да се вработи и да си ја исплаќа како плата целата сума која ја заработува, при што давачките ќе надминат 1/3 од бруто платата
* да не се вработи и целата сума да си ја исплаќа како хонорар или дивиденда и да плаќа само 10% данок, без да плаќа социјални придонеси.

Фирмите во Македонија плаќаат 10% данок на добивка, а потоа основачот од тоа што ќе остане и ќе се распредели ќе плати уште 10% персонален данок на доход (плус придонеси, ако сака).

Ако основате фирма во странство, како на пример US LLC (ако има само еден основач) или со некој друг основате UK LLP (најмалку двајца основачи), за кои ефективнаат даночна стапка може лесно да се доведе до 0%, тогаш ќе ги заштедите оние 10% данок на добивка кон УЈП, ќе добиете пристап до финансиски сервиси како Страјп, Брекс, Пејпал и други. Ќе можете во Македонија да си испраќате само онолку пари колку пшто ви требаат за живот, а останатите да стојат на сметка на фирмата неоданочени. Тие пари потоа можете да ги инвестирате на финансиските пазари во странство, под одредени услови. Можеме да помогнеме со тоа преку [Neubase](https://neubase.co/).

Повеќе за тоа во [Основање и водење фирма во Америка](https://www.freelancefrom.mk/firma/osnovanje-i-vodenje-na-firma-vo-amerika) (затоа што е најдобра опција за вас) и [Споредба на јуриздикции](https://www.freelancefrom.mk/firma/sporedba-pome-u-jurizdikcii).

Вашиот статус на овој начин можете да го уредите според [сценарио 2](https://www.freelancefrom.mk/mozhni-scenarija/scenario-2) и [сценарио 5](https://www.freelancefrom.mk/mozhni-scenarija/scenario-5).

[**ДАЈТЕ МИСЛЕЊЕ ЗА СОДРЖИНАТА**](https://tally.so/r/n9jB4m)


# Споредба меѓу фриленсер и вработен

На интернет често може да се прочита дека фриленсерите ги немаат правата кои ги имаат вработените.

Тоа е точно. Но, ги немаат ни обврските.

Вработените немаат избор освен да ги прифатат обврските кои ги имаат како вработени (читај: придонеси за социјално осигурување), додека фриленсерите имаат можност својот статус да го уредат како што им одговара. Можат да функционираат како бизнис, а можат да функционираат и како вработени.

За да можете да направите информиран избор, во табелата подолу следува споредба во правата и обврските помеѓу вработените и фриленсерите. За можните сценарија кои произлегуваат од ова, прочитајте повеќе во сценаријата на крајот.

<table><thead><tr><th width="182.67123287671237">Што</th><th>Вработен</th><th>Фриленсер</th></tr></thead><tbody><tr><td>Плаќање на придонеси за социјално осигурување</td><td>Должен е да плати пензиско, инвалидско, здравствено и осигурување во случај на невработеност</td><td>Не е должен да плаќа придонеси за социјално осигурување. Плаќа само ако сам/а сака.</td></tr><tr><td>Плаќање само на дел од придонесите</td><td>Не може да плати само здравствено или само пензиско осигурување. Мора да ги плати сите придонеси согласно законски пропишаните стапки на бруто платата.</td><td>Може да плаќа само здравствено осигурување. Плаќањето изнесува 1600 денари. Ако месечно заработува 22.000 денари или повеќе, фриленсерот плаќа пониска ефективна стапка за здравтвено осигурвање од вработениот.<br>Не може да плаќа само пензиско осигурување.</td></tr><tr><td>Боледување</td><td>Во случај на боледување, има право на 70-100% од платата (плаќа работодавачот или ФЗО)</td><td>Нема право на никаков надоместок дури и ако плаќа паушал секој месец, работи самостојно и треба сам/а да си обезбеди средства за живот за време на боледување</td></tr><tr><td>Породилно</td><td>Има право на платено породилно отсуство (плаќа ФЗО)</td><td>Нема право на надомест за плата за време на породилно отсуство (дури и ако плаќа здравствено паушал, затоа што не зема плата)</td></tr><tr><td>Работнички права</td><td>Има право на пауза, платен годишен одмор, ограничување на работното време</td><td>Сам одлучува за работното време и паузата, така што не се потребни такви права. Нема право на платен годишен одмор затоа што нема ни ограничувања (може сам да си земе одмор кога сака).</td></tr><tr><td>Кредитоспособност</td><td>Кредитоспособен е доколку банката му верува на работодавачот</td><td>Не е кредитоспособен (затоа што нема редовни примања кои во случај на невраќање на кредит би биле на дофат на банката и извршителите)</td></tr></tbody></table>

Неколку појаснувања кои произлегуваат од оваа споредба:

* Фриленсерот може да избере дали ќе функционира како бизнис или како вработен. Ако сакате да функционирате како бизнис, немате никакви обврски. Можете да не плаќате ништо освен персонален данок на доход, да плаќате само здравствено и сл. Ако сакате да ги уживате сите работнички права, можете да работите како фриленсер, а да се вработите преку агенција за привремени вработувања, фирма на познаник, или ваша фирма во Македонија.
* Вработените имаат право на платен годишен одмор и на боледување, а фриленсерите не. Вработените работат во компании со повеќе вработени и кога еден е на одмор, другите работат дел од неговата работа. Иако, отприлика, вработениот 11 месеци работи, а еден месец одмара, мора да заврши обем на работа за 12 месеци за да ги покрие колегите додека тие се на одмор. Фриленсерот може да работи 11 месеци и да одмара еден месец, но нема кој да го покрива него. Може сепак самиот да се покрие и во тие 11 месеци да заврши обем на работа за 12 месеци и така сам себе да се покрие. На крајот, обемот на работа во една компанија е тој што е и вработените ќе го изработат без разлика за колку денови ќе го сторат тоа.

Вработените работат врз основа на договор за вработување, а фриленсерите на договор за дело.

Договорот за вработување воспоставува однос помеѓу работодавач и вработен. Во таквиот работен однос, работникот е вработен кај работодавачот.&#x20;

Договорот за дело воспоставува однос помеѓу давател на услугата и примач на услугата.

И двата договори регулираат што треба да се сработи, за која цена/плата, за колку часови, и слично.

Разликата помеѓу нив е во тоа што кај договорот за вработување, покрај она што е наведено во договорот, важат и одредбите од Законот за работни односи. Тие одредби гарантираат минимум денови платен одмор, платено породилно отсуство, пауза од работа и други права кои ги има работникот. Покрај тоа пропишана е и постапка за вработување (распишување оглас итн.), а пропишана е и обврска на работодавачот да не му ја исплаќа целата плата на работникот, туку прво од нејзината плата да ги плати давачките на државата, а потоа да ја исплати само нето платата.

Фриленсерот се договара со клиентот дека за него ќе изврши одредена работа. Клиентот не може да му наметне работно време, локација на извршување на услугата (освен ако двајцата доброволно се согласат на тоа), така што правото на пауза и на одмор се излишни.

Исто така, клиентот нема обврска да задржи пари за даноци и придонеси за социјално осигурување (му плаќате на електричарот за услугата, не му плаќате даноци и пензиско осигурување). Фриленсерот ја добива целата сума за услугата, при што должен е да плати персонален данок на доход, но уплаќањето на придонеси за социјално осигурување ги прави по слободен избор. Ако не сака, не мора да плати.&#x20;

Вработениот го нема тој избор. Ако работодавецот за него месечно издвојува по 100.000 денари, за трошење и инвестирање ќе му остане само нето платата од 65.679 денари.

Единствената крупна разлика помеѓу договорот за вработување и договорот за дело која делува спротивно на интересите на фриленсерот е тоа што државниот Фонд за здравствено осигурување го плаќа породилното отсуство за бремените жени со договор за вработување, но не и за оние кои имаат повеќе договори за дело, макар и редовно да плаќаат здравствено осигурување за себе. Истото важи и за боледување.

[**ДАЈТЕ МИСЛЕЊЕ ЗА СОДРЖИНАТА**](https://tally.so/r/wQl1k3)


# Вовед во даноци

Даноците се контроверзна тема во фриленс круговите. Кружат многу заблуди во врска со нив, така што ќе започнеме со објаснување на основните поими со цел да ја сфатите сопствената позиција во системот.

### Што е данок?

Граѓаните на една држава имаат свои заеднички потреби. За да се задоволат тие заеднички потреби, се формира државен апарат (министерства, агенции, јавни претпријатија, итн.). Тој државен апарат добива надлежности да ги администрира заедничките потреби за кои граѓаните ќе одлучат преку својот Парламент, Влада, итн.

За да се извршат доверените надлежности, на државниот апарат му требаат пари. Граѓаните сами ги собираат тие пари на начин што плаќаат даноци и други давачки, како такси, акцизи, и сл. (и државата може да заработи сама ако има ресурси, но тоа не е тема овде).

Данокот а главен извор на приходи кој државата го користи за да прибере средства и да ги заврши работите кои (мнозинството од) граѓаните сметаат дека треба да ги заврши.

### Кои даноци треба да ги платат фриленсерите?

Сите фриленсери кои работат од Македонија се должни да платат персонален данок на доход (10% од заработката, вклучително и таа што доаѓа од странство и завршува на Payoneer картичка).

Некои од фриленсерите, зависно од околностите, можно е да треба да платат и:

* данок на додадена вредност (18% од додадената вредност кон клиенти од земјата доколку прометот го надминува прагот за ДДВ)
* данок на добивка за сопствената фирма, ако имате фирма и ако е регистрирана во држава во која се плаќа ваков данок, како во Македонија (10% од добивката на својата компанија, доколку ја имате во Македонија, или некој друг процент доколку е основана надвор)

[**ДАЈТЕ МИСЛЕЊЕ ЗА СОДРЖИНАТА**](https://tally.so/r/mJvd7m)


# Данок на личен доход

### Што е данок на личен доход?

Данок на личен доход е данокот кој секој даночен резидент го плаќа на остварениот личен доход, односно заработка.&#x20;

Стапката на овој данок е 10% од хонорарот. Не е важно дали хонорарот е исплатен од македонски или странски клиент и во која валута е исплатен. Не е важно ни дали е редовен или повремен, не е важна ни сумата. Не е важно ни дали парите го добивате на сметка во домашна или странска банка. Нема хонорар кој не подлежи на данок на личен доход.

За разлика од фриленсерите, редовно вработените плаќаат 10% на износот кој останува откако од бруто платата ќе се исплатат придонесите за социјално осигурување.

За да сфатите кој и што треба да плати, треба прво да дефинираме:

* што е даночен резидент и
* што е личен доход.

### Што е даночен резидент?

Даночен резидент е тој што треба да плати данок. Даночен резидент во Македонија е секое физичко лице кое во Македонија има постојано живеалиште или престојувалиште.

Живеалиште е местото во кое имате намера да живеете постојано. Тоа место ви е заведено како адреса во личната карта и пасошот. Ако имате живеалиште во Македонија, овде плаќате данок, освен ако немате регулиран престој во странство на период подолг од 183 дена.

Престојувалиште е место каде што престојувате привремено надвор од местото кое е ваше живеалиште.

Во Законот за данок на личен доход пишува дека даночниот резидент има престојувалиште во Македонија ако престојувал на територијата на државата најмалку 183 дена. Тоа не значи дека можете само да ја поминете границата, да не се вратите 183 дена и да не должите данок во Македонија. Поопширно за тоа прочитајте на [Митот за 183 дена престој](https://www.freelancefrom.mk/danoci/mitot-za-183-dena-prestoj) (хинт: и понатаму треба да платите 10% данок во Македонија).

### Што е личен доход?

Личен доход (односно заработка) е секој од следните видови на доход остварен во земјата или во странство:

1. доход од работа;
2. доход од самостојна дејност;
3. доход од авторски и сродни права;
4. доход од продажба на сопствени земјоделски производи;
5. доход од права од индустриска сопственост;
6. доход од закуп и подзакуп;
7. доход од капитал;
8. капитални добивки;
9. добивки од игри на среќа;
10. доход од осигурување и
11. друг доход.

Последното, друг доход, покрива се што не е наведено овде. Тоа значи дека не постои вид на личен доход кој не е опфатен со овој закон и кој не се даночи.

Исто така, се даночи и приходот остварен од странски клиенти, вклучително и парите кои ви се исплатени на Payoneer сметката.

Законот прецизира и дека се даночат сите приходи, без разлика дали се остварени во пари, хартии од вредност, во натура, или во некој друг вид.

Ова значи дека ако клиентот ви плати во пари, плаќате 10% данок на тоа што ви платил.

Ако клиентот ве компензирал за работата во криптовалути, хартии од вредност, натура (недвижнини, жито, кокошки), ќе платите данок на пазарната вредност на компензацијата.

### Како се плаќа персонален данок на доход?

Персонален данок на доход се пријавува и плаќа секој месец. Се плаќа до десеттиот ден од месец за претходниот месец. За приход остварен во април, се пријавува најдоцна до 10 мај, а се плаќа најдоцна до 15 мај. За приход остварен во мај, се пријавува најдоцна до 10 јуни, а се плаќа до 15 мај.

Ако не го пријавите на време, прочитајте повеќе [овде](https://www.freelancefrom.mk/danoci/shto-ako-do-sega-ne-sum-plakjal-danok).

Ако задоцните со плаќањето, станувате должник на УЈП и по некое време ќе добиете опомена и рок за плаќање пред да ви иницираат извршна постапка. За тоа повеќе [овде](https://www.freelancefrom.mk/danoci/shto-ako-go-prijavam-danokot-a-ne-go-platam-vo-dadeniot-rok).

За да платите данок потребно е да имате кориснички профил на УЈП. Откако ќе го креирате, можете да пристапите до платформата за плаќање даноци на [e-pdd.ujp.gov.mk](https://e-pdd.ujp.gov.mk/ppf/home.seam).

1. Логирајте се на вашиот профил. Ако немате кориснички профил на УЈП, тогаш креирајте нов.

![](/files/wK9hZjsdjxndzhU0pxZK)

2\. Кликнете на Е-ПДД. Овде се пријавува данокот на личен доход.

![](/files/m7T44OFtmJPUZfodwnPo)

3\. Потоа кликнете на Сними податоци за подносител.

![](/files/cSXrxjIl6W2A0d5A3V0a)

4\. Потоа кликнете на Нова ставка.

![](/files/NsiGjfIi3bTbTGJ2ZIq3)

5\. Следно што ќе го видите е овој прозорец, кој ви овозможува да го одберете видот на доходот кој се пријавува.

![](/files/Fr2yAPLgfXoLzA4HWyuC)

6\. Кај вид на доход одберете доход од работа. Кај вид на поддоход можете да одберете консултантски услуги, интелектуални услуги или други провремени или привремени услуги.

Внесете го и бруто приходот.

Ако сте пропуштиле да пријавите данок за некој претходен месец, можете лесно да го смените датумот каде што е заокружено со црвено и да го пријавите и тој доход.

![](/files/cRDXzeFx2IoagzciF5vr)

7\. Внесете го пин кодот кој ќе го добиете на мејл. Кодот понекогаш стигнува во спам фолдерот. Откако ќе го внесете, чекајте пресметка од страна на УЈП.

![
](/files/W47UtFy3ii06qq6c8sx7)

[**ДАЈТЕ МИСЛЕЊЕ ЗА СОДРЖИНАТА**](https://tally.so/r/3q1Lk3)


# Митот за 183 дена престој

Во Законот за данокот на личен доход пишува дека даночен резидент е оној кој има живеалиште или престојувалиште во Македонија. Понатаму прецизира дека резидентот има престојувалиште ако престојува во државата најмалку 183 дена во кој било 12-месечен период.

![Член 5 од Законот за данокот на личен доход](/files/43BSsG4Hz753n50VMD28)

Лаичкото толкување на оваа одредба создава многу заблуди кај фриленсерите и дигиталните номади, а со тоа и стапица. Сметаат дека е доволно да не се во државата 183 дена за да не должат персонален данок на доход во Македонија, но тоа не е точно.&#x20;

Две работи се битни да ги сфатите:

* во Македонија имате живеалиште, а не престојувалиште и
* ако не сте даночен резидент во друга држава (со регулиран престој) и таму плаќате данок, тогаш по дифолт плаќате персонален данок на доход во Македонија, без оглед на тоа колку време сте во Македонија, а околку надвор.

Нема да должите данок во Македонија само ако имате регулиран престој во друга држава и станете даночен резидент таму. Неопходно е во странската држава да имате постојано живеалиште или да имате престојувалиште. Живеалиште и престојувалиште во другата држава е првиот чекор кон исполнување на условите за станување на даночен резидент и таму да плаќате данок.

Генерално, државите бараат од резидентите да престојуваат во државата одреден период за да ги сметаат и за даночни резиденти.

За дигиталните номади има три можни сценарија:

1. Престојувате во странство со работна дозвола, виза за дигитални номади или некоја друга виза која ви овозможува долг престој (подолг од туристичкиот). Се одјавувате од Македонија во МВР и си пријавувате живеалиште или престојувалиште во другата држава. Штом станете даночен резидент на таа држава (според праговите предвидени во нивните закони), таму ќе си плаќате данок и нема да плаќате данок во Македонија.
2. Престојувате во друга држава со регулиран престој. Во таа држава стекнувате статус на даночен резидент за помалку од 183 дена (Швајцарија, на пример, ќе ве смета за тамошен даночен резидент ако поминете најмалку 90 дена со регулиран престој). Во таков случај можно е истовремено да сте даночен резидент на две држави и да должите данок и во двете. Тоа може да се избегне само ако Македонија и таа држава имаат склучено [договор за одбегнување на двојното оданочување](http://www.ujp.gov.mk/mk/plakjanje/category/137).
3. Престојувате во странство без виза (затоа што не ви е потребна) или со туристичка виза. Престојувате како турист и немате регулиран престој во другата држава. Со оглед на тоа што не сте даночен резидент на другата држава и се уште имате живеалиште во Македонија, ќе плаќате данок во Македонија без разлика на тоа колку време сте поминале во Македонија, а колку надвор.

Додека имате македонско државјанство, нема како да не плаќате данок никаде затоа што во најмала рака ќе имате живеалиште во Македонија. Праксата е ваква во повеќето држави на светот. Нема држава која на своите граѓани им дозволува само да ја поминат границата и со тоа да ги ослободи од обврските кои ги носи државјанството. Има само држави кои не можат да ги фатат своите граѓани и резиденти кои не плаќаат даноци.

Некои дигитални номади не плаќаат данок никаде, но тоа не значи дека тоа што го прават е легално. Тоа значи само дека се уште не ги фатиле.

Оттука, ако веќе живеете како дигитален номад, паметно е да добиете статус на даночен резидент на држава која:

* воопшто не наплаќа персонален данок на личен доход (воглавно арапските и карипските земји) или
* не наплаќа персонален данок на доход на приходот остварен од странство. Таквите држави се надвор од Европа. Најблиску до нас е Грузија, а со содветни приспособувања може да престојувате со 0% данок и во Малта или Португалија. Ако станете даночен резидент таму, ќе должите данок само на приходот остварен во Грузија (од грузиски клиенти). Ако клиентите ви се од Европа и САД, тогаш ефективната даночна стапка ќе дојде на 0%. Слично е уредено и оданочувањето во Малта, со тоа што тамошните власти ги даночат парите кои се повлечени на сметка во Малта. Доколу преминете одредени прагови, тогаш лесно може даночната стапка да оди нагоре. Во спротивно, ефективната даночна стапка на приходот остварен во странство ќе остане на 0%. Ако се селите во Малта и Португалија, добро внимавајте да не се лизнете. Задолжително советувајте се со некој што ги познава состојбите во тие држави.

Википедија дава [добар преглед](https://en.wikipedia.org/wiki/International_taxation) на тоа како се оданочува персоналниот данок на доход низ светот.

[**ДАЈТЕ МИСЛЕЊЕ ЗА СОДРЖИНАТА**](https://tally.so/r/3N1rbm)


# Данок на добивка

Данок на добивка плаќаат само компаниите и тоа на остварениот профит. Данокот се плаќа на нето добивката, а тоа е она што ќе остане откако од бруто добивката ќе се одземат сите трошоци (вклучително и тие за плати, за купување ствари во врска со работата како лаптоп, слушалки, патувања во странство за средби со клиенти, итн.).

Доколку имате регистрирано своја компанија преку која давате фриленс услуги, тогаш таа компанија треба да плати данок на добивка. Компанијата е едно лице, фриленсерот кој е 100% сопственик е друго лице. Затоа компанијата плаќа данок на добивка, а потоа она што ќе остане како заработка на фриленсерот е предмет на оданочување со данок на личен доход.

Данокот на добивка што треба вашата компанија да го плати зависи од даночните стапки кои важат во земјата каде што сте ја основале фирмата.

Во продолжение неколку даночни стапки на фирми од различни јуриздикции (имајте предвид дека овие стапки може да варираат во зависност од вашите околности и работа):

* ДООЕЛ во Македонија - 10% (првите 3.000.000 денари се ослободени од данок на добивка, а добивката помеѓу 3 и 6 милиони денари може по избор на сопственикот да се оданочи со 1% од бруто приходот)
* US LLC (ако се исполнат неколку услови) - 0%
* Delaware C-Corp - 8.7% државен данок + 21% федерален данок
* UK LTD - 19% (може да се доведе до 0% на приходите остварени со клиенти вон UK)
* Estonia OU - 20%
* ООД во Бугарија - 10%
* ДОО во Србија - 10%

Ако сте единствен основач на компанијата преку која давате фриленс услуги, ќе треба прво вашата компанија да плати данок на добивка, да си исплатите пари на вашата лична сметка, па на нив да платите персонален данок на доход и на заработката како физичко лице. Во меѓувреме, ако сакате можете да платите и придонеси за здравствено и пензиско осигурување.

За подобро да го сфатите односот помеѓу данокот на добивка и персоналниот данок на доход, погледнете го инфографикот во [Споредба на јуриздикции](https://www.freelancefrom.mk/firma/sporedba-pome-u-jurizdikcii).

[**ДАЈТЕ МИСЛЕЊЕ ЗА СОДРЖИНАТА**](https://tally.so/r/wg6eK3)


# ДДВ

Данок на додадена вредност плаќаат физички и правни лица на прометот на добра и услуги кој се врши со надоместок во земјата од страна на даночниот обврзник во рамките на неговата стопанска дејност.

ДДВ обврзник се станува доколку се оствари приход од најмалку 2 милиони денари во текот на календарската година.

При тоа, ДДВ се плаќа само на прометот остварен во земјата. Тоа значи дека за услугите кон странски клиенти не се плаќа ДДВ.

Тука се можни неколку сценарија:

1. Имате вкупен приход од 1.5 милиони денари кон клиенти од земјата и странство. не плаќате ДДВ затоа што не сте го надминале прагот од 2 милиони денари.
2. Имате вкупен приход од 4.2 милиони денари, сите кон домашни клиенти. Плаќате ДДВ на целиот приход од 4.2 милиони денари.
3. Имате вкупен приход од 4.2. милиони денари исклучиво кон странски клиенти. Не плаќате ДДВ затоа што имате 0 денари промет во земјата.

Повеќе информации за начинот на плаќање на ДДВ се достапни на [овој линк](http://www.ujp.gov.mk/mk/pravni_lica/category/575).

Ако имате основано фирма во странство и преку неа давате услуги, проверете ги праговите за ДДВ на [овој линк](https://www.avalara.com/vatlive/en/eu-vat-rules/eu-vat-number-registration/vat-registration-threshold.html).

[**ДАЈТЕ МИСЛЕЊЕ ЗА СОДРЖИНАТА**](https://tally.so/r/wLL92w)


# Што ако не платам данок?

Неплаќањето данок е кривично дело.

Правите кривично дело Даночно затајување ако:

* воопшто не ги пријавите приходите и не платите данок за нив или&#x20;
* пријавите помалку приход отколку што сте оствариле и платите данок само на пријавениот приход.

Оној кој ќе биде осуден може да биде казнет со казна затвор од шест месеци до пет години. Изречените казни затвор до две години можат да се заменат со условна осуда.

Гонењето застарува по пет години од последното дејствие кое претставува затајување данок. Наплатата на даноците од страна на УЈП застарува за 10 години.

Доколку го пријавите данокот, но не го платите, тогаш сте даночен должник. Тоа не е кривично дело и не ви се заканува затвор. По некое време УЈП ќе ви достави опомена за плаќање на данокот со рок од осум дена. Можно е да ви пресметаат и камати. Ако пак не платите, ќе ви иницираат извршна постапка.

[**ДАЈТЕ МИСЛЕЊЕ ЗА СОДРЖИНАТА**](https://tally.so/r/31oXLn)


# Што ако до сега не сум плаќал данок?

Доколку до сега не сте плаќале данок и УЈП не го забележал тоа, можни се три сценарија:

### И понатаму да не плаќате данок и УЈП и понатаму да не го забележува тоа

Ова значи дека затајувате данок, што ве прави сторител на кривично дело. Доколку некогаш УЈП открие дека не плаќате данок, а требало, може да ви иницира постапка која ќе заврши кај јавен обвинител и суд.

Неплаќањето данок без УЈП да забележи дека не плаќате данок е возможна ситуација во која ќе ги заштедите парите кои требало да одат во државниот буџет, но ќе бидете под постојан ризик од казна затвор.

### УЈП да забележи дека не сте плаќале данок

Ако УЈП забележи дека не сте плаќале данок, можат да соберат докази дека сте имале приходи кои не ви се оданочени, а потоа тие докази да ги проследат до јавен обвинител. Од таму постапката продолжува пред суд.

### Да им кажете на УЈП дека имате неплатен данок и да го платите

Можете да им се обратите на УЈП и да им кажете дека имате непријавен данок кој треба да го платите. Тие ќе ве информираат што точно треба да направите. Тоа ќе зависи од тоа за кој период треба да платите данок. Во најголем дел од случаите, ќе треба да го пријавите доходот најбргу што можете, тие ќе ви направат пресметка колку треба да платите и вие ќе можете да си го платите данокот без други последици.

Согласно закон, УЈП може да определи паричен додаток на данокот во максимум 10% од она што треба да го платите како данок, а кој се додава на сумата која треба да ја платите (100% данок + 10% додаток). Сепак, овој чекор не е задолжителен за УЈП и генерално не се решава на тоа.

Постои можност и да го одложите плаќањето на данокот, како и да побарате од УЈП да ви овозможи да го плаќате заостанатиот долг на рати. За тоа треба да поднесете барање до УЈП, па тие ќе донесат решение со кое ќе го одобрат тоа или нема да го одобрат.

За ова прашање можете да контактирате некој од службениците на УЈП на [оваа листа](http://www.ujp.gov.mk/uploads/File/Spisok%20za%20podrska%20na%20e-peronalen_02.07.2019.pdf). Тие ќе ви објаснат како точно да го пријавите данокот и како да го платите.

[**ДАЈТЕ МИСЛЕЊЕ ЗА СОДРЖИНАТА**](https://tally.so/r/npprEn)


# Што ако го пријавам данокот, а не го платам во дадениот рок?

Доколку уредно го пријавите данокот во законскиот рок, но не го платите во рокот определен за плаќање, тогаш постојат неколку можности:

* да чекате УЈП да ви достави опомена за плаќање (даваат рок од осум дена за плаќањето)
* да побарате од УЈП одложување на плаќањето и за тоа да се договорите со нив и тие да донесат решение
* Да побарате од УЈП заостанатиот долг да го плаќате на рати, за што треба да се договорите со нив и тие да донесат решение.

Ако го пријавите данокот, а не го платите, не правите кривично дело Даночно затајување. Само ќе должите пари на УЈП.

[**ДАЈТЕ МИСЛЕЊЕ ЗА СОДРЖИНАТА**](https://tally.so/r/wv5M83)


# Придонеси за социјално осигурување

Преку придонесите за социјално осигурување вие и плаќате на државата одредена сума секој месец за осигурување, а за возврат добивате определени права.

Придонеси за социјално осигурување се:

* здравствено
* пензиско
* инвалидско
* во случај на невработеност

Фриленсерот сам си плаќа придонеси за социјално осигурување.

Всушност, секој граѓанин сам си плаќа придонеси. Само што, оние кои се редовно вработени кај еден работодавец на сметка го добиваат она што останува од бруто платата откако работодавачот ќе ги исплати нивните придонеси од нивната бруто плата. Тие немаат друг избор освен да ги платат придонесите во полн износ.

За разлика од редовно вработените, фриленсерите можат да изберат дали воопшто ќе се осигураат и, ако сакаат да се осигураат, како ќе го сторат тоа.

[**ДАЈТЕ МИСЛЕЊЕ ЗА СОДРЖИНАТА**](https://tally.so/r/mJvq7m)


# Здравствено осигурување

Постојат повеќе можни сценарија за здравствено осигурување како фриленсер:

* Воопшто да не се осигурате и секој преглед и лекување да ги плаќате приватно
* Да се пријавите како невработен и така да добиете бесплатно здравствено осигурување
* Да плаќате паушал во ФЗО и евентуално да си купите приватно здравствено осигурување
* Преку агенција за привремени вработувања, employer of record сервис или фирма - ваша или на познаник кој што ќе ве осигура

### Воопшто да не се осигурате

Никој не ве обврзува да се осигурате ако не сакате.

Доколку имате потреба од преглед или лекување на специјалист, било во државна или приватна здравствена установа, ќе треба да го платите полниот износ на услугата (приватно).

Прегледот кај матичен лекар е бесплатен за сите - осигурани и неосигурани.

### Бесплатно осигурување

Бесплатното осигурување е наменето за невработeни и оние кои остваруваат многу низок приход.

Границата е околу 180.000 денари.

Ако вашите примања за претходната календарска година не надминуваат 261.000 денари, не плаќате ништо и имате здравствено осигурување. Треба само да се пријавите во ФЗО.

Ако вашите примања за претходната календарска надминуваат 261.000 денари, тогаш треба да плаќате паушал од околу 1600 денари.

Не мора да сте пријавен како невработен во Агенција за вработување за да добиете здравствено осигурување како невработен. Треба само да подигнете обрасци од ФЗО (во Скопје ги даваат на портирницата на влезот лево), да ги пополните и да ве заведат како осигуреник. Со статусот на осигуреник како невработен следува и право да купите приватно здравствено осигурување.

### Плаќање сам/а

Ако за претходната календарска година сте имале приходи од 261.000 денари или повеќе (сумата се менува како што се менува просечната плата), можете сами да си уплаќате здравствено осигурување во ФЗО и со тоа да ги стекнете право на бесплатно лекување (односно со минимална партиципација) во државните здравствени установи и со приватните кои имаат соодветни договори со ФЗО.

Месечниот надомест кој треба да се уплаќа изнесува 50% од придонесот за просечната бруто месечна плата, што е околу 1600 денари. Овој износ ќе се зголемува или намалува како што во иднина ќе се зголемува или намалува просечната бруто плата. Нема секогаш да остане ист.

Важно е да се напомене дека штом почнете да си уплаќате сам/а, имате обврска да уплаќате до крајот на тековната календарска година, освен ако не станете редовно вработен/а. Штом помине календарската година, можете да престанете со уплаќање и да не бидете повеќе осигурани.

Значи, ако почнете да плаќате во март, должни сте да плаќате до декември истата година без разлика дали воопшто имате приходи. Потоа не морате да плаќате, но ако не плаќате ќе немате осигурување.

Постапката за плаќање е следна:

1. Подигнувате обрасци од ФЗО. Ако живеете во Скопје, се подигнуваат на самиот влез на ФЗО на портирницата. Нема можност постапката да ја истерате онлајн. Целата се води во хартија по шалтери.
2. Се пополуваат обрасците. Кон нив се приложува копија од извод на матична книга на родени и копија од лична карта. Примаат само копии. Ако поднесете извод во оригинал, ќе ве вратат да ги ископирате.
3. При поднесување на пријавата ќе добиете број со кој ќе треба да се вратите по некоку дена за да си ја земете декларацијата.
4. Декларацијата ви дава статус на осигуреник. На неа има фолио број според кој ги плаќате придонесите во банка. Кога ќе платите, ќе имате и здравствено осигурување.

Статусот на осигуреник ви дава право да си купите и приватно здравствено осигурување од приватна осигурителна компанија кое ќе ви ги покрива трошоците во приватните здравствени установи во Македонија.

При купувањето на приватно здравствено осигурување треба да внимавате на следните работи:

* Кои болести и лекарски интервенции ги покрива а кои не (постоечки хронични состојби секогаш се исклучуваат, за бременост може да се плаќа дополнително, итн.)
* За кои болници важи осигурувањето
* Дали треба вие приватно да платите за посетата на лекар, па тие да ви ги рефундираат средствата, или осигурителната копмпанија ви ја плаќа фактурата без вие да плаќате било што.

Цената на полисата за приватно здравствено осигурување зависи од повеќе фактори, пред се вашата возраст и здравствена состојба, но најчесто се движи околу 12-15.000 денари годишно.

### Преку фирма/агенција

Плаќањето здравствено осигурување преку фирма, било да е ваша или на познаник, агенција или е исто како да сте редовно вработен кај работодавач. Ако се одлучите на оваа опција, тогаш морате да плаќате и за пензиско и инвалидско и за осигурување во случај на невработеност.

Согласно закон, тоа изнесува 7% од бруто платата.

Ако сте осигурани на минимален износ од 18.000 денари, за здравствено осигурување ќе плаќате околу 2000 денари.

Ако сте осигурани на 60.000 денари, ќе плаќате здравствено осигирување во износ од 4500 денари, кое ќе ви важи само во државните здравствени установи и приватни кои имаат склучено договор со ФЗО (туке не влегуваат приватните болници како Систина, Филип Втори и сличните).

Постојат неколку начини да се осигурате преку фирма:

1. Фирма која сами ќе си ја основате во Македонија (ДООЕЛ или трговец-поединец)
2. Фирма на ваш познаник. Ќе фигурирате како вработен во фирмата, иако нема таму да одите на работа. Можете да се осигурате на минимална плата или на целиот износ кој го заработувате. Секогаш кога вашиот познаник ќе уплати плата и придонеси за вас, ќе треба да му ја надоместите разликата која ја загубил.
3. Агенции за привремени вработувања. Овие агенции функционираат така што вие сте вработен во агенцијата, а таа потоа ве отстапува на вашиот клиент. Можете да се осигурате на минимална плата или на целиот износ кој го заработувате. На агенцијата треба да и платите провизија.

Една од предностите на плаќање придонеси преку фирма или агенција е тоа што:

* ви обезбедува приход во случај на бременост, под одредени услови, и
* ви обезбедува приход од страна на ФЗО во случај на боледување кое трае подолго од 30 дена, и тоа на износот на кој што сте биле осигурани.

Сумата која ќе ја добивате од државните фондови за време на боледување и бременост зависи од сумата на која плаќате придонеси.

[**ДАЈТЕ МИСЛЕЊЕ ЗА СОДРЖИНАТА**](https://tally.so/r/mKKzKm)


# Пензиско осигурување

За да го разберете пензиското осигурување, потребно е да знаете дека тој почива на три столба:

* Прв столб, кој е државниот пензиски фонд од кој денес пензионерите добиваат пензија секој месец. Тој почива на генерациска солидарност, што значи дека од вашите придонеси ќе се исплаќаат пензии на денешните пензионери, а некои идни генерации ќе обезбедат средства за вашата пензија по 30-40 години.
* Втор столб, кој е приватен пензиски фонд и во кој уплаќате дел од средствата кои некогаш одеа само во државниот фонд. Наместо сите средства да се слеваат во државниот фонд (прв столб) сега се делат помеѓу првиот и вториот столб.
* Трет столб, кој е приватен пензиски фонд и не е задолжителен како претходните два. Во него можете да уплаќате кога сакате и колку сакате.

Има и четврта опција, а тоа е да вложувате на финансиските пазари, но за тоа повеќе подолу на оваа страница.

За пензиско осигурување имате четири опции:

* да не се осигурате воопшто
* да се осигурате преку фирма или агенција
* да си уплаќате во трет пензиски столб
* да си уплаќате во приватен инвестициски фонд или сами да инвестирате на финансиските пазари

Не постои опција да плаќате месечен паушал како со здравственото осигурување.

### Да не се осигурате воопшто

Можете воопшто да не одвојувате пари за пензија.

При тоа, кога ќе сакате да се пензионирате во иднина, ќе немате никаква пензија и ќе мора да обезбедувате приходи од друго место.

### Да се осигурате преку фирма или агенција

Осигурувањето преку фирма е можно само ако фирмата е регистрирана во Македонија. Тоа отвора опции да се осигурате преку:

* ваша фирма во Македонија
* фирма на познаник во Македонија
* Агенција која ќе ви плаќа придонеси во Македонија и ќе ве отстапи на странска фирма (може и на вашата фирма во странство).

Кој и како и да ве осигура, ќе треба да плаќате 18.8% од месечните бруто приходи во државниот пензиски фонд (односно првите два столба). Уплаќањето во државниот пензиски фонд може да се изврши само ако ги уплатите сите придонеси за социјално осигурување. Тоа значи дека ако плаќате пензиско, ќе морате да плаќате и здравствено, инвалидско и осигурување во случај на невработеност. Не може да се плаќа само пензиско како што може само здравствено.

За хонорар од 100.000 денари, парите ќе се распределат на следниот начин:

![](/files/pvIfa7j9xqQ8NuWNfjHf)

Од бруто хонорарот од 60.000 денари, ќе ви остане нето плата од 39.724 денари.

Можете сами да изберете на која сума ќе се осигурате. Можете да се осигурате на минимална плата, а остатокот од средствата да го добивате како хонорар или бонус и на тоа да плаќате само 10% персонален данок на доход, без да плаќате придонеси за здравтвено и пензиско осигурување.

### Уплаќање во трет пензиски столб

Третиот пензиски столб е доброволен пензиски фонд кој функционира слично како и инвестициките фондови објаснетi подолу.

Единствена голема разлика која е од значење за фриленсерите е тоа што од инвестицискиот фонд парите можете да ги повлечете кога сакате и да ги потрошите, а од доброволниот пензиски фонд (трет пензиски столб) можете да ги повлечете најрано 10 пред да одите во пензија согласно закон.

Aко треба согласно закон да одите во пензија на 62 години, парите можете да ги добиете најрано кога ќе наполните 52 години.

Во овој пензиски фонд инвестирате кога сакате и колку сакате. Можете секој месец да инвестирате иста сума, а можете и одвреме-навреме да вложувате сума која сами ќе одберете колкава ќе биде. Фондот тие пари ги вложува на финансиските пазари и со тоа најчесто носи принос до кај 5% годишно кој завршува на ваша сметка (минус провизиите за фондот).

За разлика од приватното здравствено осигурување, каде што мора прво да се осигурате во државниот фонд за да се осигурате и приватно, таков услов кај доброволниот пензиски фонд не постои. Можете да вложувате во ваков фонд и ако не сте осигурани во ПИОМ.

### Уплаќање во инвестициски фонд

Можете воопшто да не се осигурувате и наместо тоа парите да ги уплаќате во инвестициски фонд. Ова не е приватен пензиски фонд, туку приватен инвестициски фонд. Парите ги уплаќате во тој фонд за да ги заштедите настрана, а при тоа да заработите и камата на тоа.

Овие пари всушност се ваш капитал кој акумулира профит и на тој начин расте во вредност.

Во инвестицискиот фонд уплаќате кога сакате и колку сакате. Исто така, можете парите да си ги повлечете кога сакате. Можете да повелечете дел или сите пари. Нема ограничувања како кај приватниот пензиски фонд (трет столб).

Тоа значи дека ако на 50 години сте заштедиле/заработиле доволно пари, можете веднаш да се пензионирате. Ако сакате можете да продолжите да работите до 72 години. Можете и на 50 години да почнете да работите на пола работно време, а потребата од приходи да ја покриете со парите од инвестицискиот фонд.

Тие пари се ваши, така што сите опции ви стојат на располагање.

### Споредба помеѓу државниот пензиски фонд и приватен инвестициски фонд

Да претпоставиме дека:

* сте почнале да си уплаќате за пензија на возраст од 30 години
* заработувате по 60.000 денари месечно (заради полесна математика)

#### Каква е математиката за државниот фонд?

Според пресметката погоре, ќе треба да одвојувате по 11.280 денари секој месец се додека се пензионирате на 64 години (ќе претпоставиме дека стапката и возраста за пензионирање, во случајов за маж, ќе останат исти до тогаш).

11.280 денари х 12 месеци х 34 години = 4.602.240 денари кои ќе ги уплатите во фондот.

Под претпоставка дека ќе живеете уште 20 години, тоа би ви обезбедило во просек по 19.176 денари месечно за пензија. Сепак, согласно закон ќе треба да примате по 70% од нето платата. Таа според погорната пресметка е 39.724 денари, што ќе значи пензија од 27.806 денари.

#### Каква е математиката за инвестицискиот фонд?

Ако истите 11.280 денари (во пресметката заокружив на 208 долари) ги одвојувате секој месец за во фондот, при што имате годишна камата од 5%, пресметката со [овој калкулатор](https://www.investor.gov/financial-tools-calculators/calculators/compound-interest-calculator) вели дека по 34 години ќе имате за трошење вкупно 212.327 долари (максималниот договор со инвестициски фонд е на 30 години, но можете после тој договор за склучите друг, целта овде е да се направи споредба).

Поделено на истите 20 години, тоа би биле 10.616 долари годишно.

Тоа ќе значи пензија од 885 долари, односно 48.000 денари месечно.

Овие пресметки се само информативни. Детални пресметки ќе направите со луѓето од фондот во кој ќе инвестирате.

#### Кои се предностите и недостатоците на двете опции?

| Државен пензиски фонд                                                                                                  | Инвестициски фонд                                                                                                                                               |
| ---------------------------------------------------------------------------------------------------------------------- | --------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------- |
| Стекнувате право на пензија ако уплаќате најмалку 15 години                                                            | Можете кога сакате да ги повлечете парите на сметка и да ги трошите                                                                                             |
| Морате постојано да уплаќате и не смеете да пропуштите месец                                                           | Можете да уплаќате кога сакате и колку сакате, без ограничувања                                                                                                 |
| Парите можете да ги трошите кога ќе стекнете право на пензија согласно закон (кој е предмет на измени одвреме-навреме) | Парите можете во секое време да ги повлечете на сметка и да ги трошите, што значи дека можете да се пензионирате и на 55 години и на 72 години, ако така сакате |
| Пензијата ќе изнесува 70% од нето платата (согласно сегашните стапки, кои може да се променат со закон)                | Ќе имате за трошење онолку колку што ќе заштедите и заработите камата                                                                                           |
| Ќе добивате пензија додека сте жив/а                                                                                   | Ќе имате пари за трошење до сумата која сте ја заштедиле и заработиле камата на неа                                                                             |
| Станувате кредитоспособен/на                                                                                           | Не ве прави кредитоспособен/на                                                                                                                                  |

### Сами да инвестирате на финансиските пазари

Ако поседувате соодветни вештини за инвестирање, можете и сами да инвестирате на финансиските пазари и така вашиот заработен капитал да создава нов капитал кој ќе го трошите во пензија.

Нагласувам, доколку имате соодветни знаења и вештини за инвестирање на финансиски пазари. Во спротивно, инвестициските фондови се одлична алтернатива, во која некој кој ги познава пазарите инвестира ваши пари за провизија.

Имате неколку опции за самостојно инвестирање:

#### Светските берзи

На светските берзи можете да тргувате со посредништво на брокерска куќа или банка од Македонија, како и преку странски онлајн брокерски куќи како [Interactive Brokers](https://www.interactivebrokers.com/en/home.php) или [Trading 212](https://www.trading212.com/).

Можете да тргувате со акции, фондови, метали, итн.

#### Удели на инвестициски платформи

Можете да инвестирате во стартапи во рана фаза на развој преку инвестициски платформи. Со инвестицијата добивате удел во компанија која допрва треба да се развие. Можеби ќе успее, а можеби не. Но, ако успее, може неколкукратно да ги поврати вложените средства.

Од Македонија можете да инвестирате преку [Republic](https://republic.com/), [Wefunder](https://wefunder.com/), [Funderbeam](https://www.funderbeam.com/) и други.

Имајте предвид дека средствата ќе ви останат заробени во инвестицијата се додека таа не се реализира. Инвестицијата се враќа доколку компанијата во која сте вложиле се продаде на друга компанија или ако самата излезе на берза.

Минималните инвестиции за вакви платформи се 100 долари по инвестиција. На американски платформи дозволено ви е да инвестирате најмногу 2.200 долари годишно, освен ако не се акредитирате (за тоа требаат многу пари).

#### Криптовалути

Пазарот на криптовалути е многу млад и многу волатилен. Истовремено носи голем потенцијал за профит и голем ризик за загуба на средствата.

Инвестициите во криптовалути бараат едукација од финансиска и од техничка природа. Морате да имате претстава како функционира smart contract, да ракувате со крипто паричници, како да пренесувате средства од еден блокчеин на друг, итн.

Помеѓу помалку нестабилните опции за остварување приход од инвестиции во криптовалути е [децентрализираното финансисрање (DeFi)](https://www.coinbase.com/learn/crypto-basics/what-is-defi), поконкретно во давање на заем на вашите средства или во [стејкинг](https://www.coinbase.com/learn/crypto-basics/what-is-staking).

[**ДАЈТЕ МИСЛЕЊЕ ЗА СОДРЖИНАТА**](https://tally.so/r/wkBlj3)


# Кредитоспособност

Иако најчесто фриленсерите од Македонија заработуваат повеќе од работниците, не се кредитоспособни.&#x20;

За банката да ви даде кредит, треба да може да си го врати. За банката да може лесно да си го врати кредитот кој ви го дала, треба вашите приходи да и се на дофат.

Payoneer и странски сметки не и се на дофат. А, нередовните приливи ве прават високоризичен клиент.

Тоа значи дека постојат два проблеми:&#x20;

* Ако примате пари на Payoneer картичка, тие пари се вон дофат на банката затоа што не може да ви повлече самата пари од таму, дури и ако Payoneer картичката ви е поврзана со сметка во таа банка, и&#x20;
* ако немате редовни месечни приливи (еден прилив од 5.000 евра во февруари и два приливи од по 3.000 евра во мај и еден прилив од 8.000 евра во октомври не се редовни месечни приливи), тоа ве прави клиент кој може да не го врати кредитот. Банките кај нас не преземаат такви ризици. Според [овој твит на Сем Пар](https://twitter.com/theSamParr/status/1492580098033213444), основачот на [The Hustle](https://thehustle.co/), слично е и во САД.

Оттука, шанса да станете кредитоспособен и да земете станбен кредит или некој друг кредит како фриленсер е можно само ако сте целосно социјално осигурани и парите ги добивате на сметка во македонска банка (осигуран преку агенција, ваша фирма или фирма на познаник).&#x20;

Сепак, ова прифатете го со голема доза резерва и секогаш консултирајте ги банките пред да правите планови или да преземете каков било чекор затоа што на крајот банката има право самата да одлучи дали ќе ви даде кредит или не. Тие имаат некои општи правила за определување на ризикот по кои одлучуваат, но одлуките се носат за секој случај поединечно. Ако вашиот другар фриленсер добил некаков кредит од некоја банка, тоа не значи дека и вие ќе го добиете.

Генерално, вработените во државни институции, во големи фирми (банки, телекоми) и во помали но стабилни и профитабилни фирми (ИТ компании) немаат проблем да добијат кредит (станбен, потрошувачки, било каков), додека вработените во други фирми никогаш не можат да бидат сигурни дали ќе добијат или не. Банката го проценува ризикот за (не)враќање на кредитот во секој посебен случај и одлучува врз основа на таквата проценка.

[**ДАЈТЕ МИСЛЕЊЕ ЗА СОДРЖИНАТА**](https://tally.so/r/mBWaY3)


# Вовед во примање исплати

Постојат начини да се добијат парите од фриленс работата на вашата банкарска сметка.&#x20;

Многу е лесно да се примат пари од македонски клиент, но покомплицирано е да се примат пари од странски клиент затоа што тоа опфаќа меѓународен трансфер на пари.

Во овој дел ќе ги разгледаме следните опции на примање пари на:

* сметка во македонска банка
* сметка во странска банка
* сметка во финтек компанија (Payoneer, Paypal, Wise и сл.)

[**ДАЈТЕ МИСЛЕЊЕ ЗА СОДРЖИНАТА**](https://tally.so/r/wAezNw)


# Банка во Македонија

Пари на сметка во македонска банка можете да примите како физичко лице или како правно лице (на име на фирма).

TL;DR: Треба да го направите следното:

* да му дадете на клиентот SWIFT и IBAN код, назив и адреса на банката
* тој ќе ви ги испрати парите
* кога парите ќе стигнат во Македонија, ќе ви се јават од банката за да одите во банка да потпишете изјава за потекло на парите
* парите ќе ви легнат на девизна сметка и од таму можете да ги префрлите на денарска

### **Како физичко лице**

Начинот на примање на исплатите како физичко лице во Македонија зависи од тоа дали парите ги примате директно од клиентот или од фриленс платформа (Апворк, Фајвер, и сл.).

* Ако парите ги примате директно од клиент врз основа на договор (формален договор потпишан од двете страни или неформален договор кој не е потпишан за кој само сте издале фактура), клиентот може парите да ви ги испрати директно во македонска банка.
* Ако работите на платформа како Апворк или Фајвер, клиентот ви плаќа преку платформата. Потоа вие ги повлекувате парите на ваша сметка. Една од опциите е да ги повлечете на сметка во македонска банка.

За да ви испратат пари на сметка во македонска банка потребно е на клиентот или на платформата да им дадете SWIFT и IBAN.

SWIFT е код за банката. Секоја банка има свој SWIFT код по кој се идентификува при меѓународниот трансфер на пари.

IBAN кодот ја идентификува вашата сметка во банката.

Двата кодови заедно идентификуваат во која точно банка и на која точно сметка треба да легнат парите.

Освен за трансфер од банка кон банка, SWIFT и IBAN понекогаш се потребни и за трансфер од финтек кон банка. Таков е случајот со Wise (поранешен Transferwise).

Ако клиентот е од САД, клиентот може да побара да пополните и [W-8BEN формулар](https://www.irs.gov/pub/irs-pdf/fw8ben.pdf). Овој формулар нему му е потребен за да може да докаже на американските даночни власти дека вие не плаќате данок во САД и дека тој не мора да ви задржи данок од сумата која треба да ви ја исплати. Доколку ви побара да пополнете таков формулар, пополнете го за да не ви задржат пари за данок кој не треба да го платите.

Кога парите ќе пристигнат во вашата банка во Македонија, тие треба да се распределат на вашата сметка. Пред да се случи тоа, битни се две работи:

* Да имате девизна сметка во валутата во која ги примате парите. Ако ви плаќаат во евра, ви треба девизна сметка во евра. Ако ви плаќаат во долари, ви треба девизна сметка во долари. Девизна сметка се отвора за неколку минути во експозитура. Парите првично ќе ви легнат на девизна сметка, а потоа од таа можете да ги префрлите на денарска сметка за да ги трошите со платежна картичка.
* Да потпишете изјава за потекло на приливот. Банката мора да почитува закони за борба против перење пари и тероризам заради кои е должна да побара ваша изјава за тоа од каде и по кој основ сте го добиле приливот. Изјавата се пополнува на образец каде што додавате само:&#x20;

  * 1\) од кого ги примате парите (тоа ќе биде името на клиентот, името на палтформата, името на вашата фирма во странство, и сл.) и&#x20;
  * 2\) основот (нешто општо, како консултантски услуги, дизајнерски услуги, и сл.).&#x20;

  Треба да потпишете ваква изјава за секој прилив посебно. Ако имате договор на повеќе месеци со некоја фирма, при што од истата фирма добивате постојани периодични приливи, доволно е само еднаш да потпишете ваква изјава. Можете на банката да и дадете и траен налог за веднаш парите да ви ги претвораат во денари. Откако ќе ја потпишете изјавата, парите за неколку часа ќе ви легнат на сметка. Се случува банката да побара и договор со клиент или нешто слично. Ако дојде до тоа, објаснете им од каде и зошто добивате пари. Генерално, флексибилни се во вакви ситуации.

За парите да ви легнат на сметка ќе треба да платите провизија. Прочитајте ги сите провизии од сите банки во Македонија на [овој линк](https://www.freelancefrom.mk/primanje-pari/provizii-na-makedonskite-banki).

### Како правно лице

Ако имате отворено фирма во Македонија, можете да примите пари на вашата сметка на сосема ист начин како и физичките лица.

Покрај примање пари директно на сметка, опција за едноставни плаќања се [Монри](https://monri.com/mk/webpay/) и [Bridge Payments](https://www.bridgepayments.com/), кои функционираат слично како Страјп.

[**ДАЈТЕ МИСЛЕЊЕ ЗА СОДРЖИНАТА**](https://tally.so/r/wbQqE3)


# Банка во странство

**TL;DR:** Не смеете да имате ваша лична сметка во странска банка, а и за ваша фирма регистрирана во Македонија има многу ограничувања. Сметка во странска банка може лесно да отвори ваша фирма регистрирана во странство. За [повеќе информации во врска со фирма во странство проверете ја Neubase](https://neubase.co/), која ја основавме за да им овозможиме на фриленсери и претприемачи да ги заобиколат препреките кои им ги сервира бирократијата.

Поопширно за ова:

### **На сметка во странска банка како физичко лице**

Законот за девизно работење изрично забранува македонски државјанин кој живее или престојува во Република Северна Македонија да отвори и да има сметка во странска банка. Отворањето на банкарска сметка во Бугарија, Србија, Германија, Бразил, Буркина Фасо или било каде во светот претставува прекршок и се казнува со глоба од 1500 евра.

Во врска со отворањето на сметка во странска банка битно е да го знаете следното:

* Можете да влезете во било која банка во светот и да си отворите сметка како физичко лице. Доколку тоа го дозволат политиките на таа банка, тие веднаш ќе ви отворат сметка. Странските банки не се грижат дали вам ви е дозволено да отворите сметка или не. Не се грижат ниту за УЈП или девизниот инспекторат. Тоа е ваша грижа и на УЈП, а не на банката.
* Доколку македонските власти спроведат истрага против вас (треба нешто да им укаже на тоа дека баш вие имате сметка во странство) и се обратат до странската банка каде што имате сметка, таа ќе биде должна да им даде податоци за вас. ОЕЦД има развиено [систем за автоматска размена на податоци за банкарски сметки](https://sterlingoffshore.com/knowledge-base/general/common-reporting-standard/) помеѓу група на земји, но Македонија не е дел од таа група. Ниту нашите банки имаат обврска за автомтска размена на податоци, ниту странските банки се обврзани автоматски да достават информации до нашите власти. За тоа неопходна е истрага.

Постојат некои исклучоци за одредени цели, како наследување на средства во странство или тргување со хартии од вредност. Сепак, фриленс работата не е опфатена со исклучоците.

Финтек провајдерите, како Paypal, Payoneer, Skrill и сличните не се опфатени со забраната за сметки во странска банка затоа што не се банки. Дозволено е да имате сметки во финтек компании. Повеќе за тоа на [овој линк](https://www.nbrm.mk/content/Regulativa/%D0%9E%D0%B4%D0%BB%D1%83%D0%BA%D0%B0%20%D0%B7%D0%B0%20%D0%BE%D1%82%D0%B2%D0%BE%D1%80%D0%B0%D1%9A%D0%B5%20%D1%81%D0%BC%D0%B5%D1%82%D0%BA%D0%B8%20%D0%B2%D0%BE%20%D1%81%D1%82%D1%80%D0%B0%D0%BD%D1%81%D1%82%D0%B2%D0%BE%20\(%D0%BF%D1%80%D0%B5%D1%87%D0%B8%D1%81%D1%82%D0%B5%D0%BD%20%D1%82%D0%B5%D0%BA%D1%81%D1%82%20%D1%81%D0%BE%20247_21\).pdf) (точка 4 на страна 5).

Во теорија, можно е да имате сметка во странска банка, да примате пари на таа сметка и така да работите доколку сте комотни со заканата од парична казна.

### **На сметка во странска банка како правно лице**

Ако имате отворено фирма во друга држава, тогаш имате право да си отворите и банкарска сметка таму. Македонската регулатива за девизно работење не важи на странски фирми, макар биле и во 100% сопственост на македонски државјани. [Прочитајте повеќе за тоа на овој линк.](https://www.freelancefrom.mk/firma/osnovanje-i-vodenje-na-firma-vo-amerika) Ако ви треба помош со отворање на таква сметка, на располагае ви е [Neubase](https://neubase.co/).

Имајте предвид дека отворањето банкарски сметки најчесто значи дека ќе мора да отпатувате во другата земја и лично да се појавите во банката заради правилата поврзани со спречување на перење пари ([KYC - Know Your Customer правила](https://en.wikipedia.org/wiki/Know_your_customer)). Исклучок засега се САД и Естонија, каде што имате можност и онлајн да отворите сметка во ограничен број на банки. Ако отворите фирма во друга земја, можете за почеток да користите финтек (како [Wise](https://wise.com/)) и да ја направите фирмата функционална и да работите, а кога ќе патувате таму да отворите и сметка во банка.&#x20;

За да примите пари на сметка во странска банка, се што треба е на клиентот да му испратите фактура и број на сметка, а потоа тој ќе ви плати. Ако имате можност да користите Stripe, можете да му испратите и линк за плаќање, при што тој ќе добие checkout форма за плаќање со картичка заедно со фактура.

Можете да отворите сметка во странска банка и за вашата фирма основана во Македонија, но само за [строго определени работи](https://www.nbrm.mk/content/Regulativa/%D0%9E%D0%B4%D0%BB%D1%83%D0%BA%D0%B0%20%D0%B7%D0%B0%20%D0%BE%D1%82%D0%B2%D0%BE%D1%80%D0%B0%D1%9A%D0%B5%20%D1%81%D0%BC%D0%B5%D1%82%D0%BA%D0%B8%20%D0%B2%D0%BE%20%D1%81%D1%82%D1%80%D0%B0%D0%BD%D1%81%D1%82%D0%B2%D0%BE%20\(%D0%BF%D1%80%D0%B5%D1%87%D0%B8%D1%81%D1%82%D0%B5%D0%BD%20%D1%82%D0%B5%D0%BA%D1%81%D1%82%20%D1%81%D0%BE%20247_21\).pdf) (точка 5 на страна 6) за кои треба потоа да добиете одобрение од Народна Банка.

Сепак, можете да имате банкарска сметка во странство преку ваша компанија која е регистрирана во таа земја. Вајоминг во САД е најдобар избор. Повеќе за тоа на [овој линк](https://www.freelancefrom.mk/firma/osnovanje-i-vodenje-na-firma-vo-amerika) или на веб страната на [Neubase](https://neubase.co/).&#x20;

[**ДАЈТЕ МИСЛЕЊЕ ЗА СОДРЖИНАТА**](https://tally.so/r/w7rqz3)


# Финтек

Финтек компанија е компанија која дава платежни услуги, но не е банка. Финтек компаниите пренесуваат пари од една на друга сметка, даваат и други видови на платежни услуги, но не чуваат пари (парите ги чуваат на банкарски сметки во вистински банки). Замислете ги финтек компаниите како front-end, а банките како backend во трансферот на пари.

Такви се Paypal, Payoneer, Stripe, Paysend, Wise и уште многу други слични на нив. [Дозволени се во Македонија](https://www.nbrm.mk/content/Regulativa/%D0%9E%D0%B4%D0%BB%D1%83%D0%BA%D0%B0%20%D0%B7%D0%B0%20%D0%BE%D1%82%D0%B2%D0%BE%D1%80%D0%B0%D1%9A%D0%B5%20%D1%81%D0%BC%D0%B5%D1%82%D0%BA%D0%B8%20%D0%B2%D0%BE%20%D1%81%D1%82%D1%80%D0%B0%D0%BD%D1%81%D1%82%D0%B2%D0%BE%20\(%D0%BF%D1%80%D0%B5%D1%87%D0%B8%D1%81%D1%82%D0%B5%D0%BD%20%D1%82%D0%B5%D0%BA%D1%81%D1%82%20%D1%81%D0%BE%20247_21\).pdf) (точка 4 на страна 5).

Тешко е да се каже која компанија нуди најдобри услови. Тоа ќе зависи од тоа какви сервиси користи вашиот клиент, во која валута ве исплаќаат итн.&#x20;

Paypal не е достапен кај нас за примање исплати, но и онака има повисоки провизии и понекогаш знаат да ги замрзнат средствата на корисниците.

Кога станува збор за плаќањата, регулативите низ светот се уште се доста комплицирани и побаруваат големи ресурси од компаниите за да се усогласат со правилата на работа во различни земји и региони. Затоа голем дел од компаниите нудат услуги само на граѓани и жители од Европската Унија, само во САД, итн. Со [основање на компанија во странство](https://neubase.co/) може да се заобиколат ограничувањата.

Македонија често пати е исклучена од овие текови (што заради домашното, што заради странското законодавство), па поради тоа на фриленсерите кои работат од овде не им се достапни сите овие сервиси. Дополнителен проблем е и застарената регулатива за платежни услуги.

Сепак има еден мал дел кои работат глобално, вклучително и со македонски граѓани.

За да објасниме подобро кои можности ги нудат за македонски фриленсери, ќе ги поделиме во групи:

* кои ќе ви издадат картичка од која можете трошите на ПОС терминали и да вадите пари од банкомат
* кои само ќе овозможат поедноставен трансфер на пари од странство до вашата сметка во банка во Македонија

### Финтек компании со картички

Кога компанијата ви овозможува користење на нивна картичка, тоа ви дава можност парите да ги трошите директно од сметката во финтек компанијата. Не морате претходно да ги префрлате на сметка во банка.

#### Payoneer

[Payoneer](https://www.payoneer.com/) е еден од најпопуларните финтек сервис на глобално ниво. Овозможуваат да примите исплата за услуги, а вашиот клиент при тоа не мора да има сметка кај нив.

Payoneer овозможува и користење на нивна платежна картичка. Со картичката можете да плаќате на ПОС терминали по продавници, да плаќате било што онлајн, или да подигате пари на банкомат.

Сметката се отвора бесплатно и задолжително се поврзува со сметка во македонска банка.

Користењето на картичката се плаќа 30 американски долари годишно. Овој трошок не се наплаќа се додека не ви легнат најмалку 30 долари на сметката. На вашата адреса ќе стигне за 15-30 дена (рокот најмногу зависи од пошта).

Провизиите на Payoneer во моментов се околу 150 денари ($2.75). На тоа треба да ги додадете и провизиите на конверзија на валутата од долари во денари и провизиите на банката која е сопственик на банкоматот.

#### Native Teams

Native Teams овозможува користење на дигитален паричник (wallet) и на платежна картичка поврзана со тој паричник. Картичката која ќе ја добиете е всушност картичка за вработени на фирмата (службена картичка за трошоци). Вие, всушност, ќе бидете вработен во Native Teams, a парите што ќе ги заработите ќе ги добиете на сметка за трошење.

Клиентот вам ви исплаќа пари (или повлекувате од Апворк) и тие пари одат во вашиот паричник. Клиентот може да ве исплати и преку Пејпал и други сервиси кои не се достапни за македонски граѓани, со оглед на тоа што парите легнуваат на сметката на Native Teams, а тие потоа ви ги распределуваат вам. Провизии и трошоци нема, туку плаќате месечна претплата. Цените на претплатата се достапни на овој линк.

Клиентот не мора да користи Native Teams за да ве исплати.

Од картичката можете да повлекуват пари на банкомат, да плаќате на ПОС терминали, да плаќате онлајн, итн.

Картичката ќе ја добиете на домашна адреса за две-три недели од барањето за издавање.

#### Paysera

Paysera е речиси идентичен сервис како Payoneer. Ви доделуваат СЕПА IBAN код (исто како да сте од ЕУ). По потврдувањето на идентитетот можете да си порачате и платежна картичка.  Картичките се достапни за секој корисник, но ги испорачуваат само во земјите на ЕУ. Можете картичката да ја испратите кај некој познаник во ЕУ, па тој/таа да ви ја испрати потоа во Македонија.

Провизиите на Paysera можете да ги прочитате на [овој линк](https://www.paysera.com/v2/en/fees/payment-card-fees).

### Финтек компании без картички (за нас)

Ако финтек компанија не нуди картичка, тогаш не можете да извадите пари на банкомат директно од вашата сметка во таа компанија. Прво морате да ги пренесете парите на вашата банкарска сметка, па потоа да ги трошите.

Овие компании, всушност, само овозможуваат побрз, поедноставен и често поефтин трансфер на пари од странска банка до вашата банка во Македонија.

#### Wise

Wise е сервис со доста ниски провизии. За да ви исплатат пари преку Wise треба на клиентот да му дадете име и презиме, има и адреса на банката, како и IBAN и SWIFT. Не морате вие да правите профил на Wise за да ви испратат пари, но вашиот клиент ќе мора да направи за да ви испрати средства.

Провизиите се достапни на [овој линк](https://wise.com/gb/pricing/).

Wise нудат и платежна картичка на корисниците, но таа е достапна само за луѓе со живеалиште или престојувалиште во земјите на [оваа листа](https://wise.com/help/articles/2968915/can-i-get-the-wise-card-in-my-country).

На интернет може да се налета на тврдења дека и во Македонија може да се добие Wise картичка ако се пријави адреса во друга држава каде што имате некој што може да ја прими картичката по пошта и потоа некој од таму ви ја испрати картичката. Тоа значи дека треба да пријавите лажна адреса во Wise. Тоа може да се случи, но е спротивно на договорот кој го имате со Wise ([Customer Agreement](https://wise.com/terms-of-use#/section-8)). Во врска со ова клучни се два члена од договорот:

![](/files/GStJyaWW716iIYjloFwh)

Обрнете внимание на членовите 8.2 и 9.1.

Член 8.2 ве обврзува да доставите точни податоци и истите да ги ажурирате како што ќе се менуваат (на пример, ако смените адреса, презиме, и сл.). Исто така вели дека Wise во секое време може да ви побара дополнителна документација да ги потврди податоците кои сте ги доставиле таму.

Членот 9.1 исто така им дозволува да прибават дополнителни информации за вас со цел да го потврдат вашиот вистински идентитет (KYC).

Кои се можните последици ако Wise сфатат дека сте им дале лажни податоци? Членот 25.2 вели дека може да ви ја затворат сметката без претходна најава:

![](/files/4jq7Tk567KcXg9OMgVZM)

Исто така, Wise е заштитен доколку вие го прекршите договорот или некој закон (види чл.21.9 подолу).

![](/files/b0AGfRofczxg9HpY8o30)

#### Bankera

[Bankera](https://bankera.com/) функционира исто како Wise. Можете да отворите лична и бизнис сметка кај нив, но не испорачуваат платежни картички за македонски државјани.

Провизиите се достапни [овде](https://bankera.com/pricing/personal-account/).

#### Paysend

[Paysend](https://paysend.com/) е еден од наједноставните сервиси за трансфер на пари кои постојат.&#x20;

Трансферот се врши од еден теелфонски број кон друг. Всушност, бројот е поврзан со сметка во банка или со картичка, а сервисот ги користи телефонските броеви за да ги идентификува сметките.

Провизиите се достапни [овде](https://paysend.com/en-gb/global-account/help/begin/paragraph5).

#### Xoom

[Xoom](https://www.xoom.com/macedonia/send-money) e сервис на меѓународен трансфер на пари на Пејпал преку кој странски клиент може да ви испрати пари во Македонија.

Xoom функционира на ист начин како Western Union и Moneygram, само со многу пониски провизии. Откако испраќачот ќе ви ги испрати парите, можете да ги подигнете во кеш од локациите на [Риа Капитал](http://www.capitalria.mk/mk/locations/) низ државата.  Провизиите ги плаќа само испраќачот, а примачот не плаќа ништо.&#x20;

Не е потребно поврзување со банкарска сметка. При подигањето на средствата треба да приложите лична карта.

#### Bitwage

[Bitwage](https://www.bitwage.com/) се разликува од другите финтек сервиси на оваа листа по тоа што поддржува и криптовалути. Потребно е и вие и клиентот да имате кориснички профил на Bitwage за да може преку овој сервис да ве исплатат.

Провизиите се достапни [овде](https://www.bitwage.com/pricing/).

#### Skrill

[Skrill](https://www.skrill.com/en/) одамна опслужува македонски клиенти, но за нешто [повисоки провизии](https://www.skrill.com/en/siteinformation/fees/) од останатие на оваа листа. Не испорачуваат картички во Македонија.

#### Black Cat

[Black Cat Card](https://blackcatcard.com/) e финтек сервис кој е многу сличен на Payoneer. Не испорачуваат платежни картички на македонски граѓани во Македонија. Можете да си направите виртуелен паричник кај нив, но картички испорачуваат само во земјите на Европскиот економски простор.

Провизиите се достапни на [овој линк](https://blackcatcard.com/en/legal/price.html).

### Финтек сервиси кои не можете да ги користите

Од популарните платежни сервиси, следните три сигурно не можете да ги користите:

#### Paypal

Можете да направите кориснички профил на [Пејпал](https://www.paypal.com/us/home), но ќе можете да го користите само за испраќање на пари и за плаќања. Не можете да примате пари на Пејпал сметката.

Во минатото се случуваше македонски државјани да отворат Пејпал сметка претставувајќи се како Словенци, меѓутоа денес Пејпал успева многу полесно да ја детектира локацијата на корисникот. Исто така, се случуваше и да ги замрзнат средствата на оние кои дале лажни податоци.

Доколку денес ви успее да примите исплата на Пејпал сметка претставувајќи се како странец, имајте предвид дека тоа, многу веројатно, е само привремено додека не ве фатат.

#### Crypterium

[Crypterium](https://crypterium.com/) до пред некое време нудеа платежна картичка и за македонски државјани, но сега веќе не може да се добие картичка. Инаку нивната картичка се врзува со крипто паричник и со тоа овозможува трошење на криптивалути (всушност, криптовалутите ги претвора во долари или евра непосредно пред трошењето).

### Финтек за фирми регистрирани во странство

Ако регистрирате фирма во странство, ќе ви станат достапни многу од популарните финансиски сервиси како Stripe, Brex, Paypal, Braintree, Revolut и други.

САД е земјите од ЕУ имаат најдобар пристап до вакви алатки. Затоа може да ве интересира [основање на компанија во САД со Neubase](https://neubase.co/) и да добиете пристап до world class алатаки за трансфер на пари.

[**ДАЈТЕ МИСЛЕЊЕ ЗА СОДРЖИНАТА**](https://tally.so/r/m6EL5n)


# Провизии на македонските банки

Трансферот на пари од една на друга сметка чини пари. Кога трансферот е прекуграничен, чини уште повеќе пари.

Трошоците ги плаќаат испраќаот и примачот на средствата во форма на провизии. Провизија ќе ви наплати банката од која се испраќаат парите и банката каде што легнуваат парите.

Кога ви исплаќа пари клиент од странство, провизија наплаќа неговата локална банка, а потоа кога парите ќе стигнат во Македонија, провизија вам ќе ви наплати и македонската банка.

За да ги проверите провизиите на странските банки потребно е да знаете од која банка ви се испраќаат пари (за помали провизии се користат финтек сервиси).

За да ги проверите провизиите во македонските банки, во продолжение следуваат линкови каде што можете да ги видите провизиите кои ги наплаќаат македонските банки:

[Комерцијална Банка](https://www.kb.com.mk/content/%D0%A3%D1%81%D0%BB%D0%BE%D0%B2%D0%B8%D0%B8%D0%BD%D0%B0%D0%B4%D0%BE%D0%BC%D0%B5%D1%81%D1%82%D0%BE%D1%86%D0%B8%D0%B7%D0%B0%D0%BD%D0%B0%D0%BF%D0%BB%D0%B0%D1%82%D0%B8%D0%BE%D0%B4%D1%81%D1%82%D1%80%D0%B0%D0%BD%D1%81%D1%82%D0%B2%D0%BE2.pdf)

[НЛБ Банка](https://nlb.mk/%D0%9F%D1%80%D0%B0%D0%B2%D0%BD%D0%B8_%D0%BB%D0%B8%D1%86%D0%B0/%D0%9F%D0%BE%D0%BD%D1%83%D0%B4%D0%B0/%D0%9F%D0%BB%D0%B0%D1%9C%D0%B0%D1%9A%D0%B0/%D0%9F%D0%BB%D0%B0%D1%82%D0%B5%D0%BD_%D0%BF%D1%80%D0%BE%D0%BC%D0%B5%D1%82_%D0%B2%D0%BE_%D1%81%D1%82%D1%80%D0%B0%D0%BD%D1%81%D1%82%D0%B2%D0%BE.aspx#tab-35)

[Стопанска Банка Скопје](https://www.stb.com.mk/ostanati-sodrzini/tarifi/tarifi-fizicki-lica/) (барајте подолу Девизна трансакциска сметка за физички лица)

[Халк Банка](https://halkbank.mk/tarifa-naselenie.nspx)

[Уни Банка](https://www.unibank.mk/static/media/Tarifa_UNIBanka.b539e263.pdf)

[Шпаркасе Банка](https://www.sparkasse.mk/Footer/%D0%9A%D0%BE%D1%80%D0%B8%D1%81%D0%BD%D0%B8_%D0%B8%D0%BD%D1%84%D0%BE%D1%80%D0%BC%D0%B0%D1%86%D0%B8%D0%B8/%D0%9E%D0%BF%D1%88%D1%82%D0%B8_%D1%83%D1%81%D0%BB%D0%BE%D0%B2%D0%B8_%D0%BC%D0%B5%D1%82%D0%BE%D0%B4%D0%BE%D0%BB%D0%BE%D0%B3%D0%B8%D1%98%D0%B0_%D0%B8_%D0%BD%D0%B0%D0%B4%D0%BE%D0%BC%D0%B5%D1%81%D1%82%D0%BE%D1%86%D0%B8/%D0%A4%D0%B8%D0%B7%D0%B8%D1%87%D0%BA%D0%B8_%D0%BB%D0%B8%D1%86%D0%B0.aspx?IdMenu=1141\&IdLanguage=1\&IdRoot=1112)

[Стопанска Банка Битола](https://www.stbbt.mk/platen-promet-vo-stranstvo-fizicki-lica.nspx)

[Прокредит Банка](https://www.procreditbank-direct.com/docs/21/pricelist%20mk.pdf) (единствената која не наплаќа конкретна провизија за прилив, повеќе инфо [тука](https://www.pcb.mk/mk/node/738?utm_source=Facebook\&utm_medium=priliv-17.03-14.04.2021\&utm_campaign=besplatni-prilivi-2021), но наплаќа месечна фиксна провизија за цел пакет услуги од 300 денари)

[Алфа Банка](https://www.alphabank.com.mk/ipoperations_mk.htm)

[Капитал Банка](http://capitalbank.com.mk/CMS/Upload/HTML/Dokumenti/Makedonski/TFL-mak%2021.10.2019.pdf)

[Централна Кооперативна Банка](http://www.ccbank.mk/Upload/Documents/145128%D1%81%D1%80%D0%B5%D0%B4%D0%B0,02%D1%84%D0%B5%D0%B2%D1%80%D1%83%D0%B0%D1%80%D0%B82022Intranet%20PPS%20012022.pdf)

[ТТК Банка](https://www.ttk.com.mk/WBStorage/Files/Nadomestoci_za_uslugi_po_devizni_raboti_za_fizicki_lica_2_6_2021.pdf)

[**ДАЈТЕ МИСЛЕЊЕ ЗА СОДРЖИНАТА**](https://tally.so/r/mYlR0n)


# Вовед

Фирмата ви овозможува да ги одвоите вашите деловни активности од личните.

Не е неопходно да имате фирма за да направите таква поделба, но може да биде корисно.

Компанија можете да основате поради две причини:

* да отстраните одредени пречки кои ги имате во работата затоа што работите од Македонија
* да добиете одредени бенефити кои ги немате кога работите како физичко лице.

Тоа пред се значи дека ќе можете:

* да користите подобри финансиски услуги без при тоа да платите данок за тоа, ако ја основате фирмата на прав начин во правата јуриздикција
* пред клиентите да настапите како компанија или агенција (макар и од еден човек), а не како фриленсер
* да добиете државно здравствено и пензиско осигурување, ако компанијата ја основате во Македонија

Овде ќе разгледаме:

* како се основа и води фирма во Македонија
* како се основа и води фирма во странство
* какви и колку даноци плаќаат фирмите во Македонија и странство
* споредба помеѓу повеќе јуриздикции

[**ДАЈТЕ МИСЛЕЊЕ ЗА СОДРЖИНАТА**](https://tally.so/r/w5P4b3)


# Основање и водење фирма во Македонија

Како соло фриленсер можете да регистрирате фирма како трговец-поединец (ТП) или како друштво со ограничена одговорност на едно лице (ДООЕЛ).

### Разлики помеѓу ТП и ДООЕЛ

Најголемаа и најбитна разлика помеѓу двете форми на трговско друштво е тоа што трговецот-поединец одговара со сиот свој имот, а ДООЕЛ одговара само со имотот на фирмата.

Ако некому должите 12.000 евра, а на сметка имате 5.000 евра, тогаш:

* ТП ќе плати дел од долгот со тие 5.000 евра на сметката, а другите 7.000 евра ќе ги доплати основачот од својата лична сметка,
* ДООЕЛ ќе плати дел од долгот со тие 5.000 евра на сметката, а остатокот ќе го доплати само ако му легнат други средства на сметката. Ако нема нови средства на сметката, тогаш може да оди во стечај и долгот да се наплати од стечајната маса. Ако нема доволно стечајна маса да се наплати долгот, тогаш долгот никогаш нема да биде наплатен.

Друга битна разлика е тоа што трговецот-поединец плаќа придонеси за социјално осигурување на целата заработка. ДООЕЛ на својот управител може да му исплати само минимална плата и миниму социјални придонеси, а остатокот да му го исплати како хонорар, бонус или дивиденда, на кои се плаќа само 10% персонален данок на доход. Со тоа се заштедува на придонеси, доколку не сакате да го плаќате целиот износ.

Од аспект на фриленсерска работа, нема други поголеми разлики во она што го овозможува секоја од формите.

Имајќи предвид дека ТП носи многу повеќе ризици отколку бенефити, овде ќе се фокусираме на ДООЕЛ.

### Основање на ДООЕЛ во Македонија

Процесот на основање фирма во Македонија е доста лесен и едноставен. Можете да си ја основате и сами, а можете да искористите и услуга на регистрационен агент (адвокат или сметководител). Ако ја основате сами ќе треба да си ги составите и основачките акти и да имате дигитален потпис.

Основањето на фирмата во просек чини околу 12.000 денари. Оваа сума варира во зависност од тоа кој ќе ви ја регистрира фирмата, каков влог ќе внесете, итн.

Во овие трошоци влегува и проценката на имотот кој го внесувате во фирмата. Согласно закон, ако основате ДООЕЛ морате во фирмата да вложите најмалку 5.000 евра во денарска противвредност. Тоа не мора да бидат пари, туку може да бидат и предмети кои ги имате во домот. Ќе треба да платите проценител да дојде кај вас дома и да направи „проценка“ да стварите. Кога ќе се соберат вкупно 5.000 евра, тоа ќе влезе како влог во фирмата.

Услугата на проценителот чини околу 6.000 денари. Уплатата на средствата на сметка може и да се одложи.

Иако беше најавено, се уште не се направени измени на законот кои ќе овозможуваат влог од само 1 евро. Колку за споредба, влогот во Естонија е 2.500 евра, а во Велика Британија и САД е 0.

Ќе ви треба и изработка на печат и штембил, кои чинат околу 1000 денари.

### Водење на фирма во Македонија

Фирма во Македонија, во најмала рака, има трошоци за:

* Комунална такса за фирма (фирмарина) која се наплаќа од општината. Помалите општини наплаќаат околу 2000 денари, додека во Скопје достигнува до [8000 денари годишно](http://ipserver1.skopje.gov.mk/e-skopje/sluzben%20glasnik%20so%20konverzija.nsf/82aa49069edfbbb780256a22004ba9e0/cdba71d015820159c125706500332324?OpenDocument). Секоја општина самата одлучува колку ќе наплаќа.
* Сметководство. Иако ангажирање на сметководител не е задолжително, сепак стандардите по кои се бара да ги водите деловните книги бара ангажирање на сметководител. Нивните цени стартуваат од 3000 денари месечно па нагоре, зависно од тоа колкав обем на работа ќе има вашата фирма.

Имајќи го предвид сето ова, очекувајте да имате трошок од околу 600 евра годишно за водење на фирмата. На тоа додајте 10% данок на добивка за фирмата, па потоа уште 10% данок на личен доход за вас плус трошоци за придонеси (ако воопшто сакате да ги плаќате).

При тоа, ќе бидете ограничени на користење на услугите само на македонските банки.

[**ДАЈТЕ МИСЛЕЊЕ ЗА СОДРЖИНАТА**](https://tally.so/r/wdeNNn)


# Основање и водење фирма во странство

Можете да основате фирма во странство. Во нашите закони не постои апсолутно никаква пречка да основате фирма во странство.

Фирма во странство може да биде многу поефикасна форма на работа за фриленсер од Македонија во споредба со фирма основана во Македонија. Со добар избор на јуриздикција за основање и на форма на компанијата, данокот може да се доведе на 0%, трошоците за водење да бидат пониски од тие во Македонија, а истовремено да имате пристап до странски банки, до Stripe, Paypal, Brex и други финансиски алатки за примање на исплати од клиенти.

Неколку работи кои се битни за странска фирма основана од македонски државјанин:

* фирмата е даночен резидент на странската држава и таму плаќа данок на добивка (ако воопшто има таква обврска)
* македонското УЈП или било која институција нема надлежност над таква фирма
* во дел од странските држави целата процедура може да се направи онлајн без да се патува во таа држава

За да направите паметен избор во која земја да отворите фирма да им служи на вашата фриленс работа или евентуално на онлајн бизнис потфати, потребно е во предвид да ги имате следните работи:

* трошоците за оворање на фирмата (такса, регистрационен агент)
* трошоците за водење на фирмата (сметководство, локално лице за контакт, регистрационен агент, годишна такса, итн.)
* даноци кои треба фирмата да ги плаќа (данок на добивка, ДДВ)
* пристап до финансиски услуги (процесори за плаќање со ниски провизии)

Овде ќе направам споредба помеѓу само три земји и форми на компанија кои сметам дека може најдобро да ви послужи, како и некои кои се популарни, а не се најсоодветните кои постојат. Тие три се САД, Велика Британија и Естонија.

### САД (Вајоминг, Ново Мексико или Делавер)

Limited liability company (LLC) е слично со друштво со ограничена одговорност (ДОО) во Македонија. Сличноста е во тоа што LLC и ДОО се посебни лица кои се целосно одвоени од основачот пред законот. Основачот е физичко лице, а фирмата е правно лице.

#### Како се основа фирма во САД (Вајоминг, Ново Мексико или Делавер)

Потребен ви е регистрационен агент во САД кој за вас ќе ги поднесе документите до регистарот. Тој и ќе ги пополни обрасците. Ваше е само да му платите годишна претплата и државната такса.

Државната такса за основање во Вајоминг чини 102 долари, за Ново Мексико e 50 долари, а за Делавер чини 90 долари. За која држава и да се решите, агентот за самата регистрација ќе ви наплати 200-300 долари или повеќе.

Потоа треба да извадите ЕИН број. Тоа е она што во нашиот систем е даночен број на фирмата. Тој број ви е неопходен за отворање на сметка во банка. Овој број се добива од ИРС (американското УЈП) и најчесто се чека неколку недели за да се добие.

Откако ќе го добиете ЕИН бројот, можете да отворите банкарска сметка онлајн кај одредени финтек компании кои ќе ви овозможат поврзување со вистинска бизнис банкарска сметка во САД. Можете да добиете и платежна картичка која ќе ви се испорача во Македонија.

Не е потребен основачки капитал.

Можам да ви помогнам околу отворање на ваква фирма. Контактирајте ме на <petar@pragmaticlab.io>.

#### Водење на фирма во САД (Вајоминг, Ново Мексико, Делавер)

Трошоците за водење на фирма во Вајоминг се многу ниски:

* 50-100 долари годишно за регистрационен агент
* годишна такса од 50 долари за Вајоминг, 0 долари за Ново Мексико (најевтин е, но понекогаш има проблеми со финтек компаниите) и 300 долари за Делавер (Делавер е малку поскап и одговара повеќе за стартап компании со најмалку двајца основачи, не е идеален за фриленсери и индивидуални претприемачи)

Покрај ова, треба да се поднесат два обрасци до ИРС, а тоа се [образец 1120](https://www.irs.gov/pub/irs-pdf/f1120.pdf) и [образец 5472](https://www.irs.gov/pub/irs-pdf/f5472.pdf). Се праќаат испринтани по пошта.

Сметководството може да биде бесплатно со [Waveapps](https://www.waveapps.com/pricing). Ако имате мал број на трансакции во годината, доволно е да ги водите во ексел табела. Ако имате голем број на трансакции, можете да користите софтвер за сметководство како [Quickbooks](https://quickbooks.intuit.com/eu/?) и [Freshbooks](https://www.freshbooks.com/pricing) и драстично да ги намалите трошоците за сметководство (може да чини помалку од 1000 денари месечно).

Затворање на фирмата чини околу 50 долари.

#### Даноци кои ги плаќа фирма во САД

Овде ќе се задржиме на LLC (Limited Liability Company) затоа што е најдобрата форма за фриленсер или индивидуален претприемач. LLC е американската верзија на ДОО, но има една голема разлика која вам ви одговара.

Разликата е во тоа што ДОО кај нас (и поголемиот дел од светот) плаќа данок на добивка. LLC не плаќа данок на остварената добивка затоа што е т.н. pass-through entity, што значи дека даночните обврски од фирмата се пренесуваат на основачот (или основачите, ако се повеќемина).

ДОО плаќа данок на добивка како правно лице, па кога основачот ќе ги добие парите на својата сметка како физичко лице ќе плати данок на личен доход. Така, истиот профит направен од една единствена личност, но пред законот две различни лица (правно и физичко), е оданочен два пати.

Pass-through entity статусот на LLC значи дека даночните обврски од правното лице преминуваат на физичкото лице - основач, така што иако се две различни лица пред законот, профитот е оданочен само еднаш. Значи, ако сте основач на LLC во САД (било која од федералните држави), не плаќа данок вашата фирма, туку вие.

Но, постои можност ниту вие да не платите данок и ефективната даночна стапка од работењето на фирмата да биде 0%. Тоа е можно доколку:

* основачот (или основачите) не се даночни резиденти на САД
* основачот поминува максимум 30 дена во САД (може и повеќе, но треба пополнување обрасци и докажување со ИРС)
* компанијата не треба да има редовно вработени државјани или жители на САД (фриленсери може, не се сметаат за вработени)
* компанијата не смее да има физички простории во САД (на пример, канцеларии, магацини и слично во свој посед, но може да рента магацини, да ги користи тие на Амазон, итн.)

Ако се исполнети овие четири услови, тогаш вие ќе бидете изземени од данок во САД. Треба да се поднесат пополнети обрасци секоја година до ИРС, но не треба да се плати ништо се додека се исполнуваат условите од погоре.

Кога ќе ги повлечете парите од сметката на фирмата кон вашата сметка како физичко лице, ќе должите 10% данок во Македонија затоа што сте даночен резидент на државата. Ако сте даночен резидент на друга држава, тогаш за вас ќе важат правилата на таа држава.

Сум поминал низ овој процес, така што ако сте заинтересирани за основање на фирма во САД и сакате да знаете повеќе, слободно обратете ми се на <petar@pragmaticlab.io> и ќе го споделам моето искуство.

#### Пристап до финансиски услуги

На американските фирми достапни им се Stripe, Paypal, Brex, Braintree, Wise и безброј други. Mercury ќе ви отвори банкарска сметка онлајн без да патувате во САД.

LLC основани во Ново Мексико понекогаш имаат проблеми со отворање на банкарска сметка, но не сите.&#x20;

Американските компании кои нудат некаков производ (особено софтвер) имаат пристап и до голем број на инвестициски фондови.&#x20;

Исто така, под одредени услови, US LLC може својот профит да ги инвестира на финансиските пазари и со тоа да стекне уште поголем профит. Овие пари се инвестираат пред да се донесат во Македонија и да се оданочат. Ако се решите на ваков чекор треба да бидете внимателни каде и како инвестирате, затоа што одредени приходи подлежат на данок во САД.

### Велика Британија

Многу е лесно и евтино да се основа онлајн Limited Liability Company (LTD) во Велика Британија. Тоа е нивната верзија на ДОО и LLC.

Може да основате и LLP (Limited Liability Partnership). LLP мора да има најалку два основачи.

LTD е попогоден за соло фриленсер или претприемач кој сака да работи преку британска фирма. LLP е поефикасна форма за најмалку двајца основачи-фриленсери.

#### Како се основа фирма во Велика Британија

Основањето [чини 12 фунти](https://www.gov.uk/limited-company-formation/register-your-company#:~:text=It%20costs%20%C2%A312%20and,you%20must%20register%20by%20post.) ако сам ја основате, а ако користите услуги на агент ќе чини нешто повеќе. Морате да отпатувате до Велика Британија за да отворите сметка во банка. Сепак, фирмата можете да ја направите функционална со финтек сметка (Wise и слични), па кога ќе отпаувате таму да си отворите и банкарска сметка.

Не е потребен основачи капитал.

#### Водење на фирма во Велика Британија

Потребни ќе ви бидат пари за сметководство, кое можете евтино да го решите со комбинација на финтек и на сметководствените алатки од погоре.

На крајот на годината се плаќа годишна такса од 13 фунти.

#### Даноци за LTD и LLP во Велика Британија

LTD компанијата плаќа данок на добивка од 19% во Велика Британија.&#x20;

LLP плаќа данок само на профитот направен со британски клиенти. На профитот од клиенти од Германија, Норвешка, САД и било која друга земја освен Велика Британија не се плаќа данок.

Ако сте соло фриленсер, само LTD ви е достапна можност за Велика Британија.

#### Пристап до финансиски услуги

За отворање на сметка во банка морате да отпатувате во Велика Британија. Сепак, не морате веднаш да патувате. Можете фирмата да ја направите функционална со финтек провајдер, па да отпатувате кога ќе можете во иднина.

Достапни ќе ви бидат Stripe, Revolut, Wise, Paypal, Monzo и други.

### Естонија

Фирма основана во Естонија (се нарекува OU) ви ги овозможува истите поволности како и оние во САД и Велика Британија. За да ја отворите онлајн, треба прво да станете е-резидент ан Естонија.

За да ја основате на далечина, потребно е прво да станете [е-резидент на Естонија](https://www.e-resident.gov.ee/become-an-e-resident/). Аплицирате онлајн за да ви одобрат е-престој. Тоа чини 100 евра. Картичката за е-резиденти се подигнува во [дипломатско претставништво на Естонија](https://www.e-resident.gov.ee/pick-up-locations/) во која сакате да ви биде испратена. Најблиските се во Будимпешта и Атина. Не може да се испрати во Македонија затоа што треба да оставите отпечатоци од прст. И овие трошоци треба да ги пресметате во основањето.

Ако сакате да се преселите во Естонија, имајте предвид дека е-пресотојот на ви дава право на физички престој и не ве прави даночен резидент на Естонија како физичко лице. Но, олеснува при добивање на дозвола за престој.

#### Основање на фирма во Естонија

Откако ќе станете е-резидент, можете да контактирате агенција овластена за основање на фирми.

Самото основање чини 265 евра плус провизија за агенцијата. Потребно е и да се вложи капитал од 2.500 евра, кој може да се одложи за една година.

Веднаш по основањето, можете да отворите и сметка во банка или финтек.

#### Водење на фирма во Естонија

Трошоците за водење на фирмата вклучувата сметководство од околу 50 евра месечно па нагоре и локален агент кој чини од 200 евра годишно па нагоре.

За компанијата ќе ви треба и [лице за контакт од Естонија и естонска адреса](https://learn.e-resident.gov.ee/hc/en-us/articles/360000624858-Contact-person-legal-address). Тоа ќе ве чини од 30 евра месечно нагоре.

Цените на компаниите кои ги даваат ваквите услуги многу варираат, така што тешко е да се проценат пред да пробате да ја основате компанијата.

#### Даноци кои ги плаќа фирма во Естонија

Естонските компании плаќаат данок на добивка од 20% на распределениот профит. Се додека парите стојат на сметка на фирмата, не се плаќа данок. Но, кога ќе сакате да ги испратите на вашата сметка во Македонија, прво ќе и платите 20% на Естонија, па тоа што ќе остане ќе стигне до Македонија. Потоа ќе платите и 10% персонален данок на доход во Македонија.

#### Пристап до финансиски услуги

Имате пристап до истите сервиси како и компаниите од САД и Велика Британија, плус уште неколку кои ги опслужуваат нордиските земји.

### Други држави

Има уште многу држави каде што можете да отворите фирма и да платите 0% или некој мал процент на данок, како Сингапур, Кипар, Ирска, Романија, повеќето карибски острови, Грузија, итн. Македонија има и помал данок од некои од овие земји, но не дава пристап до финансиски услуги, платежни процесори и слично, како овие земји.

Соодветноста на некоја од овие јкуриздикции зависи од вашите конкретни потреби итоа на кои пазари работите.

Сепак, за огромно мнозинство фриленсери и онлајн претприемачи, LLC во САД е најдобриот начин да се почне со сопствена фирма.

[**ДАЈТЕ МИСЛЕЊЕ ЗА СОДРЖИНАТА**](https://tally.so/r/wz5NE3)


# Основање и водење на фирма во Америка

Основање на компанија во Америка дава најмногу поволности за непречена фриленс работа или работа како агенција.

Јас имам основано таква компанија за да можам полесно да примам исплати од странство без да плаќам даноци за компанијата, a при тоа да имам ниски трошоци за водење.

Сметам дека LLC во Вајоминг а најдобрата можност за работа на глобален пазар од Македонија. Поради тоа ја основав [Neubase](https://neubase.co/), компанија која овозможува да основате ваша компанија во Вајоминг и да работите било што преку неа исто како да сте американски државјанин.

Во продолжение следува начинот на основање и водење и сите трошоци поврзани со тоа.

### Основање на компанија во Америка

Започнувањето со работа има три фази: основање на компанијата, вадење ЕИН број и отворање на банкарска сметка.

#### Основање

Компанијата може да ја основа и секој македонски државјанин. При тоа, самата регистрација мора да ја направи регистрационен агент кој работи од територијата на сојузната држава во која се регистрира компанијата, во случајов Вајоминг.

На регистрациониот агент му требаат само вашите податоци кои сакате да стојат во основачките акти. Тие основачки акти не се поднесуваат до регистарот на компании (како што се поднесуваат до Централен Регистар кај нас, на пример). Во сите случаи, регистрациониот агент ќе пополни терк на основачки акт со ваши податоци, кои вие подоцна можете да го менувате и потпишувате. Меѓутоа, за разлика од кај нас, тие промени не се пријавуваат никаде.

Името на регистрациониот агент стои во регистарот на компании, а вашето на основачкиот акт. Вашето име нема никаде да биде објавено јавно, освен ако сами не си ги поднесувате годишните пријави во наредните години. LLC компаниите во Вајоминг уживаат целосна анонимност.

Регистрацијата на компанијата трае два до три дена максимум. За тоа време регистрационито агент проверува дали името кое сте го одбрале е на располагње, ги поднесува документите до регистарот и назад го добива сертификатот за основаната компанија.

За регистрацијата се плаќа такса од 100 долари. Регистрациониот агент ќе ви наплати и годишна претплата, како и надомест за поднесување на документите. Зависно од тоа кој агент ќе го одберете, до овде постапката ќе ве чини од 200 до 400 долари.

#### ЕИН број

Потоа треба да аплицирате за ЕИН број. Тоа е даночен број. Без него не можете да отворите сметка во банка, што значи дека без него не можете да работите.

За жал, вадењето на ЕИН бројот бара повеќе време кога апликантот е странец без SSN или ITIN број. Во голем број од случаите се добива за 7-10 работни дена, но чекањето може да потрае и до пет недели. Така што, пресметајте повеќе време за ова.

За да се извади бројот, треба да се поднесе SS-4 образец до ИРС. Потоа се чека. Единствено од ИРС зависи кога ќе го добиете бројот. Ако вадите сами, можете да им се јавите на ИРС за да ви дадат ЕИН по телефон. Можете и да ангажирате некого да го стори ова за вас. Цената на оваа услуга на регистрационите агенти се движи од 70 долари нагоре. Генерално, ставаат високи цени за да ги одбијат клиентите.

#### Сметка во банка

Со ЕИН број можете да отворите сметка во било која банка која отвора сметки на американски компании. Не мора да патувате во САД за да отворите сметка. Постојат неколку онлајн банки кои ќе ви отворат сметка од Македонија.&#x20;

Такви се Mercury, Airwallex, Novel, Multis, и други.

Откако ќе аплицирате за сметка, ќе почекате два до три дена за одобрување на сметката. Сметките се отвораат во најголем број случаи, но понекогаш се случува некоја компанија да биде одбиена.

Дел од причините може да бидат:

* Се бавите со бизнис кој самата банка го смета за ризичен (коцкање, обложувалници, давање финансиски услуги, телемаркетинг, трговија со производи од марихуана, нелегални активности, итн.)
* Немате веб страна, поради што банката нема како да добие впечаток за она што го работите. Потрудете се да направите каква таква веб страна пред да аплицирате. [Carrd](https://carrd.co/) чини 19 долари за една година, домеин ќе ве чини уште десетина долари. За 30 минути и триесетина долари можете да имате веб страна за почеток.

Кога ќе добиете банкарска сметка, можете да побарате и да ви испратат платежна картичка. Пред да ја побарате, искомуницирајте со корисничката поддршка околу начините и цената на доставата.

Банкарската сметка потоа можете да ја поврзете со Страјп, Пејпал, итн.

Ако не сакате самите да се снаоѓате низ овој процес, ние во [Neubase](https://neubase.co/) можеме да го завршиме целиот процес за вас. Можеме да ја основаме компанијата, да ви извадиме ЕИН и да ве водиме низ процесот на аплицирање за сметка во една или повеќе банки. Во банките сепак ќе морате сами затоа што не може друг да аплицира во ваше име.

### Водење на компанијата

И овде имаме три дела: годишна пријава, даночна пријава и сметководство.

#### Годишна пријава

Еднаш годишно треба да поднесете годишна пријава во Државниот секретар на Вајоминг. Се поднесува секоја година најдоцна до првиот ден од месецот во кој е основана компанијата. Ако ја основате на 17 девруари, годишната пријава ќе треба да ја поднесувате секоја година најдоцна до 1 девруари (во последните три месеци пред овој датум). Ако ја основате на 10 април, годишната пријава ќе треба да ја поднесте најдоцна до 1 април секоја година.

Таксата за поднесување изнесува 60 долари ако пријавата ја поднесете сами. Ако сакате регистрациониот агент да го стори тоа за вас, тогаш ќе треба да ја обновите годишната претплата кај него и да платите надомест за поднесувањето. Оваа услуга може да ве чини дополнителни 200 долари.

Ако сите работи си ги бркате сами, тоа се сите трошоци за водење на LLC во Вајоминг од Македонија.

#### Даночна пријава

За секоја календарска година треба да поднесете даночна пријава. За LLC кој има само еден основач се поднесувате про-форма 1120 (се пополнува само мал дел) и 5472 за приход кој може да се оданочи (ако воопшто имате тип на приход кој се оданочува). Рокот за поднесување е околу 15 април секоја година за претходната календарска година. На пример, за приходите од 1.1.2023 до 31.12.2023 година, пријавите се поднесуваат до кај 15.4.2024 година.

За компании со двајца или повеќе основачи, се поднесува образец 1065 за секој од основачите. Крајниот рок обично е околу 15 март секоја година за претходната календарска година.

Даночната пријава се поднесува:

* по пошта, сам
* по факс, сам (може и [efax](https://www.efax.com/))
* онлајн преку овластен сметководител

#### Сметководство

Општото непишано правило за сметководство е:

* Ако имате мал број на трансакции, можете и сами да водите сметководство во Ексел, Quickbooks, Xero, итн. Дури и да не водите сами никакво сметководство, на крајот на година можете сами или некој друг врз основа на извод на трансакции од банката да ви ги изготви даночните обрасци.
* Ако имате поголем број на трансакции (на пример имате ecommerce бизнис покрај другите работи и продавате по стотина парчиња месечно), добро е да го аутсорсирате сметководството. Може да користите Quickbooks или Xero и некој да ви ги средува трансакциите таму. Не би требало да ве чини повеќе од 100 долари месечно (има услуги со секакви цени за секаков бизнис). Сепак, таков трошок не би требало да имате додека не почнете да правите многу трансакции за повеќе пари.

[Прочитајте повеќе информации на Neubase.](https://neubase.co/)


# Споредба помеѓу јуриздикции

Некои јуриздикции не се доволно познати, други се преценети. Овде ќе направиме споредба за да го изберете најдоброто решение ако сакате да основате своја компанија.

Ќе направиме споредба помеѓу компанија до Македонија, САД, Велика Британија и Естонија.

Ќе ги земеме предвид најевтините опции во секоја од државите.&#x20;

Има и работи кои не се земени предвид. Тоа се пред се трошоци кои зависат од повеќе фактори, како на пример:

* за основање на фирма во Естонија неопходно е да отпатувате во друга земја каде што имаат амбасада за да ја подигнете картичката за естонски е-резиденти. Потоа треба да плаќате за разни агенции за основање на фирмата, за водење на сметководство, годишни сметки, итн. Ќе ви треба локално лице за контакт и естонска адреса, која обично ја обезбедуваат агенции за најмалку 30 евра месечно. Треба и основачки капитал од 2.500 евра, кој може да се уплати на сметка подоцна (тие пари пак ваши, односно на фирмата).
* фирма во Велика Британија може да се отвори онлајн и да се направи функционална со финтек сметка (Wise и сличните), но за вистинска банкарска сметка таму ќе мора да отпатувате во земјата
* за [фирма во САД](https://neubase.co/) се плаќа годишна такса која зависи од тоа во која федерална држава е основана фирмата (најчесто чини 50-100 долари), а треба да се ангажира и регистрационен агент, кој чини околу 50-100 долари годишно ([поопширно овде](https://www.freelancefrom.mk/firma/osnovanje-i-vodenje-na-firma-vo-amerika))
* фирмите во Македонија плаќаат давачки од типот на фирмарина. Висината е различна за секоја општина. Во градот Скопје изнесува 7000 денари, во Дојран е околу 2000 денари годишно. Кај нас и затворањето на фирмата може да биде долго и скапо.

Во инфографикот подолу правиме споредба помеѓу ДООЕЛ во Македонија, LLC во САД, LTD во Велика Британија, и OU во Естонија.

Во предвид се земени данокот на добивка и персоналниот данок на доход. На тоа додајте ги и придонесите за социјално осигурување, доколку сакате да ги плаќате. Во Македонија придонесите се плаќаат пред да се плати персоналниот данок на доход, а ако парите се исплатат како хонорар од странска фирма, тогаш откако ќе се плати данокот.

Имајте предвид дека пресметката е само информативна. Бројките може да бидат различни во вашиот конкретен случај во зависност од фактори како тоа дали покрај вас ќе се јави уште некој ко-основач, дали ги надминувате праговите за ДДВ, сметководство, итн.

![](/files/OUDEtljKQdXXagWig20t)

Ако се решите да отворите фирма во Сингапур, има трошоци за локален секретар. Компаниите во Рас Ал Хајма (емират од Обединетите Арапски Емирати) имаат даночна стапка од 0% и плаќаат само годишен паушал од околу 1.500 долари без оглед на висината на добивката (најавено е дека наскоро ќе почнат да плаќаат и данок). ИТ компаниите од Романија плаќаат 3% данок на добивката.

Која опција и да ја изберете, добро информирајте се колку плаќате и што добивате за возврат.

Ако ве интересира нешто повеќе за основање на компанија во Америка, [на Neubase има повеќе информации](https://neubase.co/). Нешто накратко и на [овој линк](https://www.freelancefrom.mk/firma/osnovanje-i-vodenje-na-firma-vo-amerika).

[**ДАЈТЕ МИСЛЕЊЕ ЗА СОДРЖИНАТА**](https://tally.so/r/mD6Kpw)&#x20;


# Елементи на договорот

Договорот помеѓу вас и клиентот ќе варира во зависност од тоа какви услуги продавате.

Имајте предвид дека договорот претставува согласност на волји меѓу две страни. Со него двете страни меѓусебно комуницираат што очекуваат од другата страна и што имаат намера да дадат на другата страна. Колку попрецизно ги искомуницирате своите волји, толку подобро за сите. Така се избегнуваат конфликти и неисполнети обврски подоцна.

Договорите имаат елементи. Задолжителни се само предметот и цената, но може да се додадат и други, како услови, рокови, конкурентска клаузула, итн.

Во продолжение следуваат елементите со општи објаснувања и насоки во врска со нив. За подобро да ги сфатите работите, објаснети се преку пример за договор за изработка на лого.

### Предмет на договорот

Предмет ќе бидат услугите кои ги давате. Важно е во договорот прецизно да биде наведено што треба да направите, во кој рок и со каков квалитет.

Ако сте се договориле со клиентот дека ќе му изработите лого, не е доволно прецизно во договорот да ставите дека ќе испорачате дизајнерски услуги. Подобро е прецизно да наведете дека предмет на договорот е изработка на лого. Уште подобро е да се додаде кој одлучува какво ќе биде логото (дали дизајнерот само одлучува за се или клиентот дава насоки), колку пати може клиентот да побара исправки без да му наплаќа дополнително, и слично.

### Цена

Цената можете да ја определите како една фиксна цена за целата услуга, цена по час работа, по дејствие, итн.

Во примерот за логото, можете да определите:

* една фиксна цена за едно лого со две ревизии
* една фиксна цена за лого плус цена за секоја ревизија
* цена за секој изработен час

Повторно, битно е да ги предвидите сите можни сценарија. Најчесто фриленсерите се договараат за фиксна цена, но потоа сфаќаат дека клиентите за истата таа цена бараат повеќе и повеќе работа. Тоа треба да се избегне уште на самиот почеток и да се стави во договорот.

### Рок и услови

Можете да определите рок на испорака на услугата, при што може да определите посебен рок за логото, а посебен за ревизиите. Битно е да определите и рок са плаќање на услугата, дали треба да доставите фактура и сл.

Доколку постојат услови кои треба да се исполнат за да ја извршите работата, внесете ги во договорот. На пример, можете да внесете дека роковите за извршување на работата ќе почнат да течат од моментот кога ќе ви бидат доставени прецизни насоки по емаил. Во случајов, доставата на насоки е услов за отпочнување со течење на рокот.

### Други права и обврски на страните

Секој договор треба да ги содржи сите права и обврски кои ги имаат страните. Понекогаш тие звучат банално, но во ретките случаи на спор не се толку банални.

Можете, на пример, да наведете дека клиентот е должен да ви достави по емаил насоки за изгледот на логото, да ви ги достави спецификациите на брендот, итн, пред да почнете со работа на логото.

Ако клиентот тие материјали ви ги достави на само два дена пред рокот за испорака на логото, имате проблем. Имате проблем и ако не е достапен на телефон и на емаил кога треба да се искомуницира нешто важно за проектот.

Конфликти се случуваат постојано, најчесто заради недоразбирање. Често пати едната страна смета дека одредени работи се подразбираат, иако другата страна поинаку ги сфаќа работите. На пример, вие сметате дека треба да ви се испратат насоки за изгледот на логото, а клиентот смета дека можете да почнете да работите и ако само ја разгледате нивната веб страна.

Како што веќе споменав, со договорот се комуницира она што страните го очекуваат една од друга. Само она што е ставено на хартија e заедничка волја на двете страни. За ништо друго не можете да бидете сигурни дека сте на иста линија со клиентот. Колку и да звучат работите банално, ставете ги во договор.

### Интелектуална сопственост

Во случајот со логото, како и со било која друга креативна работа која подразбира создавање на ново дело, се наметнува прашањето кој ќе ги има правата од интелектуална сопственост по завршувањето на договорот.

Клиентите најчесто очекуваат да ги добијат сите права за она што го плаќаат. Ако вие сакате да задржите одредени права, тоа задолжително внесете го во договорот. Секако, тоа е предмет на преговарање со клиентот. Имате слобода на договарање, така што нема опција која е задолжителна. Може да задржите голем дел од правата, а може да им ги пренесете сите права. Се е ствар на договор.

### Клаузула за доверливост (НДА)

НДА (NDA - Non-Disclosure Agreement) е одредба од договорот (може да биде и посебна спогодба) која определува работи поврзани со соработката со клиентот кои не смеете да ги споделите со никого.

НДА клаузулата/спогодбата содржи:

* што е она што не смее да биде откриено
* во кој временски период не смее да биде откриено (најчесто е неколку години)

Може да содржи и други одредби во зависност од природата на работите кои предмет на НДА клаузулата/спогодбата.

НДА не е задолжителна. Ако не ви ја побара клиентот, најдобро за вас е да ја изоставите од договорот.

### Конкурентска клаузула (Non-compete clause)

И конкурентската клаузула може да биде само една одредба во договорот, а може да биде и посебна спогодба.

Конкурентската клаузула содржи забрана да работите за друг клиент исти или слични работи кои ги работите за клиентот со кој имате договор. Клиентите додаваат ваква клаузула за да се заштитат од можноста фриленсерот потоа да оди кај друг клиент и да имплементира исто или слично решение и со тоа да им создаде конкуренција.

Конкурентската клаузула треба прецизно да определи што е она на што не смеете да работите за конкурент и во кој временски период.

Да биде прецизна значи дека треба да ви го забрани само она кое може да претставува конкуренција.

На пример:

* Ако направите апликација за закажување кај стоматолог за клиент од Македонија, разумно е ако додаде конкурентска клаузула која ќе ви забрани да направите апликација за закажување на стоматолог кај друг клиент од Македонија, можеби и во соседните земји. Не е разумно да ви забрани да правите апликации за закажување тренинг во сала или состанок со сметководител. Исто така, не е разумно клаузулата да ги опфати скандинавските земји ако тој не планира во скоро време таму да ја пласира апликацијата.
* Рокот најчесто е околу две години. Толку е доволно да се капитализира предноста на пазарот. Не е разумно да не можете да изработите иста таква апликација во наредните седум години. Тоа е предолго и нефер кон вас.

Конкурентската клаузула не е задолжителна. Ако не ви ја побара клиентот, најдобро за вас е да ја изоставите од договорот.

### Заштита на личните податоци

Доколку при извршувањето на фриленс услугите добиете пристап до лични податоци на корисници на клиентот, тогаш станувате нивен обработувач. Ако над вас се применува нашиот Закон за заштита на лични податоци или ГДПР, тогаш пожелно е во договорот да вметнете одредби кои ќе претставуваат пишани упатства за обработка. Упатствата може да бидат и во посебен договор.

Битно е да определите кои закони важат во вашиот случај. Ако клиентот е од САД, тогаш тие не се обврзани да имаат такви договори.

### Ограничување на одговорноста

Одредбата за ограничување на одговорноста има за цел да ве ослободи од секаква одговорност која може да настане како последица на она што ќе го испорачате.

Неколку примери за она што може да се случи во пракса:

* Несвесно да повредите нечии права од интелектуална сопственост при изработка на лого
* Да изработите апликација која собира повеќе лични податоци отколку што е неопходно
* Да изработите веб страница која е спротивна на стандардите за пристапност на веб страници

Во сите овие примери вашата работа практично му прави штета на клиентот. Меѓутоа, одредбата за ограничување на одговорноста ќе утврди дека тој треба да внимава на она што му се испорачува. Клиентот ќе биде должен да го прегледа она што му се испорачува и да ве извести дека нема други замерки.

Исто така, може да определите и горна граница на оштета која би требало да му ја исплатите во случај на предизвикување на штета. Тоа можете да го определите како процент од она што тој ви го плаќа.

И содржината на оваа одредба е ствар на договор и зависи од преговарачката моќ на страните. Сепак, стандардно е присутна во ваков тип на договори.

### Меродавно право и надлежен суд

Страните имаат слобода да се договорат слободно чии закони ќе важат во случај на спор и кој суд ќе биде надлежен.

Кога страните се од различни земји, генерално, секој влече на своја страна и сака своите закони да важат и случајот да се решава пред домашните судови.

Често пати се утврдува обврска да се проба со медијација или арбитража пред да се оди на суд.

Кога никој не попушта, обично се бира законодавство како Швајцарија или Велика Британија заради добриот углед во меѓународната арбитража.

Судење и арбитража најчесто не се исплати за договори со мала вредност (неколку илјади долари и сл.). Поради тоа воопшто и не се користат овие можности. Арбитражата се уште е доста скапа. Сепак, одредени законодавства во последните години експериментираат со онлајн арбитража, која е далеку побрза и поефтина од традиционалната.

Во моментов истражувам повеќе на темата. Кога ќе најдам алатка која можете да ја вметнете во договор, ќе ја додадам овде.

### Потпис

Договорот мора да биде потпишан за да биде валиден. Можете да го потпишете своерачно на хартија или електронски.

Доколку потпишувате електронски, важно е да знаете дека кога електронскиот потпис содржи квалификуван сертификат за квалификуван електронски потпис, тој има иста правна сила како и своерачниот потпис.

Листа на издавачите во Македонија е достапна на [овој линк](https://trusteid.mioa.gov.mk/registar_listi/), а на оние регистрирани во ЕУ се достапни [овде](https://esignature.ec.europa.eu/efda/tl-browser/#/screen/home). Кога потпишувате документ со електронски потпис издаден од овие издавачи, тој е валиден.

Понекогаш клиент може да ви испрати договор за потпис преку Docusign, Hellosign или друг издавач. Може да забележите дека тој потпис е бесплатен и не е квалификуван. И тој документ ќе се смета за потпишан, меѓутоа ако стигне до суд и некоја од страните тврди дека не потпишала, ќе треба да се докажува тој потпис. Сепак, огромно мнозинство од електронски потпишаните фриленс договори се со такви потписи.

[**ДАЈТЕ МИСЛЕЊЕ ЗА СОДРЖИНАТА**](https://tally.so/r/3y5MW3)


# Договор кога работите на фриленс платформа

Кога работите на фриленс платформа како Апворк или Фајвер, на вашиот однос со клиентот се применуваат Правилата и условите (Terms of Service) на самата платформа.

Условите под кои работите за клиентите на Апворк се достапни [овде](https://www.upwork.com/legal#anyhire).

Условите под кои работите за клиентите на Фајвер се достапни [овде](https://www.fiverr.com/terms_of_service).

[**ДАЈТЕ МИСЛЕЊЕ ЗА СОДРЖИНАТА**](https://tally.so/r/n0R7Q3)


# Фактури

Фактура е документ кој му го испраќате на клиентот со кој барате од него да ви плати.

Фактура можат да издадат и физички и правни лица. Не постојат никакви ограничувања. Тоа е само еден документ со кој барате да ви платат.

Фактурата треба да содржи:

* Податоци за страните (име и презиме, име на фирма и емаил адреса се доволни)
* Што е испорачано (за што треба да ви се плати)
* Колку треба да се плати

Можете да додадете и рокови, сметки во банка каде што треба да се пратат парите, и сл.

На интернет има многу генератори на фактури. Во продолжение линкови до неколку кои се бесплатни:

[Invoice Generator](https://invoice-generator.com/#/3)

[Zoho](https://www.zoho.com/invoice/free-invoice-generator.html)

[Free Invoice Builder](https://freeinvoicebuilder.com/)

[Invoice Simple](https://www.invoicesimple.com/invoice-generator)

Клиентите може да ви бараат фактури (invoice) затоа што им требаат заради семтководство (освен ако работите преку Апворк и Фајвер).

[**ДАЈТЕ МИСЛЕЊЕ ЗА СОДРЖИНАТА**](https://tally.so/r/wg6aK3)


# Правни аспекти

Минимум што е пожелно/неопходно да има вашата сопствена веб страница се правила за користење и политика за приватност.

Правилата за користење ги утврдуваат правилата по кои посетителите на сајтот можат да ја користат содржината. Ако се работи на едноставен портфолио веб сајт, тогаш ризиците се минимални.

Политиката за приватност ви е потребна доколку сајтот собира лични податоци (Google Analytics, Facebook Pixel, итн). Ако не спроведувате маркетинг кампањи за вашата работа, тогаш подобро е вашиот веб сајт воопшто да не собира податоци.

[**ДАЈТЕ МИСЛЕЊЕ ЗА СОДРЖИНАТА**](https://tally.so/r/w84zow)


# Услови за користење

Условите за користење (Terms and Conditions, Terms of Service...) се договор помеѓу вас и корисниците на вашиот веб сајт.

Вашиот веб сајт е ваша сопственост. Во Условите за користење на веб сајтот ги утврдувате правилата кои важат кога некој ќе ви дојде во вашиот онлајн дом. На корисникот му се остава избор или да се однесува по тие правила или да ја напушти веб страната. Ако остане тука, тогаш е должен да се однесува по правилата кои вие сте ги поставиле.

Една веб страна на фриленсер, под претпоставка дека содржи портфолио и опис на услугите кои ги нудите, доволно е да содржи барем краток опис на тоа што содржи веб страницата и забрана и правила за преземање на содржините. Другото ќе зависи од тоа што имате поставено на страницата.

Ако, на пример, имате листа на услуги и можност за купување на услугите, тогаш и правилата околу купувањето треба да се вметнат во правилата. Во случај некој да ве ангажира преку вашата сопствена веб страница, тие правила ќе важат освен ако не потпишете посебен договор.

[**ДАЈТЕ МИСЛЕЊЕ ЗА СОДРЖИНАТА**](https://tally.so/r/3E75Ln)


# Политика за приватност и банер за колачиња

Политиката за приватност е документ во кој го информирате корисникот за собирањето и обработката на нивните лични податоци од ваша страна, толку ги обработувате.

Ако на веб страната имате инсталирано Гугл Аналитикс, користите Фејсбук Пиксел и плагини за социјални медиуми, тогаш веб страната користи колачиња, што значи дека собирате и обработувате нивни лични податоци.

Ако имате newsletter, тогаш ги обработувате и мејл адресата и името на корисникот кој се претплатил.

Ако на веб страната можат да се купат вашите услуги и да се плати за нив, тогаш обработувате и такви лични податоци.

Под претпоставка дека работите како физичко лице од Македонија или преку фирма регистрирана во Македонија, сето ова во создава обврска да поставите политика за приватност на веб страната и да побарате согласност за обработката од корисниците, што најчесто се прави со cookie банер.

Ако услугите ги давате преку фирма регистрирана во странство, тогаш важат законите на земјата каде што е регистрирана.

Согласно нашиот Закон за заштита на личните податоци, една политика за приватност треба да содржи:

* вашиот идентитет и контакт податоци
* зошто, како и кои податоци ги обработувате
* со кого ги споделувате податоците (односно чии алатки користите)
* правата на корисниците и како да ги остварат правата

Согласноста која треба да ја прибави куки банерот треба да биде:

* слободно дадена, што значи дека не треба да го ограничувате пристапот до веб страницата за оние кои нема да дадат согласност за колачињата
* недвосмислена, што значи дека корисникот мора самиот да преземе активност за давање на согласност („Со користење на оваа страница се согласувате со колачињата и политиката за приватност“ е честа фраза на интернет, но е тотален нонсенс и прибавува правно валидна согласност)
* информирана, што значи дека корисникот треба да е информиран што правите со податоците, и
* специфична за секоја цел на обработка, што значи дека не е валидна општата согласност за сите цели одеднаш.

Доколку имате само мал вебсајт кој го прикажува вашето портфолио, тогаш најпаметно е да го подесите веб сајтот да не собира податоци.

[**ДАЈТЕ МИСЛЕЊЕ ЗА СОДРЖИНАТА**](https://tally.so/r/nPJD03)


# Сценарио 1

Примате пари на сметка во македонска банка како физичко лице. Плаќате само персонален данок на доход, но не се осигурувате. Ги трошите сите пари и не ги инвестирате.

### Што плаќате

Плаќате само 10% од приходот кој го остварувате.

### Што добивате

Повеќе пари остануваат за вас. Прегледите и лекувањето во болниците ќе ги платите приватно. Ако не штедите на друг начин, нема да имате пари за пензија.

### За кого е ова добра опција

Луѓе кои сакаат веднаш да ги потрошат сите пари што ги имаат и не планираат за иднина.

[**ДАЈТЕ МИСЛЕЊЕ ЗА СОДРЖИНАТА**](https://tally.so/r/mVOjl3)


# Сценарио 2

Основате фирма во Македонија. Ги плаќате сите давачки кон државата, вклучително и придонеси за социјално осигурување.

### Колку плаќате

Основањето на фирмата преку регистрационен агент чини од 200 евра нагоре.

Секоја година фирмата плаќа 10% данок на добивка. Првите 3.000.000 денари се ослободени од данок на добивка, што значи дека ако заработувате до 3 милиони (нешто под 50.000 евра) годишно, фирмата е ослободена од 10% данок.

Ако заработувате помеѓу 3 и 6 милиони денари, можете да изберете дали ќе плаќате 10% од нето добивката или 1% од бруто приходот.

Над 6 милиони денари добивка значат 10% данок на добивка.

Ако фирмата стане ДДВ обврзник, ќе плаќа и 18% ДДВ на додадената вредност кон македонски клиенти.

Плаќате и сметководство од 50 евра месечно нагоре. Плаќате и фирмарина од неколку илјади денари годишно.

Во врска со социјалното осигурување имате две опции - да се осигурате или да не се осигурате. Ако се осигурате, тоа може да биде на минимална плата (колку да имате осигурување) а остатокот да си го исплаќате како хонорар.

Ако се осигурате на минимална плата, месечно ќе плаќате околу 7400 денари за придонеси и данок на личен доход. Потоа за хонорарот или дивидендата ќе платите уште 10% данок.

Можете и воопшто да не се осигурувате и само да си исплаќате хонорар или дивиденда. Тогаш плаќате само 10% данок на личен доход. Имајте предвид дека вие и фирмата сте две различни лица пред законот, па затоа секој од вас ќе плати по 10% данок (иако тоа всушност значи дека на два пати ви ја оданочуваат заработката со 10%).

Значи, прво фирмата ќе плати данок, па при исплатата на бруто плата или хонорар ќе платите уште 10% данок како физичко лице.

### Што добивате

Сметки можете да имате само во македонски банки и да ги поврзете со ограничен број на финтек сервиси.

Како физичко лице добивате:

* бесплатно (односно со мала партиципација) лекување во државните болници и приватните кои имаат договори со фондот
* ќе ви тече стаж за пензија од државата (пензија од 70% од сумата на која плаќате придонеси и одите во пензија кога законот ќе ви дозволи)
* ќе можете да користите боледување и породилно отсуство (под одредени услови)
* можно е да станете кредитоспособен

### За кого е добра оваа опција

Ова е опција за луѓе кои сакаат да играат на сигурно со тоа што ќе им тече стаж за пензија.&#x20;

Истовремено, можат пред своите клиенти да настапат како македонска компанија.

[**ДАЈТЕ МИСЛЕЊЕ ЗА СОДРЖИНАТА**](https://tally.so/r/mOMlAw)


# Сценарио 3

Се осигурувате преку Агенција за привремени вработувања или employer of record (во суштина, исто е).

### **Што плаќате**

Доколку се осигурате на бруто приходот, тогаш некаде околу една третина од вашите вкупни примања ќе одат во државниот буџет и државните фондови. Можете да се осигурате и на минимална плата, останатото да го исплатите како хонорар и повеќе пари да ви останат за трошење.

Ќе платите и провизија или претплата за услугата која агенцијата ја врши за вас.

### **Што добивате**

Ги добивате истите работи како и кога би основале ваша фирма во Македонија, само што некој друг за вас ќе ги заврши административните работи и тоа за помалку пари (не плаќате 50 евра за сметководител, фирмарина, итн).  Ќе добиете:

* бесплатно (односно со мала партиципација) лекување во државните болници и приватните кои имаат договори со фондот
* ќе ви тече стаж за пензија од државата (пензија од 70% од сумата на која плаќате придонеси и одите во пензија кога законот ќе ви дозволи)
* ќе можете да користите боледување и породилно отсуство (под одредени услови)
* можно е да станете кредитоспособен

Сепак, ќе немате сопствена фирма во Македонија.

Ако плаќате за приватно здравтвено осигурување и инвестирате во фондови или на финансиските пазари, тогаш ќе се лекувате во приватни болници и ќе имате повеќе пари за пензија. Сепак, кога станува збор за пензија, внимателно направете пресметка колку треба да инвестирате за да ја имате пензијата која сакате да ја имате.

### За кого е добра оваа опција

Фриленсери кои сакаат да:

* се фокусираат на својата работа, а некој друг да се занимава со административни работи за нив
* да бидат осигурани и можеби кредитоспособни
* да ги платат сите давачки кон државата (макар и минималните)
* не им треба своја фирма (односно некој друг им ја води)

[**ДАЈТЕ МИСЛЕЊЕ ЗА СОДРЖИНАТА**](https://tally.so/r/nGAKz3)


# Сценарио 4

Примате пари на сметка во македонска банка како физичко лице. Си плаќате персонален данок на доход и паушал во ФЗО. Имате приватно здравтвено осигурување. Дел од парите ги инвестирате во фондови и на други пазари.

### Што плаќате

Под претпоставка дека во инвестициски фонд уплаќате онолку колку што би уплаќале во државниот фонд, секоја месеци би плаќале:

* 10% данок на личен доход
* 1600 денари за државно здравствено осигурување
* околу 1000 денари за приватно здравствено осигурување
* околу 20% за инвестициски фонд, кои пари на крајот само вие ќе можете да ги трошите

### Што добивате

Добивате чиста сметка со УЈП, приватно здравствено осигурување и заштеда/инвестиција за пензија.

Не ви тече стаж за државна пензија.

Не можете да имате сметка во странска банка, а можете да користите само финтек провајдери кои опслужуваат Македонци.

Нема да бидете кредитоспособен за банките.

### За кого е добра оваа опција

Ова е добра опција за фриленсери кои сакаат:

* да работат сосема легално
* да и плаќаат минимум на државата, а повеќе да задржуваат за себе и за своја корист
* да користат услуги во приватни болници да земаат поголема пензија од приватен фонд

[**ДАЈТЕ МИСЛЕЊЕ ЗА СОДРЖИНАТА**](https://tally.so/r/3jAb9m)


# Сценарио 5

Имате основано фирма во друга држава. Си плаќате персонален данок на доход, паушал во ФЗО и приватно здравствено осигурување. Дел од парите ги инвестирате во фондови и на други пазари.

### Што плаќате

Имате еднократен трошок за основање на фирмата. Ќе ја земеме за пример САД, затоа што е најпрактична опција за фриленсери од Македонија. Тоа ќе чини околу 400-500 долари, по што ќе можете да си отворите сметка во банка. Компанијата можете да ја отворите со [Neubase](https://neubase.co/).

За водење на фирмата ќе ви требаат уште околу 150 долари годишно. Плаќате данок од 0% за фирмата.

Здравственото осигурување ќе ве чини 1600 денари месечно плус околу 13000 денари годишно за приватно осигурување. Тоа се вкупно 32.000 денари.

Во инвеситицките фондови уплаќате колку сакате и кога сакате. Ќе претпоставиме дека плаќате 10.000 денари месечно, што би биле вкупно 120.000 денари за една година.

### Што добивате

Пред клиентите настапувате како американска компанија. Можете полесно да ангажирате други фриленсери да ви помагаат во работата. Ваква компанија не плаќа данок (за разлика од македонска, естонска и британска комапнија) и е доста едноставна и евтина за водење.

Исто така, имате сметка во американска (нео)банка и платежна картичка за фирмата. Имате пристап до Страјп, Пејпал, Брекс и други финансиски сервиси кои не се достапни кај нас.

Данок на личен доход плаќате само на парите кои ќе ги префрлите на македонска сметка. Имајте предвид дека како трошоци на фирмата ви се признаваат трошоци за компјутер, сметки за интернет и телефон, ручеци со клиенти, патувања да се видите со клиенти, итн. Овие трошоци можете да си ги покриете со бизнис картичката.

Потоа можете да си испратите пари во Македонија. На тоа плаќате 10% данок.

За жал, не може компанијата директно од САД да ви уплати за здравствено и пензиско осигурување заради ограничувањата во македонската регулатива. Откако ќе ги оданочите парите тука, можете да си уплатите приватно здраветвено и пензиско осигурување.

Приватното здравтвено осигурување овозможува лекување во приватните болници кај нас.

Инвестирањето во инвестицики фондови наместо во државниот пензиски фонд ќе ви донесе речиси двојно поголема пензија и можност да се пензионирате кога вие ќе посакате, а не кога државата ќе одлучи.

### За кого е ова добра опција

Ова е добра опција за луѓе кои:

* сакаат да бидат независни
* не сакаат да ги трпат ограничувањата посатвени од македонските закони
* не сакаат да работат со македонските банки (освен кога мора парите да си ги исплатат на лична сметка)
* сакаат да работат со (нео)банки и финтек компании од светска класа
* сакаат пред клиентите да настапат како американска компанија
* не сакаат да уплаќаат пари во државните здравтвени и пензиски фондови
* сакаат да се лекуваат во приватни болници
* сакаат парите кои ги уплаќаат за пензиско осигурување да ги трошат за себе без државата да им се меша и да им наметнува колку да плаќаат и кога да почнат да ги трошат

Ако ова е добра опција и за вас, стојам на располагање на <petar@neubase.co>. Или одете на [Neubase](https://neubase.co/).

[**ДАЈТЕ МИСЛЕЊЕ ЗА СОДРЖИНАТА**](https://tally.so/r/w4VBom)


# Сценарио 6

Примате пари како физичко лице на сметка во странска банка или на Payoneer.

### Што плаќате

Ако ги криете приходите од државата, тогаш не плаќте ништо.

### Што добивате

Ги здржувате сите пари за вас.

### За кого е ова добра опција

Нагласувам дека ова не е легално и ве става во ризик од кривично гонење, судења, затвор и плаќање данок со камата. Потребно е да сте комотни со овој ризик.

Исто така, ако не плаќате здравтвено и било какво пензиско осигурување, лекувањето ќе го плаќате приватно и нема да земате пензија.

[**ДАЈТЕ МИСЛЕЊЕ ЗА СОДРЖИНАТА**](https://tally.so/r/nrMBLw)


