Финтек

Финтек компанија е компанија која дава платежни услуги, но не е банка. Финтек компаниите пренесуваат пари од една на друга сметка, даваат и други видови на платежни услуги, но не чуваат пари (парите ги чуваат на банкарски сметки во вистински банки). Замислете ги финтек компаниите како front-end, а банките како backend во трансферот на пари.

Такви се Paypal, Payoneer, Stripe, Paysend, Wise и уште многу други слични на нив. Дозволени се во Македонија (точка 4 на страна 5).

Тешко е да се каже која компанија нуди најдобри услови. Тоа ќе зависи од тоа какви сервиси користи вашиот клиент, во која валута ве исплаќаат итн.

Paypal не е достапен кај нас за примање исплати, но и онака има повисоки провизии и понекогаш знаат да ги замрзнат средствата на корисниците.

Кога станува збор за плаќањата, регулативите низ светот се уште се доста комплицирани и побаруваат големи ресурси од компаниите за да се усогласат со правилата на работа во различни земји и региони. Затоа голем дел од компаниите нудат услуги само на граѓани и жители од Европската Унија, само во САД, итн. Со основање на компанија во странство може да се заобиколат ограничувањата.

Македонија често пати е исклучена од овие текови (што заради домашното, што заради странското законодавство), па поради тоа на фриленсерите кои работат од овде не им се достапни сите овие сервиси. Дополнителен проблем е и застарената регулатива за платежни услуги.

Сепак има еден мал дел кои работат глобално, вклучително и со македонски граѓани.

За да објасниме подобро кои можности ги нудат за македонски фриленсери, ќе ги поделиме во групи:

  • кои ќе ви издадат картичка од која можете трошите на ПОС терминали и да вадите пари од банкомат

  • кои само ќе овозможат поедноставен трансфер на пари од странство до вашата сметка во банка во Македонија

Финтек компании со картички

Кога компанијата ви овозможува користење на нивна картичка, тоа ви дава можност парите да ги трошите директно од сметката во финтек компанијата. Не морате претходно да ги префрлате на сметка во банка.

Payoneer

Payoneer е еден од најпопуларните финтек сервис на глобално ниво. Овозможуваат да примите исплата за услуги, а вашиот клиент при тоа не мора да има сметка кај нив.

Payoneer овозможува и користење на нивна платежна картичка. Со картичката можете да плаќате на ПОС терминали по продавници, да плаќате било што онлајн, или да подигате пари на банкомат.

Сметката се отвора бесплатно и задолжително се поврзува со сметка во македонска банка.

Користењето на картичката се плаќа 30 американски долари годишно. Овој трошок не се наплаќа се додека не ви легнат најмалку 30 долари на сметката. На вашата адреса ќе стигне за 15-30 дена (рокот најмногу зависи од пошта).

Провизиите на Payoneer во моментов се околу 150 денари ($2.75). На тоа треба да ги додадете и провизиите на конверзија на валутата од долари во денари и провизиите на банката која е сопственик на банкоматот.

Native Teams

Native Teams овозможува користење на дигитален паричник (wallet) и на платежна картичка поврзана со тој паричник. Картичката која ќе ја добиете е всушност картичка за вработени на фирмата (службена картичка за трошоци). Вие, всушност, ќе бидете вработен во Native Teams, a парите што ќе ги заработите ќе ги добиете на сметка за трошење.

Клиентот вам ви исплаќа пари (или повлекувате од Апворк) и тие пари одат во вашиот паричник. Клиентот може да ве исплати и преку Пејпал и други сервиси кои не се достапни за македонски граѓани, со оглед на тоа што парите легнуваат на сметката на Native Teams, а тие потоа ви ги распределуваат вам. Провизии и трошоци нема, туку плаќате месечна претплата. Цените на претплатата се достапни на овој линк.

Клиентот не мора да користи Native Teams за да ве исплати.

Од картичката можете да повлекуват пари на банкомат, да плаќате на ПОС терминали, да плаќате онлајн, итн.

Картичката ќе ја добиете на домашна адреса за две-три недели од барањето за издавање.

Paysera

Paysera е речиси идентичен сервис како Payoneer. Ви доделуваат СЕПА IBAN код (исто како да сте од ЕУ). По потврдувањето на идентитетот можете да си порачате и платежна картичка. Картичките се достапни за секој корисник, но ги испорачуваат само во земјите на ЕУ. Можете картичката да ја испратите кај некој познаник во ЕУ, па тој/таа да ви ја испрати потоа во Македонија.

Провизиите на Paysera можете да ги прочитате на овој линк.

Финтек компании без картички (за нас)

Ако финтек компанија не нуди картичка, тогаш не можете да извадите пари на банкомат директно од вашата сметка во таа компанија. Прво морате да ги пренесете парите на вашата банкарска сметка, па потоа да ги трошите.

Овие компании, всушност, само овозможуваат побрз, поедноставен и често поефтин трансфер на пари од странска банка до вашата банка во Македонија.

Wise

Wise е сервис со доста ниски провизии. За да ви исплатат пари преку Wise треба на клиентот да му дадете име и презиме, има и адреса на банката, како и IBAN и SWIFT. Не морате вие да правите профил на Wise за да ви испратат пари, но вашиот клиент ќе мора да направи за да ви испрати средства.

Провизиите се достапни на овој линк.

Wise нудат и платежна картичка на корисниците, но таа е достапна само за луѓе со живеалиште или престојувалиште во земјите на оваа листа.

На интернет може да се налета на тврдења дека и во Македонија може да се добие Wise картичка ако се пријави адреса во друга држава каде што имате некој што може да ја прими картичката по пошта и потоа некој од таму ви ја испрати картичката. Тоа значи дека треба да пријавите лажна адреса во Wise. Тоа може да се случи, но е спротивно на договорот кој го имате со Wise (Customer Agreement). Во врска со ова клучни се два члена од договорот:

Обрнете внимание на членовите 8.2 и 9.1.

Член 8.2 ве обврзува да доставите точни податоци и истите да ги ажурирате како што ќе се менуваат (на пример, ако смените адреса, презиме, и сл.). Исто така вели дека Wise во секое време може да ви побара дополнителна документација да ги потврди податоците кои сте ги доставиле таму.

Членот 9.1 исто така им дозволува да прибават дополнителни информации за вас со цел да го потврдат вашиот вистински идентитет (KYC).

Кои се можните последици ако Wise сфатат дека сте им дале лажни податоци? Членот 25.2 вели дека може да ви ја затворат сметката без претходна најава:

Исто така, Wise е заштитен доколку вие го прекршите договорот или некој закон (види чл.21.9 подолу).

Bankera

Bankera функционира исто како Wise. Можете да отворите лична и бизнис сметка кај нив, но не испорачуваат платежни картички за македонски државјани.

Провизиите се достапни овде.

Paysend

Paysend е еден од наједноставните сервиси за трансфер на пари кои постојат.

Трансферот се врши од еден теелфонски број кон друг. Всушност, бројот е поврзан со сметка во банка или со картичка, а сервисот ги користи телефонските броеви за да ги идентификува сметките.

Провизиите се достапни овде.

Xoom

Xoom e сервис на меѓународен трансфер на пари на Пејпал преку кој странски клиент може да ви испрати пари во Македонија.

Xoom функционира на ист начин како Western Union и Moneygram, само со многу пониски провизии. Откако испраќачот ќе ви ги испрати парите, можете да ги подигнете во кеш од локациите на Риа Капитал низ државата. Провизиите ги плаќа само испраќачот, а примачот не плаќа ништо.

Не е потребно поврзување со банкарска сметка. При подигањето на средствата треба да приложите лична карта.

Bitwage

Bitwage се разликува од другите финтек сервиси на оваа листа по тоа што поддржува и криптовалути. Потребно е и вие и клиентот да имате кориснички профил на Bitwage за да може преку овој сервис да ве исплатат.

Провизиите се достапни овде.

Skrill

Skrill одамна опслужува македонски клиенти, но за нешто повисоки провизии од останатие на оваа листа. Не испорачуваат картички во Македонија.

Black Cat

Black Cat Card e финтек сервис кој е многу сличен на Payoneer. Не испорачуваат платежни картички на македонски граѓани во Македонија. Можете да си направите виртуелен паричник кај нив, но картички испорачуваат само во земјите на Европскиот економски простор.

Провизиите се достапни на овој линк.

Финтек сервиси кои не можете да ги користите

Од популарните платежни сервиси, следните три сигурно не можете да ги користите:

Paypal

Можете да направите кориснички профил на Пејпал, но ќе можете да го користите само за испраќање на пари и за плаќања. Не можете да примате пари на Пејпал сметката.

Во минатото се случуваше македонски државјани да отворат Пејпал сметка претставувајќи се како Словенци, меѓутоа денес Пејпал успева многу полесно да ја детектира локацијата на корисникот. Исто така, се случуваше и да ги замрзнат средствата на оние кои дале лажни податоци.

Доколку денес ви успее да примите исплата на Пејпал сметка претставувајќи се како странец, имајте предвид дека тоа, многу веројатно, е само привремено додека не ве фатат.

Crypterium

Crypterium до пред некое време нудеа платежна картичка и за македонски државјани, но сега веќе не може да се добие картичка. Инаку нивната картичка се врзува со крипто паричник и со тоа овозможува трошење на криптивалути (всушност, криптовалутите ги претвора во долари или евра непосредно пред трошењето).

Финтек за фирми регистрирани во странство

Ако регистрирате фирма во странство, ќе ви станат достапни многу од популарните финансиски сервиси како Stripe, Brex, Paypal, Braintree, Revolut и други.

САД е земјите од ЕУ имаат најдобар пристап до вакви алатки. Затоа може да ве интересира основање на компанија во САД со Neubase и да добиете пристап до world class алатаки за трансфер на пари.

ДАЈТЕ МИСЛЕЊЕ ЗА СОДРЖИНАТА

Last updated