Кредитоспособност

Иако најчесто фриленсерите од Македонија заработуваат повеќе од работниците, не се кредитоспособни.

За банката да ви даде кредит, треба да може да си го врати. За банката да може лесно да си го врати кредитот кој ви го дала, треба вашите приходи да и се на дофат.

Payoneer и странски сметки не и се на дофат. А, нередовните приливи ве прават високоризичен клиент.

Тоа значи дека постојат два проблеми:

  • Ако примате пари на Payoneer картичка, тие пари се вон дофат на банката затоа што не може да ви повлече самата пари од таму, дури и ако Payoneer картичката ви е поврзана со сметка во таа банка, и

  • ако немате редовни месечни приливи (еден прилив од 5.000 евра во февруари и два приливи од по 3.000 евра во мај и еден прилив од 8.000 евра во октомври не се редовни месечни приливи), тоа ве прави клиент кој може да не го врати кредитот. Банките кај нас не преземаат такви ризици. Според овој твит на Сем Пар, основачот на The Hustle, слично е и во САД.

Оттука, шанса да станете кредитоспособен и да земете станбен кредит или некој друг кредит како фриленсер е можно само ако сте целосно социјално осигурани и парите ги добивате на сметка во македонска банка (осигуран преку агенција, ваша фирма или фирма на познаник).

Сепак, ова прифатете го со голема доза резерва и секогаш консултирајте ги банките пред да правите планови или да преземете каков било чекор затоа што на крајот банката има право самата да одлучи дали ќе ви даде кредит или не. Тие имаат некои општи правила за определување на ризикот по кои одлучуваат, но одлуките се носат за секој случај поединечно. Ако вашиот другар фриленсер добил некаков кредит од некоја банка, тоа не значи дека и вие ќе го добиете.

Генерално, вработените во државни институции, во големи фирми (банки, телекоми) и во помали но стабилни и профитабилни фирми (ИТ компании) немаат проблем да добијат кредит (станбен, потрошувачки, било каков), додека вработените во други фирми никогаш не можат да бидат сигурни дали ќе добијат или не. Банката го проценува ризикот за (не)враќање на кредитот во секој посебен случај и одлучува врз основа на таквата проценка.

ДАЈТЕ МИСЛЕЊЕ ЗА СОДРЖИНАТА

Last updated