Политика за приватност и банер за колачиња

Политиката за приватност е документ во кој го информирате корисникот за собирањето и обработката на нивните лични податоци од ваша страна, толку ги обработувате.

Ако на веб страната имате инсталирано Гугл Аналитикс, користите Фејсбук Пиксел и плагини за социјални медиуми, тогаш веб страната користи колачиња, што значи дека собирате и обработувате нивни лични податоци.

Ако имате newsletter, тогаш ги обработувате и мејл адресата и името на корисникот кој се претплатил.

Ако на веб страната можат да се купат вашите услуги и да се плати за нив, тогаш обработувате и такви лични податоци.

Под претпоставка дека работите како физичко лице од Македонија или преку фирма регистрирана во Македонија, сето ова во создава обврска да поставите политика за приватност на веб страната и да побарате согласност за обработката од корисниците, што најчесто се прави со cookie банер.

Ако услугите ги давате преку фирма регистрирана во странство, тогаш важат законите на земјата каде што е регистрирана.

Согласно нашиот Закон за заштита на личните податоци, една политика за приватност треба да содржи:

  • вашиот идентитет и контакт податоци

  • зошто, како и кои податоци ги обработувате

  • со кого ги споделувате податоците (односно чии алатки користите)

  • правата на корисниците и како да ги остварат правата

Согласноста која треба да ја прибави куки банерот треба да биде:

  • слободно дадена, што значи дека не треба да го ограничувате пристапот до веб страницата за оние кои нема да дадат согласност за колачињата

  • недвосмислена, што значи дека корисникот мора самиот да преземе активност за давање на согласност („Со користење на оваа страница се согласувате со колачињата и политиката за приватност“ е честа фраза на интернет, но е тотален нонсенс и прибавува правно валидна согласност)

  • информирана, што значи дека корисникот треба да е информиран што правите со податоците, и

  • специфична за секоја цел на обработка, што значи дека не е валидна општата согласност за сите цели одеднаш.

Доколку имате само мал вебсајт кој го прикажува вашето портфолио, тогаш најпаметно е да го подесите веб сајтот да не собира податоци.

ДАЈТЕ МИСЛЕЊЕ ЗА СОДРЖИНАТА

Last updated