Елементи на договорот

Договорот помеѓу вас и клиентот ќе варира во зависност од тоа какви услуги продавате.

Имајте предвид дека договорот претставува согласност на волји меѓу две страни. Со него двете страни меѓусебно комуницираат што очекуваат од другата страна и што имаат намера да дадат на другата страна. Колку попрецизно ги искомуницирате своите волји, толку подобро за сите. Така се избегнуваат конфликти и неисполнети обврски подоцна.

Договорите имаат елементи. Задолжителни се само предметот и цената, но може да се додадат и други, како услови, рокови, конкурентска клаузула, итн.

Во продолжение следуваат елементите со општи објаснувања и насоки во врска со нив. За подобро да ги сфатите работите, објаснети се преку пример за договор за изработка на лого.

Предмет на договорот

Предмет ќе бидат услугите кои ги давате. Важно е во договорот прецизно да биде наведено што треба да направите, во кој рок и со каков квалитет.

Ако сте се договориле со клиентот дека ќе му изработите лого, не е доволно прецизно во договорот да ставите дека ќе испорачате дизајнерски услуги. Подобро е прецизно да наведете дека предмет на договорот е изработка на лого. Уште подобро е да се додаде кој одлучува какво ќе биде логото (дали дизајнерот само одлучува за се или клиентот дава насоки), колку пати може клиентот да побара исправки без да му наплаќа дополнително, и слично.

Цена

Цената можете да ја определите како една фиксна цена за целата услуга, цена по час работа, по дејствие, итн.

Во примерот за логото, можете да определите:

  • една фиксна цена за едно лого со две ревизии

  • една фиксна цена за лого плус цена за секоја ревизија

  • цена за секој изработен час

Повторно, битно е да ги предвидите сите можни сценарија. Најчесто фриленсерите се договараат за фиксна цена, но потоа сфаќаат дека клиентите за истата таа цена бараат повеќе и повеќе работа. Тоа треба да се избегне уште на самиот почеток и да се стави во договорот.

Рок и услови

Можете да определите рок на испорака на услугата, при што може да определите посебен рок за логото, а посебен за ревизиите. Битно е да определите и рок са плаќање на услугата, дали треба да доставите фактура и сл.

Доколку постојат услови кои треба да се исполнат за да ја извршите работата, внесете ги во договорот. На пример, можете да внесете дека роковите за извршување на работата ќе почнат да течат од моментот кога ќе ви бидат доставени прецизни насоки по емаил. Во случајов, доставата на насоки е услов за отпочнување со течење на рокот.

Други права и обврски на страните

Секој договор треба да ги содржи сите права и обврски кои ги имаат страните. Понекогаш тие звучат банално, но во ретките случаи на спор не се толку банални.

Можете, на пример, да наведете дека клиентот е должен да ви достави по емаил насоки за изгледот на логото, да ви ги достави спецификациите на брендот, итн, пред да почнете со работа на логото.

Ако клиентот тие материјали ви ги достави на само два дена пред рокот за испорака на логото, имате проблем. Имате проблем и ако не е достапен на телефон и на емаил кога треба да се искомуницира нешто важно за проектот.

Конфликти се случуваат постојано, најчесто заради недоразбирање. Често пати едната страна смета дека одредени работи се подразбираат, иако другата страна поинаку ги сфаќа работите. На пример, вие сметате дека треба да ви се испратат насоки за изгледот на логото, а клиентот смета дека можете да почнете да работите и ако само ја разгледате нивната веб страна.

Како што веќе споменав, со договорот се комуницира она што страните го очекуваат една од друга. Само она што е ставено на хартија e заедничка волја на двете страни. За ништо друго не можете да бидете сигурни дека сте на иста линија со клиентот. Колку и да звучат работите банално, ставете ги во договор.

Интелектуална сопственост

Во случајот со логото, како и со било која друга креативна работа која подразбира создавање на ново дело, се наметнува прашањето кој ќе ги има правата од интелектуална сопственост по завршувањето на договорот.

Клиентите најчесто очекуваат да ги добијат сите права за она што го плаќаат. Ако вие сакате да задржите одредени права, тоа задолжително внесете го во договорот. Секако, тоа е предмет на преговарање со клиентот. Имате слобода на договарање, така што нема опција која е задолжителна. Може да задржите голем дел од правата, а може да им ги пренесете сите права. Се е ствар на договор.

Клаузула за доверливост (НДА)

НДА (NDA - Non-Disclosure Agreement) е одредба од договорот (може да биде и посебна спогодба) која определува работи поврзани со соработката со клиентот кои не смеете да ги споделите со никого.

НДА клаузулата/спогодбата содржи:

  • што е она што не смее да биде откриено

  • во кој временски период не смее да биде откриено (најчесто е неколку години)

Може да содржи и други одредби во зависност од природата на работите кои предмет на НДА клаузулата/спогодбата.

НДА не е задолжителна. Ако не ви ја побара клиентот, најдобро за вас е да ја изоставите од договорот.

Конкурентска клаузула (Non-compete clause)

И конкурентската клаузула може да биде само една одредба во договорот, а може да биде и посебна спогодба.

Конкурентската клаузула содржи забрана да работите за друг клиент исти или слични работи кои ги работите за клиентот со кој имате договор. Клиентите додаваат ваква клаузула за да се заштитат од можноста фриленсерот потоа да оди кај друг клиент и да имплементира исто или слично решение и со тоа да им создаде конкуренција.

Конкурентската клаузула треба прецизно да определи што е она на што не смеете да работите за конкурент и во кој временски период.

Да биде прецизна значи дека треба да ви го забрани само она кое може да претставува конкуренција.

На пример:

  • Ако направите апликација за закажување кај стоматолог за клиент од Македонија, разумно е ако додаде конкурентска клаузула која ќе ви забрани да направите апликација за закажување на стоматолог кај друг клиент од Македонија, можеби и во соседните земји. Не е разумно да ви забрани да правите апликации за закажување тренинг во сала или состанок со сметководител. Исто така, не е разумно клаузулата да ги опфати скандинавските земји ако тој не планира во скоро време таму да ја пласира апликацијата.

  • Рокот најчесто е околу две години. Толку е доволно да се капитализира предноста на пазарот. Не е разумно да не можете да изработите иста таква апликација во наредните седум години. Тоа е предолго и нефер кон вас.

Конкурентската клаузула не е задолжителна. Ако не ви ја побара клиентот, најдобро за вас е да ја изоставите од договорот.

Заштита на личните податоци

Доколку при извршувањето на фриленс услугите добиете пристап до лични податоци на корисници на клиентот, тогаш станувате нивен обработувач. Ако над вас се применува нашиот Закон за заштита на лични податоци или ГДПР, тогаш пожелно е во договорот да вметнете одредби кои ќе претставуваат пишани упатства за обработка. Упатствата може да бидат и во посебен договор.

Битно е да определите кои закони важат во вашиот случај. Ако клиентот е од САД, тогаш тие не се обврзани да имаат такви договори.

Ограничување на одговорноста

Одредбата за ограничување на одговорноста има за цел да ве ослободи од секаква одговорност која може да настане како последица на она што ќе го испорачате.

Неколку примери за она што може да се случи во пракса:

  • Несвесно да повредите нечии права од интелектуална сопственост при изработка на лого

  • Да изработите апликација која собира повеќе лични податоци отколку што е неопходно

  • Да изработите веб страница која е спротивна на стандардите за пристапност на веб страници

Во сите овие примери вашата работа практично му прави штета на клиентот. Меѓутоа, одредбата за ограничување на одговорноста ќе утврди дека тој треба да внимава на она што му се испорачува. Клиентот ќе биде должен да го прегледа она што му се испорачува и да ве извести дека нема други замерки.

Исто така, може да определите и горна граница на оштета која би требало да му ја исплатите во случај на предизвикување на штета. Тоа можете да го определите како процент од она што тој ви го плаќа.

И содржината на оваа одредба е ствар на договор и зависи од преговарачката моќ на страните. Сепак, стандардно е присутна во ваков тип на договори.

Меродавно право и надлежен суд

Страните имаат слобода да се договорат слободно чии закони ќе важат во случај на спор и кој суд ќе биде надлежен.

Кога страните се од различни земји, генерално, секој влече на своја страна и сака своите закони да важат и случајот да се решава пред домашните судови.

Често пати се утврдува обврска да се проба со медијација или арбитража пред да се оди на суд.

Кога никој не попушта, обично се бира законодавство како Швајцарија или Велика Британија заради добриот углед во меѓународната арбитража.

Судење и арбитража најчесто не се исплати за договори со мала вредност (неколку илјади долари и сл.). Поради тоа воопшто и не се користат овие можности. Арбитражата се уште е доста скапа. Сепак, одредени законодавства во последните години експериментираат со онлајн арбитража, која е далеку побрза и поефтина од традиционалната.

Во моментов истражувам повеќе на темата. Кога ќе најдам алатка која можете да ја вметнете во договор, ќе ја додадам овде.

Потпис

Договорот мора да биде потпишан за да биде валиден. Можете да го потпишете своерачно на хартија или електронски.

Доколку потпишувате електронски, важно е да знаете дека кога електронскиот потпис содржи квалификуван сертификат за квалификуван електронски потпис, тој има иста правна сила како и своерачниот потпис.

Листа на издавачите во Македонија е достапна на овој линк, а на оние регистрирани во ЕУ се достапни овде. Кога потпишувате документ со електронски потпис издаден од овие издавачи, тој е валиден.

Понекогаш клиент може да ви испрати договор за потпис преку Docusign, Hellosign или друг издавач. Може да забележите дека тој потпис е бесплатен и не е квалификуван. И тој документ ќе се смета за потпишан, меѓутоа ако стигне до суд и некоја од страните тврди дека не потпишала, ќе треба да се докажува тој потпис. Сепак, огромно мнозинство од електронски потпишаните фриленс договори се со такви потписи.

ДАЈТЕ МИСЛЕЊЕ ЗА СОДРЖИНАТА

Last updated