Пензиско осигурување

За да го разберете пензиското осигурување, потребно е да знаете дека тој почива на три столба:

  • Прв столб, кој е државниот пензиски фонд од кој денес пензионерите добиваат пензија секој месец. Тој почива на генерациска солидарност, што значи дека од вашите придонеси ќе се исплаќаат пензии на денешните пензионери, а некои идни генерации ќе обезбедат средства за вашата пензија по 30-40 години.

  • Втор столб, кој е приватен пензиски фонд и во кој уплаќате дел од средствата кои некогаш одеа само во државниот фонд. Наместо сите средства да се слеваат во државниот фонд (прв столб) сега се делат помеѓу првиот и вториот столб.

  • Трет столб, кој е приватен пензиски фонд и не е задолжителен како претходните два. Во него можете да уплаќате кога сакате и колку сакате.

Има и четврта опција, а тоа е да вложувате на финансиските пазари, но за тоа повеќе подолу на оваа страница.

За пензиско осигурување имате четири опции:

  • да не се осигурате воопшто

  • да се осигурате преку фирма или агенција

  • да си уплаќате во трет пензиски столб

  • да си уплаќате во приватен инвестициски фонд или сами да инвестирате на финансиските пазари

Не постои опција да плаќате месечен паушал како со здравственото осигурување.

Да не се осигурате воопшто

Можете воопшто да не одвојувате пари за пензија.

При тоа, кога ќе сакате да се пензионирате во иднина, ќе немате никаква пензија и ќе мора да обезбедувате приходи од друго место.

Да се осигурате преку фирма или агенција

Осигурувањето преку фирма е можно само ако фирмата е регистрирана во Македонија. Тоа отвора опции да се осигурате преку:

  • ваша фирма во Македонија

  • фирма на познаник во Македонија

  • Агенција која ќе ви плаќа придонеси во Македонија и ќе ве отстапи на странска фирма (може и на вашата фирма во странство).

Кој и како и да ве осигура, ќе треба да плаќате 18.8% од месечните бруто приходи во државниот пензиски фонд (односно првите два столба). Уплаќањето во државниот пензиски фонд може да се изврши само ако ги уплатите сите придонеси за социјално осигурување. Тоа значи дека ако плаќате пензиско, ќе морате да плаќате и здравствено, инвалидско и осигурување во случај на невработеност. Не може да се плаќа само пензиско како што може само здравствено.

За хонорар од 100.000 денари, парите ќе се распределат на следниот начин:

Од бруто хонорарот од 60.000 денари, ќе ви остане нето плата од 39.724 денари.

Можете сами да изберете на која сума ќе се осигурате. Можете да се осигурате на минимална плата, а остатокот од средствата да го добивате како хонорар или бонус и на тоа да плаќате само 10% персонален данок на доход, без да плаќате придонеси за здравтвено и пензиско осигурување.

Уплаќање во трет пензиски столб

Третиот пензиски столб е доброволен пензиски фонд кој функционира слично како и инвестициките фондови објаснетi подолу.

Единствена голема разлика која е од значење за фриленсерите е тоа што од инвестицискиот фонд парите можете да ги повлечете кога сакате и да ги потрошите, а од доброволниот пензиски фонд (трет пензиски столб) можете да ги повлечете најрано 10 пред да одите во пензија согласно закон.

Aко треба согласно закон да одите во пензија на 62 години, парите можете да ги добиете најрано кога ќе наполните 52 години.

Во овој пензиски фонд инвестирате кога сакате и колку сакате. Можете секој месец да инвестирате иста сума, а можете и одвреме-навреме да вложувате сума која сами ќе одберете колкава ќе биде. Фондот тие пари ги вложува на финансиските пазари и со тоа најчесто носи принос до кај 5% годишно кој завршува на ваша сметка (минус провизиите за фондот).

За разлика од приватното здравствено осигурување, каде што мора прво да се осигурате во државниот фонд за да се осигурате и приватно, таков услов кај доброволниот пензиски фонд не постои. Можете да вложувате во ваков фонд и ако не сте осигурани во ПИОМ.

Уплаќање во инвестициски фонд

Можете воопшто да не се осигурувате и наместо тоа парите да ги уплаќате во инвестициски фонд. Ова не е приватен пензиски фонд, туку приватен инвестициски фонд. Парите ги уплаќате во тој фонд за да ги заштедите настрана, а при тоа да заработите и камата на тоа.

Овие пари всушност се ваш капитал кој акумулира профит и на тој начин расте во вредност.

Во инвестицискиот фонд уплаќате кога сакате и колку сакате. Исто така, можете парите да си ги повлечете кога сакате. Можете да повелечете дел или сите пари. Нема ограничувања како кај приватниот пензиски фонд (трет столб).

Тоа значи дека ако на 50 години сте заштедиле/заработиле доволно пари, можете веднаш да се пензионирате. Ако сакате можете да продолжите да работите до 72 години. Можете и на 50 години да почнете да работите на пола работно време, а потребата од приходи да ја покриете со парите од инвестицискиот фонд.

Тие пари се ваши, така што сите опции ви стојат на располагање.

Споредба помеѓу државниот пензиски фонд и приватен инвестициски фонд

Да претпоставиме дека:

  • сте почнале да си уплаќате за пензија на возраст од 30 години

  • заработувате по 60.000 денари месечно (заради полесна математика)

Каква е математиката за државниот фонд?

Според пресметката погоре, ќе треба да одвојувате по 11.280 денари секој месец се додека се пензионирате на 64 години (ќе претпоставиме дека стапката и возраста за пензионирање, во случајов за маж, ќе останат исти до тогаш).

11.280 денари х 12 месеци х 34 години = 4.602.240 денари кои ќе ги уплатите во фондот.

Под претпоставка дека ќе живеете уште 20 години, тоа би ви обезбедило во просек по 19.176 денари месечно за пензија. Сепак, согласно закон ќе треба да примате по 70% од нето платата. Таа според погорната пресметка е 39.724 денари, што ќе значи пензија од 27.806 денари.

Каква е математиката за инвестицискиот фонд?

Ако истите 11.280 денари (во пресметката заокружив на 208 долари) ги одвојувате секој месец за во фондот, при што имате годишна камата од 5%, пресметката со овој калкулатор вели дека по 34 години ќе имате за трошење вкупно 212.327 долари (максималниот договор со инвестициски фонд е на 30 години, но можете после тој договор за склучите друг, целта овде е да се направи споредба).

Поделено на истите 20 години, тоа би биле 10.616 долари годишно.

Тоа ќе значи пензија од 885 долари, односно 48.000 денари месечно.

Овие пресметки се само информативни. Детални пресметки ќе направите со луѓето од фондот во кој ќе инвестирате.

Кои се предностите и недостатоците на двете опции?

Државен пензиски фондИнвестициски фонд

Стекнувате право на пензија ако уплаќате најмалку 15 години

Можете кога сакате да ги повлечете парите на сметка и да ги трошите

Морате постојано да уплаќате и не смеете да пропуштите месец

Можете да уплаќате кога сакате и колку сакате, без ограничувања

Парите можете да ги трошите кога ќе стекнете право на пензија согласно закон (кој е предмет на измени одвреме-навреме)

Парите можете во секое време да ги повлечете на сметка и да ги трошите, што значи дека можете да се пензионирате и на 55 години и на 72 години, ако така сакате

Пензијата ќе изнесува 70% од нето платата (согласно сегашните стапки, кои може да се променат со закон)

Ќе имате за трошење онолку колку што ќе заштедите и заработите камата

Ќе добивате пензија додека сте жив/а

Ќе имате пари за трошење до сумата која сте ја заштедиле и заработиле камата на неа

Станувате кредитоспособен/на

Не ве прави кредитоспособен/на

Сами да инвестирате на финансиските пазари

Ако поседувате соодветни вештини за инвестирање, можете и сами да инвестирате на финансиските пазари и така вашиот заработен капитал да создава нов капитал кој ќе го трошите во пензија.

Нагласувам, доколку имате соодветни знаења и вештини за инвестирање на финансиски пазари. Во спротивно, инвестициските фондови се одлична алтернатива, во која некој кој ги познава пазарите инвестира ваши пари за провизија.

Имате неколку опции за самостојно инвестирање:

Светските берзи

На светските берзи можете да тргувате со посредништво на брокерска куќа или банка од Македонија, како и преку странски онлајн брокерски куќи како Interactive Brokers или Trading 212.

Можете да тргувате со акции, фондови, метали, итн.

Удели на инвестициски платформи

Можете да инвестирате во стартапи во рана фаза на развој преку инвестициски платформи. Со инвестицијата добивате удел во компанија која допрва треба да се развие. Можеби ќе успее, а можеби не. Но, ако успее, може неколкукратно да ги поврати вложените средства.

Од Македонија можете да инвестирате преку Republic, Wefunder, Funderbeam и други.

Имајте предвид дека средствата ќе ви останат заробени во инвестицијата се додека таа не се реализира. Инвестицијата се враќа доколку компанијата во која сте вложиле се продаде на друга компанија или ако самата излезе на берза.

Минималните инвестиции за вакви платформи се 100 долари по инвестиција. На американски платформи дозволено ви е да инвестирате најмногу 2.200 долари годишно, освен ако не се акредитирате (за тоа требаат многу пари).

Криптовалути

Пазарот на криптовалути е многу млад и многу волатилен. Истовремено носи голем потенцијал за профит и голем ризик за загуба на средствата.

Инвестициите во криптовалути бараат едукација од финансиска и од техничка природа. Морате да имате претстава како функционира smart contract, да ракувате со крипто паричници, како да пренесувате средства од еден блокчеин на друг, итн.

Помеѓу помалку нестабилните опции за остварување приход од инвестиции во криптовалути е децентрализираното финансисрање (DeFi), поконкретно во давање на заем на вашите средства или во стејкинг.

ДАЈТЕ МИСЛЕЊЕ ЗА СОДРЖИНАТА

Last updated