Споредба меѓу фриленсер и вработен
На интернет често може да се прочита дека фриленсерите ги немаат правата кои ги имаат вработените.
Тоа е точно. Но, ги немаат ни обврските.
Вработените немаат избор освен да ги прифатат обврските кои ги имаат како вработени (читај: придонеси за социјално осигурување), додека фриленсерите имаат можност својот статус да го уредат како што им одговара. Можат да функционираат како бизнис, а можат да функционираат и како вработени.
За да можете да направите информиран избор, во табелата подолу следува споредба во правата и обврските помеѓу вработените и фриленсерите. За можните сценарија кои произлегуваат од ова, прочитајте повеќе во сценаријата на крајот.
Плаќање на придонеси за социјално осигурување
Должен е да плати пензиско, инвалидско, здравствено и осигурување во случај на невработеност
Не е должен да плаќа придонеси за социјално осигурување. Плаќа само ако сам/а сака.
Плаќање само на дел од придонесите
Не може да плати само здравствено или само пензиско осигурување. Мора да ги плати сите придонеси согласно законски пропишаните стапки на бруто платата.
Може да плаќа само здравствено осигурување. Плаќањето изнесува 1600 денари. Ако месечно заработува 22.000 денари или повеќе, фриленсерот плаќа пониска ефективна стапка за здравтвено осигурвање од вработениот. Не може да плаќа само пензиско осигурување.
Боледување
Во случај на боледување, има право на 70-100% од платата (плаќа работодавачот или ФЗО)
Нема право на никаков надоместок дури и ако плаќа паушал секој месец, работи самостојно и треба сам/а да си обезбеди средства за живот за време на боледување
Породилно
Има право на платено породилно отсуство (плаќа ФЗО)
Нема право на надомест за плата за време на породилно отсуство (дури и ако плаќа здравствено паушал, затоа што не зема плата)
Работнички права
Има право на пауза, платен годишен одмор, ограничување на работното време
Сам одлучува за работното време и паузата, така што не се потребни такви права. Нема право на платен годишен одмор затоа што нема ни ограничувања (може сам да си земе одмор кога сака).
Кредитоспособност
Кредитоспособен е доколку банката му верува на работодавачот
Не е кредитоспособен (затоа што нема редовни примања кои во случај на невраќање на кредит би биле на дофат на банката и извршителите)
Неколку појаснувања кои произлегуваат од оваа споредба:
Фриленсерот може да избере дали ќе функционира како бизнис или како вработен. Ако сакате да функционирате како бизнис, немате никакви обврски. Можете да не плаќате ништо освен персонален данок на доход, да плаќате само здравствено и сл. Ако сакате да ги уживате сите работнички права, можете да работите како фриленсер, а да се вработите преку агенција за привремени вработувања, фирма на познаник, или ваша фирма во Македонија.
Вработените имаат право на платен годишен одмор и на боледување, а фриленсерите не. Вработените работат во компании со повеќе вработени и кога еден е на одмор, другите работат дел од неговата работа. Иако, отприлика, вработениот 11 месеци работи, а еден месец одмара, мора да заврши обем на работа за 12 месеци за да ги покрие колегите додека тие се на одмор. Фриленсерот може да работи 11 месеци и да одмара еден месец, но нема кој да го покрива него. Може сепак самиот да се покрие и во тие 11 месеци да заврши обем на работа за 12 месеци и така сам себе да се покрие. На крајот, обемот на работа во една компанија е тој што е и вработените ќе го изработат без разлика за колку денови ќе го сторат тоа.
Вработените работат врз основа на договор за вработување, а фриленсерите на договор за дело.
Договорот за вработување воспоставува однос помеѓу работодавач и вработен. Во таквиот работен однос, работникот е вработен кај работодавачот.
Договорот за дело воспоставува однос помеѓу давател на услугата и примач на услугата.
И двата договори регулираат што треба да се сработи, за која цена/плата, за колку часови, и слично.
Разликата помеѓу нив е во тоа што кај договорот за вработување, покрај она што е наведено во договорот, важат и одредбите од Законот за работни односи. Тие одредби гарантираат минимум денови платен одмор, платено породилно отсуство, пауза од работа и други права кои ги има работникот. Покрај тоа пропишана е и постапка за вработување (распишување оглас итн.), а пропишана е и обврска на работодавачот да не му ја исплаќа целата плата на работникот, туку прво од нејзината плата да ги плати давачките на државата, а потоа да ја исплати само нето платата.
Фриленсерот се договара со клиентот дека за него ќе изврши одредена работа. Клиентот не може да му наметне работно време, локација на извршување на услугата (освен ако двајцата доброволно се согласат на тоа), така што правото на пауза и на одмор се излишни.
Исто така, клиентот нема обврска да задржи пари за даноци и придонеси за социјално осигурување (му плаќате на електричарот за услугата, не му плаќате даноци и пензиско осигурување). Фриленсерот ја добива целата сума за услугата, при што должен е да плати персонален данок на доход, но уплаќањето на придонеси за социјално осигурување ги прави по слободен избор. Ако не сака, не мора да плати.
Вработениот го нема тој избор. Ако работодавецот за него месечно издвојува по 100.000 денари, за трошење и инвестирање ќе му остане само нето платата од 65.679 денари.
Единствената крупна разлика помеѓу договорот за вработување и договорот за дело која делува спротивно на интересите на фриленсерот е тоа што државниот Фонд за здравствено осигурување го плаќа породилното отсуство за бремените жени со договор за вработување, но не и за оние кои имаат повеќе договори за дело, макар и редовно да плаќаат здравствено осигурување за себе. Истото важи и за боледување.
Last updated
Was this helpful?