Фриленсер според македонските закони

Заблуда: Фриленс работата не е регулирана. Фриленсерите немаат никакви права.

Вистина: Регулирана е, само не со Законот за работни односи (каде што е регулирано вработувањето), туку со Законот за облигациони односи (каде што се регулирани договорите).

Фриленсерите немаат работнички права затоа што не се вработени. Но, ги немаат ни обврските. А имаат право на избор дали и колку придонеси за социјално осигурување ќе плаќаат и со тоа да заработат и да заштедат повеќе за себе.

Фриленс работата е регулирана во македонското законодавство. Не можете да се регистрирате како фриленсер, како што може во некои други држави, но тоа не значи дека ништо не е регулирано.

Македонските закони не го гледаат фриленсингот како вработување, туку како слободно давање услуги. Регулирано е преку регулативата поврзана со давањето услуги (договорите), а не со онаа за работните односи.

Тоа е така затоа што фриленсерот не работи на конкретно работно место, туку на конкретен проект. Не работи врз основа на договор за вработување (кое би го врзало со работно место), туку слободно се договара со клиентот за условите под кое ќе ја испорача услугата.

Оттука, позицијата на фриленсерите согласно македонското законодавство овозможува слободно да одберат дали својата работа ќе ја организираат како да се вработени или својата работа ќе ја третираат како бизнис.

Ако сакате да бидете вработен, постојат механизми за тоа. Ако сакате да работите како посебен бизнис, има механизми и за тоа. Ако сакате слободно да давате услуги, имате слобода на тоа.

За да можете да донесете одлука што е најдобро за вас, прочитајте ја внимателно содржината на Freelance from MK, научете што добивате, а што губите со различните избори и потоа направете ја одлуката. Ако не сте сигурни што е најдобро за вас, консултирајте се со сметководител, адвокат, финансиски советник или некој друг што ги познава работите кои може да ви помогнат.

Вашата фриленс работа можете да ја организирате на три начини:

  • како вработен, со користење на некој од механизмите за да се пријавите како вработен, да бидете социјално осигуран и (можеби) кредитоспособен

  • како независен давател на услуги (independent contractor), со тоа што ќе ја искористите можноста да не плаќате придонеси во државниот пензиски фонд и да плаќате паушално во државниот фонд за здравствено осигурување

  • како бизнис, имајќи предвид дека можете да основате компанија преку која ќе давате фриленс услуги на меѓународниот пазар (при што ефективната даночна стапка за фирмата може лесно да дојде на 0% ако фирмата ја основате надвор од Македонија и сами одлучувате дали и колку ќе плаќате социјални придонеси во државните фондови).

Ова не е стриктна поделба затоа што трите начини на работа се испреплетуваат во пракса. На пример, можете да си сновате фирма и да се вработите во фирмата. Можете и да бидете независен давател на услуги без да основате фирма, но де факто да функционирате како бизнис.

ДАЈТЕ МИСЛЕЊЕ ЗА СОДРЖИНАТА

Last updated