Основање и водење фирма во странство

Можете да основате фирма во странство. Во нашите закони не постои апсолутно никаква пречка да основате фирма во странство.

Фирма во странство може да биде многу поефикасна форма на работа за фриленсер од Македонија во споредба со фирма основана во Македонија. Со добар избор на јуриздикција за основање и на форма на компанијата, данокот може да се доведе на 0%, трошоците за водење да бидат пониски од тие во Македонија, а истовремено да имате пристап до странски банки, до Stripe, Paypal, Brex и други финансиски алатки за примање на исплати од клиенти.

Неколку работи кои се битни за странска фирма основана од македонски државјанин:

  • фирмата е даночен резидент на странската држава и таму плаќа данок на добивка (ако воопшто има таква обврска)

  • македонското УЈП или било која институција нема надлежност над таква фирма

  • во дел од странските држави целата процедура може да се направи онлајн без да се патува во таа држава

За да направите паметен избор во која земја да отворите фирма да им служи на вашата фриленс работа или евентуално на онлајн бизнис потфати, потребно е во предвид да ги имате следните работи:

  • трошоците за оворање на фирмата (такса, регистрационен агент)

  • трошоците за водење на фирмата (сметководство, локално лице за контакт, регистрационен агент, годишна такса, итн.)

  • даноци кои треба фирмата да ги плаќа (данок на добивка, ДДВ)

  • пристап до финансиски услуги (процесори за плаќање со ниски провизии)

Овде ќе направам споредба помеѓу само три земји и форми на компанија кои сметам дека може најдобро да ви послужи, како и некои кои се популарни, а не се најсоодветните кои постојат. Тие три се САД, Велика Британија и Естонија.

САД (Вајоминг, Ново Мексико или Делавер)

Limited liability company (LLC) е слично со друштво со ограничена одговорност (ДОО) во Македонија. Сличноста е во тоа што LLC и ДОО се посебни лица кои се целосно одвоени од основачот пред законот. Основачот е физичко лице, а фирмата е правно лице.

Како се основа фирма во САД (Вајоминг, Ново Мексико или Делавер)

Потребен ви е регистрационен агент во САД кој за вас ќе ги поднесе документите до регистарот. Тој и ќе ги пополни обрасците. Ваше е само да му платите годишна претплата и државната такса.

Државната такса за основање во Вајоминг чини 102 долари, за Ново Мексико e 50 долари, а за Делавер чини 90 долари. За која држава и да се решите, агентот за самата регистрација ќе ви наплати 200-300 долари или повеќе.

Потоа треба да извадите ЕИН број. Тоа е она што во нашиот систем е даночен број на фирмата. Тој број ви е неопходен за отворање на сметка во банка. Овој број се добива од ИРС (американското УЈП) и најчесто се чека неколку недели за да се добие.

Откако ќе го добиете ЕИН бројот, можете да отворите банкарска сметка онлајн кај одредени финтек компании кои ќе ви овозможат поврзување со вистинска бизнис банкарска сметка во САД. Можете да добиете и платежна картичка која ќе ви се испорача во Македонија.

Не е потребен основачки капитал.

Можам да ви помогнам околу отворање на ваква фирма. Контактирајте ме на petar@pragmaticlab.io.

Водење на фирма во САД (Вајоминг, Ново Мексико, Делавер)

Трошоците за водење на фирма во Вајоминг се многу ниски:

  • 50-100 долари годишно за регистрационен агент

  • годишна такса од 50 долари за Вајоминг, 0 долари за Ново Мексико (најевтин е, но понекогаш има проблеми со финтек компаниите) и 300 долари за Делавер (Делавер е малку поскап и одговара повеќе за стартап компании со најмалку двајца основачи, не е идеален за фриленсери и индивидуални претприемачи)

Покрај ова, треба да се поднесат два обрасци до ИРС, а тоа се образец 1120 и образец 5472. Се праќаат испринтани по пошта.

Сметководството може да биде бесплатно со Waveapps. Ако имате мал број на трансакции во годината, доволно е да ги водите во ексел табела. Ако имате голем број на трансакции, можете да користите софтвер за сметководство како Quickbooks и Freshbooks и драстично да ги намалите трошоците за сметководство (може да чини помалку од 1000 денари месечно).

Затворање на фирмата чини околу 50 долари.

Даноци кои ги плаќа фирма во САД

Овде ќе се задржиме на LLC (Limited Liability Company) затоа што е најдобрата форма за фриленсер или индивидуален претприемач. LLC е американската верзија на ДОО, но има една голема разлика која вам ви одговара.

Разликата е во тоа што ДОО кај нас (и поголемиот дел од светот) плаќа данок на добивка. LLC не плаќа данок на остварената добивка затоа што е т.н. pass-through entity, што значи дека даночните обврски од фирмата се пренесуваат на основачот (или основачите, ако се повеќемина).

ДОО плаќа данок на добивка како правно лице, па кога основачот ќе ги добие парите на својата сметка како физичко лице ќе плати данок на личен доход. Така, истиот профит направен од една единствена личност, но пред законот две различни лица (правно и физичко), е оданочен два пати.

Pass-through entity статусот на LLC значи дека даночните обврски од правното лице преминуваат на физичкото лице - основач, така што иако се две различни лица пред законот, профитот е оданочен само еднаш. Значи, ако сте основач на LLC во САД (било која од федералните држави), не плаќа данок вашата фирма, туку вие.

Но, постои можност ниту вие да не платите данок и ефективната даночна стапка од работењето на фирмата да биде 0%. Тоа е можно доколку:

  • основачот (или основачите) не се даночни резиденти на САД

  • основачот поминува максимум 30 дена во САД (може и повеќе, но треба пополнување обрасци и докажување со ИРС)

  • компанијата не треба да има редовно вработени државјани или жители на САД (фриленсери може, не се сметаат за вработени)

  • компанијата не смее да има физички простории во САД (на пример, канцеларии, магацини и слично во свој посед, но може да рента магацини, да ги користи тие на Амазон, итн.)

Ако се исполнети овие четири услови, тогаш вие ќе бидете изземени од данок во САД. Треба да се поднесат пополнети обрасци секоја година до ИРС, но не треба да се плати ништо се додека се исполнуваат условите од погоре.

Кога ќе ги повлечете парите од сметката на фирмата кон вашата сметка како физичко лице, ќе должите 10% данок во Македонија затоа што сте даночен резидент на државата. Ако сте даночен резидент на друга држава, тогаш за вас ќе важат правилата на таа држава.

Сум поминал низ овој процес, така што ако сте заинтересирани за основање на фирма во САД и сакате да знаете повеќе, слободно обратете ми се на petar@pragmaticlab.io и ќе го споделам моето искуство.

Пристап до финансиски услуги

На американските фирми достапни им се Stripe, Paypal, Brex, Braintree, Wise и безброј други. Mercury ќе ви отвори банкарска сметка онлајн без да патувате во САД.

LLC основани во Ново Мексико понекогаш имаат проблеми со отворање на банкарска сметка, но не сите.

Американските компании кои нудат некаков производ (особено софтвер) имаат пристап и до голем број на инвестициски фондови.

Исто така, под одредени услови, US LLC може својот профит да ги инвестира на финансиските пазари и со тоа да стекне уште поголем профит. Овие пари се инвестираат пред да се донесат во Македонија и да се оданочат. Ако се решите на ваков чекор треба да бидете внимателни каде и како инвестирате, затоа што одредени приходи подлежат на данок во САД.

Велика Британија

Многу е лесно и евтино да се основа онлајн Limited Liability Company (LTD) во Велика Британија. Тоа е нивната верзија на ДОО и LLC.

Може да основате и LLP (Limited Liability Partnership). LLP мора да има најалку два основачи.

LTD е попогоден за соло фриленсер или претприемач кој сака да работи преку британска фирма. LLP е поефикасна форма за најмалку двајца основачи-фриленсери.

Како се основа фирма во Велика Британија

Основањето чини 12 фунти ако сам ја основате, а ако користите услуги на агент ќе чини нешто повеќе. Морате да отпатувате до Велика Британија за да отворите сметка во банка. Сепак, фирмата можете да ја направите функционална со финтек сметка (Wise и слични), па кога ќе отпаувате таму да си отворите и банкарска сметка.

Не е потребен основачи капитал.

Водење на фирма во Велика Британија

Потребни ќе ви бидат пари за сметководство, кое можете евтино да го решите со комбинација на финтек и на сметководствените алатки од погоре.

На крајот на годината се плаќа годишна такса од 13 фунти.

Даноци за LTD и LLP во Велика Британија

LTD компанијата плаќа данок на добивка од 19% во Велика Британија.

LLP плаќа данок само на профитот направен со британски клиенти. На профитот од клиенти од Германија, Норвешка, САД и било која друга земја освен Велика Британија не се плаќа данок.

Ако сте соло фриленсер, само LTD ви е достапна можност за Велика Британија.

Пристап до финансиски услуги

За отворање на сметка во банка морате да отпатувате во Велика Британија. Сепак, не морате веднаш да патувате. Можете фирмата да ја направите функционална со финтек провајдер, па да отпатувате кога ќе можете во иднина.

Достапни ќе ви бидат Stripe, Revolut, Wise, Paypal, Monzo и други.

Естонија

Фирма основана во Естонија (се нарекува OU) ви ги овозможува истите поволности како и оние во САД и Велика Британија. За да ја отворите онлајн, треба прво да станете е-резидент ан Естонија.

За да ја основате на далечина, потребно е прво да станете е-резидент на Естонија. Аплицирате онлајн за да ви одобрат е-престој. Тоа чини 100 евра. Картичката за е-резиденти се подигнува во дипломатско претставништво на Естонија во која сакате да ви биде испратена. Најблиските се во Будимпешта и Атина. Не може да се испрати во Македонија затоа што треба да оставите отпечатоци од прст. И овие трошоци треба да ги пресметате во основањето.

Ако сакате да се преселите во Естонија, имајте предвид дека е-пресотојот на ви дава право на физички престој и не ве прави даночен резидент на Естонија како физичко лице. Но, олеснува при добивање на дозвола за престој.

Основање на фирма во Естонија

Откако ќе станете е-резидент, можете да контактирате агенција овластена за основање на фирми.

Самото основање чини 265 евра плус провизија за агенцијата. Потребно е и да се вложи капитал од 2.500 евра, кој може да се одложи за една година.

Веднаш по основањето, можете да отворите и сметка во банка или финтек.

Водење на фирма во Естонија

Трошоците за водење на фирмата вклучувата сметководство од околу 50 евра месечно па нагоре и локален агент кој чини од 200 евра годишно па нагоре.

За компанијата ќе ви треба и лице за контакт од Естонија и естонска адреса. Тоа ќе ве чини од 30 евра месечно нагоре.

Цените на компаниите кои ги даваат ваквите услуги многу варираат, така што тешко е да се проценат пред да пробате да ја основате компанијата.

Даноци кои ги плаќа фирма во Естонија

Естонските компании плаќаат данок на добивка од 20% на распределениот профит. Се додека парите стојат на сметка на фирмата, не се плаќа данок. Но, кога ќе сакате да ги испратите на вашата сметка во Македонија, прво ќе и платите 20% на Естонија, па тоа што ќе остане ќе стигне до Македонија. Потоа ќе платите и 10% персонален данок на доход во Македонија.

Пристап до финансиски услуги

Имате пристап до истите сервиси како и компаниите од САД и Велика Британија, плус уште неколку кои ги опслужуваат нордиските земји.

Други држави

Има уште многу држави каде што можете да отворите фирма и да платите 0% или некој мал процент на данок, како Сингапур, Кипар, Ирска, Романија, повеќето карибски острови, Грузија, итн. Македонија има и помал данок од некои од овие земји, но не дава пристап до финансиски услуги, платежни процесори и слично, како овие земји.

Соодветноста на некоја од овие јкуриздикции зависи од вашите конкретни потреби итоа на кои пазари работите.

Сепак, за огромно мнозинство фриленсери и онлајн претприемачи, LLC во САД е најдобриот начин да се почне со сопствена фирма.

ДАЈТЕ МИСЛЕЊЕ ЗА СОДРЖИНАТА

Last updated