Здравствено осигурување

Постојат повеќе можни сценарија за здравствено осигурување како фриленсер:

  • Воопшто да не се осигурате и секој преглед и лекување да ги плаќате приватно

  • Да се пријавите како невработен и така да добиете бесплатно здравствено осигурување

  • Да плаќате паушал во ФЗО и евентуално да си купите приватно здравствено осигурување

  • Преку агенција за привремени вработувања, employer of record сервис или фирма - ваша или на познаник кој што ќе ве осигура

Воопшто да не се осигурате

Никој не ве обврзува да се осигурате ако не сакате.

Доколку имате потреба од преглед или лекување на специјалист, било во државна или приватна здравствена установа, ќе треба да го платите полниот износ на услугата (приватно).

Прегледот кај матичен лекар е бесплатен за сите - осигурани и неосигурани.

Бесплатно осигурување

Бесплатното осигурување е наменето за невработeни и оние кои остваруваат многу низок приход.

Границата е околу 180.000 денари.

Ако вашите примања за претходната календарска година не надминуваат 261.000 денари, не плаќате ништо и имате здравствено осигурување. Треба само да се пријавите во ФЗО.

Ако вашите примања за претходната календарска надминуваат 261.000 денари, тогаш треба да плаќате паушал од околу 1600 денари.

Не мора да сте пријавен како невработен во Агенција за вработување за да добиете здравствено осигурување како невработен. Треба само да подигнете обрасци од ФЗО (во Скопје ги даваат на портирницата на влезот лево), да ги пополните и да ве заведат како осигуреник. Со статусот на осигуреник како невработен следува и право да купите приватно здравствено осигурување.

Плаќање сам/а

Ако за претходната календарска година сте имале приходи од 261.000 денари или повеќе (сумата се менува како што се менува просечната плата), можете сами да си уплаќате здравствено осигурување во ФЗО и со тоа да ги стекнете право на бесплатно лекување (односно со минимална партиципација) во државните здравствени установи и со приватните кои имаат соодветни договори со ФЗО.

Месечниот надомест кој треба да се уплаќа изнесува 50% од придонесот за просечната бруто месечна плата, што е околу 1600 денари. Овој износ ќе се зголемува или намалува како што во иднина ќе се зголемува или намалува просечната бруто плата. Нема секогаш да остане ист.

Важно е да се напомене дека штом почнете да си уплаќате сам/а, имате обврска да уплаќате до крајот на тековната календарска година, освен ако не станете редовно вработен/а. Штом помине календарската година, можете да престанете со уплаќање и да не бидете повеќе осигурани.

Значи, ако почнете да плаќате во март, должни сте да плаќате до декември истата година без разлика дали воопшто имате приходи. Потоа не морате да плаќате, но ако не плаќате ќе немате осигурување.

Постапката за плаќање е следна:

  1. Подигнувате обрасци од ФЗО. Ако живеете во Скопје, се подигнуваат на самиот влез на ФЗО на портирницата. Нема можност постапката да ја истерате онлајн. Целата се води во хартија по шалтери.

  2. Се пополуваат обрасците. Кон нив се приложува копија од извод на матична книга на родени и копија од лична карта. Примаат само копии. Ако поднесете извод во оригинал, ќе ве вратат да ги ископирате.

  3. При поднесување на пријавата ќе добиете број со кој ќе треба да се вратите по некоку дена за да си ја земете декларацијата.

  4. Декларацијата ви дава статус на осигуреник. На неа има фолио број според кој ги плаќате придонесите во банка. Кога ќе платите, ќе имате и здравствено осигурување.

Статусот на осигуреник ви дава право да си купите и приватно здравствено осигурување од приватна осигурителна компанија кое ќе ви ги покрива трошоците во приватните здравствени установи во Македонија.

При купувањето на приватно здравствено осигурување треба да внимавате на следните работи:

  • Кои болести и лекарски интервенции ги покрива а кои не (постоечки хронични состојби секогаш се исклучуваат, за бременост може да се плаќа дополнително, итн.)

  • За кои болници важи осигурувањето

  • Дали треба вие приватно да платите за посетата на лекар, па тие да ви ги рефундираат средствата, или осигурителната копмпанија ви ја плаќа фактурата без вие да плаќате било што.

Цената на полисата за приватно здравствено осигурување зависи од повеќе фактори, пред се вашата возраст и здравствена состојба, но најчесто се движи околу 12-15.000 денари годишно.

Преку фирма/агенција

Плаќањето здравствено осигурување преку фирма, било да е ваша или на познаник, агенција или е исто како да сте редовно вработен кај работодавач. Ако се одлучите на оваа опција, тогаш морате да плаќате и за пензиско и инвалидско и за осигурување во случај на невработеност.

Согласно закон, тоа изнесува 7% од бруто платата.

Ако сте осигурани на минимален износ од 18.000 денари, за здравствено осигурување ќе плаќате околу 2000 денари.

Ако сте осигурани на 60.000 денари, ќе плаќате здравствено осигирување во износ од 4500 денари, кое ќе ви важи само во државните здравствени установи и приватни кои имаат склучено договор со ФЗО (туке не влегуваат приватните болници како Систина, Филип Втори и сличните).

Постојат неколку начини да се осигурате преку фирма:

  1. Фирма која сами ќе си ја основате во Македонија (ДООЕЛ или трговец-поединец)

  2. Фирма на ваш познаник. Ќе фигурирате како вработен во фирмата, иако нема таму да одите на работа. Можете да се осигурате на минимална плата или на целиот износ кој го заработувате. Секогаш кога вашиот познаник ќе уплати плата и придонеси за вас, ќе треба да му ја надоместите разликата која ја загубил.

  3. Агенции за привремени вработувања. Овие агенции функционираат така што вие сте вработен во агенцијата, а таа потоа ве отстапува на вашиот клиент. Можете да се осигурате на минимална плата или на целиот износ кој го заработувате. На агенцијата треба да и платите провизија.

Една од предностите на плаќање придонеси преку фирма или агенција е тоа што:

  • ви обезбедува приход во случај на бременост, под одредени услови, и

  • ви обезбедува приход од страна на ФЗО во случај на боледување кое трае подолго од 30 дена, и тоа на износот на кој што сте биле осигурани.

Сумата која ќе ја добивате од државните фондови за време на боледување и бременост зависи од сумата на која плаќате придонеси.

ДАЈТЕ МИСЛЕЊЕ ЗА СОДРЖИНАТА

Last updated