За FreelanceFrom.MK

Здраво, јас сум Петар.

Правник сум, а во последните 4+ години (покрај други работи) работам фриленс.

Ко-основач сум на Neubase, компанија која овозможува да отворите своја фирма во САД со цел да се ослободите од бирократијата дома. Го изодев тој пат и стојам на располагање за други фриленсери и претприемачи кои работат глобално.

Во моментов во дел од времето исто така работам со Secure Privacy. Компанијата прави софтвер кој им овозможува на корисниците да го усогласат работењето со законите за заштита на личните податоци (GDPR, CCPA, LGPD, PIPEDA и други).

Таму работам се што е некако поврзано со правото - на развој на продукти, на вградување на законите во софтверските решенија, креирање содржини за едукација на корисниците и за блогот, на договори, работам со маркетинг тимот, итн.

Во останатиот дел од времето работам и со други клиенти на усогласување на нивната работа со законите за заштита на личните податоци и на други работи каде што се спојуваат правото и информатичките технологии.

Заговорник сум за користење на едноставен речник во правото и на користење на информатички технологии секаде каде што е тоа можно со цел да се подобри корисничкото искуство во давањето на правни услуги. Посебно обожавам продуктизација и автоматизација на процесите затоа што сметам дека правниците треба самите себе да се направат излишни во работите (како што тоа го прават програмерите со no code алатките).

Во изминативе неколку години поминав низ повеќето проблеми низ кои поминува секој фриленсер кој работи од Македонија.

Според прашањата кои постојано се повторуваат во Фејсбук групите на македонските фриленсери (Сојузен комитет на фриленсери на Македонија, Freelancedonia - Унија на македонски фриленсери и Upwork Huddle - Skopje), многумина ги немаат решено истите тие проблеми.

Затоа го направив овој вебсајт - за да ги соберам сите одговори на битните прашања на едно место. Немаше таков кога јас се снаоѓав. Читав закони, се консултирав со луѓе по институции и со сметководители, тестирав разни алатки, но не мора секој поединечно да го прави тоа. Ни треба база на одговори на сите прашања и, кога не ја прават институциите, ќе си ја направиме сами.

Овде ги собрав одговорите на прашањата од групите кои го споменав погоре, но ако имате какви било други прашања, критики или совети во врска со Freelance from MK, слободно пишете ми на petar@neubase.co или поврзете се на LinkedIn.

Last updated